Аманатидис: Владата во ФИРОМ продолжува да ја следи нејзината политика на одолговлекување
Објавено во: Македонија, Балкан 29 Септември, 2016
Владата во ФИРОМ продолжува да ја следи нејзината позната политика на одолговлекување околу спорот за името, вели грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јанис Аманатидис.
Вели дека напредуваат разговорите за мерките за градење доверба, со кои двете страни работат на подобрување на меѓусебната комуникација и на соработката.
„Како што е познато, мерките за градење доверба не се поврзани со спорот за името. Мерките се производ на нашата иницијатива да се зацврстат општествените и економските врски меѓу Грција и ФИРОМ. Помагаат за да се воспостави доверба. Во однос на спорот за името, потребно е да созреат условите кај соседната држава за да прифати суштински компромис“ - посочи Аманатидис.
Политичките разлики меѓу двете страни, според Аманатидис, може да се надминат само ако македонската страна ја напушти политиката на иредентизам и се посвети на подобрување на заедничките врски.
„Меѓутоа, вакви врски не може да се изградат додека се одржува иредентизам и флагрантно фалсификување и присвојување на грчката историја и културно наследство“- изјави тој.
Тој пред пратениците објaсни дека грчката влада не направила никаква промена во практиката со македонските пасоши и апелираше да се стави краj на политиката на иредентизам за да се подобрат билатералните врски меѓу двете страни.