19 Април, 2024
0.0286

Алатка која покажува - кој како доаѓа кој повеќе, кој помалку, но сите ја дерат кожата на граѓаните?!

Објавено во: Колумни 31 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Владата на Република Македонија воведе новина, воведе алатка која покажува кој функционер за колку ја олеснил буџетската каса за патувања, но и за трошоци во кафеани, ресторани, бифеа...потег за поздравување.

Веројатно идејата беше да се покаже штедливоста на новите функционери, но едно е сигурно, што е многу, многу е. Сепак, останува надежта дека после воведувањето на оваа алатка, трошаџиите на парите од даночните обврзници ќе се свестат и ќе стават прст на глава, бидејќи веќе стануваат видливи, и мора да се признае, нема да им е се едно како реагира јавноста на тоа.

Но, ајде да се осврнеме на тоа што се случувало во изминатите шест месеци.

Министерот за економија, за кој не знам, а не сакам ни да проверам дали има триесеттина години, за шест месеци како е на функција, потрошил 35 македонски просечни плати за сметки за ручеци, пијалоци, со еден збор за репрезентација. Ако на тоа се додаде и надоместокот за изнајмување на стан, тогаш ќе излезе дека за шест месеци, само за него се потрошени пари од даночните обврзници кои претставуваат без малку за четворица граѓани просечни примања за цела година. А ефектите од неговата работа во владата...помогнете ми, нешто не можам да видам или да се присетам?!

Министерот за култура, се правда дека потрошените пари биле вкупно за сите во министерството, кои кумулативно собрани му ги препишале на негово име...стварно малку пари се тоа за апетисани, вода, безалкохолни пијалоци и за ручеци по елитни кафеани. За шест месеци, во министерството за култура профуцкани се пари од граѓаните кои без малку претставуваат за дваипол работника просечни примања за цела година.

А ефектите од неговата работа во владата...помогнете ми, нешто не можам да видам или да се присетам, освен можеби на една фотографија на министерот гол како пиштол и поништениот тендер за субвенции во сферата на културата?!

Премиерот, разбирливо, најмногу потрошил на патувања, што е логично имајќи ја предвид набиената агенда, особено во сферата на меѓународната соработка и заложбите за враќање на земјата на колосекот кој води кон евро атланските интеграции.

Чудното во сево ова е што истите тие луѓе, со чест на исклучоци од нив до поставувањето на функциите ретко можеше да се видат во елитните ресторани на ручеци и вечери, но сега, кутрите не од што сакаат, туку од што мораат, службата им налага, па научија што се тоа апетисани, чивас, регал морски плодови, од пиле млеко и што уште не.

Во една претходна колумна пишував за едно сведоштво на светиот евангелист Лука. Алатката на владата за тоа кој колку потрошил и паралелата колку трошеле тие пред нив, е само повод да потсетам на тоа сведоштво.

Според евангелието по Лука, во она време некои разбојници претепале некој минувач, го ограбиле и фрлиле во каналот покрај патот. Поминале двајца фарисеи кои го забележале и рекле, ајде да го исчистиме човеков од пијавиците и комарците, па да продолжиме. Претепаниот имал сила да ги отвори очите и да им каже дека е подобро да го остават, бидејќи ако го исчистат од пијавиците и комарците, тие ќе го убијат. Неблагодарник, рекле и го оставиле. По кусо време поминал некој добронамерник, самарјанин, го земал страдалникот, го исчистил, го качил на магарето и го однел во некоја блиска меана, оставил два сребреника и го замолил меанџијата да го гледа човекот, а кога ќе се врати по некој ден ако треба ќе му доплати. По неколку дена човекот закрепнал и излегол да прошета во дворот на меаната. Таму го забележале двајцата фарисеи и се изненадиле што го гледаат жив. Му пришле и прашале дали знае што им кажал кога тие сакале да го исчистат од пијавиците и комарците. Да, одговорил човекот, ќе ме убиевте. На местото на ситите пијавици и комарци кои беа закачени на секаде по моето тело, ќе дојдеа нови, гладни, ќе ми ја доцицаа крвта и јас ќе умрев.

Сега во новиот живот, како да ни се повторува истата приказна, само со нови играчи, некои нови партиски жонглери ќе си ги преседат мандатите без желба да се рационализира бројот на административците, особено на оние што седат дома, а на први земаат плата. Од силните состаноци на кои се јаде и пие, нема време за реформи, а уште помалку за подигање на стандардите на работење на јавната администрација и сервисните служби за граѓаните.

Во една прилика кога еден пријател што ја прочитал спомнатата колумна ме праша, во нашиов случај кои се фарисеите, а кои самарјаните, го погледнав и го прашав зошто не го поставуваш вистинското прашање - кои се ситите, а кои гладните пијавици?!

Драги и велемудри министри, парламентарци, веле големци, празникољубци и животољубци, не чекајте граѓаните да ви го дадат одговорот на ова прашање, воопшто не е оправдување дека тие пред вас повеќе од вас трошеле! Прашањето е дали има оправдување, дали има потреба и причина да правите толкави трошоци за курназлуци и чаталење?! Верувам знаете дека тоа се малограѓански манири.
Тие пред вас си го добија, а дел од нив тек до прва ќе си го добијат тоа што го заслужуваат.

Вие, во услови на висока стапка на невработеност, во услови на зголемени животни трошоци, со чест на исклучоци, пред да дојдете на позициите што ги имате, не се расфрлавте со вашите пари, туку сега со пари од граѓаните удривте на апетисани, скапи ручеци по елитни ресторани, а кафињата и водата што ги спомнувате како сериозен аргумент кој влијае на високите трошоци...дајте, немојте да се резилите, тие не се голем трошок, кафето во бифињата на министерствата чинат од 15 до 25 денари, флашираната вода е 12 денари, а илјадниците евра трошок не се прават ниту од кафето, ниту од водата. Со еден збор, колку и да е помал вашиот трошок од тие пред вас, пак е многу.

Што е многу, многу е, скромноста треба да биде човечка доблест, а не слабост, барем така не учеа нас и дома и во училиште, само очигледно и тогаш како и сега имаше и такви кои бегаа од часови...кој знае, можеби се спремале да бидат високи функционери, но внимавајте, сега со воведувањето на оваа алатка, станувате видливи, а граѓаните се мошне чувствителни на начинот и намената на трошењето на нивните пари.

Воислав Зафировски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок