26 Април, 2024
0.0252

Академска аномија

Објавено во: Колумни 01 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Великанот на социолошката мисла Емил Диркем децении наназад пишуваше за општества во кои доминира дезорганизација, општества во кои моралната ерозија е длабоко навлезена и полека ги гризе одвнатре, во своите дела, до денес ненадминати и постојано цитирани од врвни светски социолошки имиња, пишуваше за специфична состојба на општества во кои вредностите се первертирани, а нормите потполно дерегулирани. Во таквите општества постојните норми и вредности кои го регулираат, насочуваат и водат човековиот живот и човековото однесување се занемарени и самите институции не се во можност да воспостават ред и поредок во повеќето сфери од општественото живеење. Таквите општества Диркем ги нарекуваше аномични, општества во кои отсуствува и во секој сегмент се дерегулира нормата, која е база-основа на сета комуникација и интеракција. Не е многу позитивно кога во социолошките анализи и интерпретации доминира или провејува поимот аномија Овој термин-аномија во континуитет се употребува во рамките на социолошкиот дискурс, и со право може да кажеме дека во било која сфера од општествениот контекст доколку постои состојба на немоќ, апатија, отсуство на вредносен и нормативен кодекс, појдовна точка на објаснување ни е аномичноста на тој сегмент. Но, треба да се има предвид и фактот дека не е многу позитивно кога во социолошките анализи и интерпретации доминира или провејува поимот аномија. Прва асоцијација на секој оној кој ја следи литературата од областа на општествените науки и чие видно поле е пошироко и сеопфатно токму знае за што станува збор и со какви проблеми допрва ќе се соочува одредена општествена сфера ако за неа е асоцијација аномијата. Кога се носат реформи тие треба да бидат прогресивни, а никако регресивни Не случајно деновиве овој поим ми ги мати моите мозочни ќелии и се повеќе елаборирајќи ја состојбата во образовната сфера ми се наметнува како поим кој суштински одговара денес, во ова време во кое живееме. Во не толку дамнешно минато, во периодот кога се случуваа суштински реформи во високото образование, кога на суптилен начин се подјаремуваше автономијата на Универзитетот, малкумина имаа храброст, енергија и доблест јавно да застанат и проговорат за реформите и нивното значење за високото образование. Јас бев една од тие гласноговорници кои во секоја прилика говореа и коментираа дека кога се носат реформи тие треба да бидат прогресивни, а никако регресивни и доколку се превзема нешто тоа истото да се чини за добробит на ообразовниот дискурс. На браниците на штрајкот бев меѓу првите и малкумината кои јавно го поддржуваа и укажуваа на насушната потреба на универзитетската фела јавно да проговори и да се отворат одредени прашања кои се насушни за продуктивни реформи. Дел од моите колеги, признати и познати еминентни професори молчешкум го проголтаа тоа, беа безгласни и неми сведоци на сите збиднувања. Други пак, почитувани и постојано присутни во општествената фела доста долго се мислеа дали да се појават, криејќи се зад плаштод да не се дало поинаква конотација на самиот протест или не дај боже политички да се обоел. Од денешна перспектива без тронка грижа на совест може да кажам дека тие протести беа едни од највпечатливите кога после години се крена гласот на академската и научна елита. Некои можеби кратко помнат, но затоа тука се помладите да потсетат кој бил, кој говорел и кој превземал нешто. Жалам што колегите од другите универзитети тогаш беа само неми сведоци на случувањата, но не за џабе се рекло секогаш биди на браникот на својата професија, бидејќи некогаш можеби и ти ќе бидеш предвесник на нешто ново и суштинско. Дали најпосле ќе се обединиме околу една единствена кауза-а тоа е светоста на универзитетското звање Писаниево е трето од колумните посветени на колегите кои со денови штрајкуваат со глад, универзитетските професори кои само си ја бараат правдината која им се оневозможена, професорите кои се пресечени во нивното напредување само затоа што гласно и јасно проговориле и се спротиставиле на нечии желби. Е мои интелектуалци, е моја академска елито ќе воскликнеш ли конечно и дали најпосле ќе се обединиме околу една единствена кауза - а тоа е светоста на универзитетското звање. Можеби во овие редови ќе прочитате и бол и бес, и гнев и лутина, но тоа е посилно од мене, посилни од мене се и зборовите на огорченост кон оние кои молчешкум аминуваат се. Па каде е достоинството и доблеста на академската фела, жив песок интелегенција испиша мојот покоен професор Корубин и читајќи ја неговата книга сега сфаќам колку вистина има во тие зборови. Ќе ги криеме ли главите како ноеви во песок додека наши колеги го губат достоинството и здравјето, молчешкум ќе шепотиме ли само или конечно гласно и јасно ќе проговориме и ќе се избориме за нашата една и единствена образовна кауза-квалитетот, знаењето и работата на пиедесталот на врвни академски вредности. Ако не ги пресечеме во корен неправдите и ако сега одмолчиме се повеќе ќе тонеме и ќе се тешиме со народната-угоре високо удолу длабоко. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД