16 Декември, 2018
0.3259
    ALK 8197.71    -1.16%     FERS 67900    0%     GRNT 800.16    -2.3%     KMB 5024.07    -0.79%     MPT 46679.54    -1.73%     MTUR 4900    0%     OHB 6517    -0.43%     OILK 6000    0%     OKTA 4350    0%     RMDEN12 97.3    0.31%     RMDEN15 96.8    -0.41%     RMDEN16 97    0%     SBT 1950    8.22%     SOLN 170    0%     STB 1281.65    -0.63%     TEL 299.58    -0.14%     TNB 14180    -0.14%     TTK 1270    -0.78%     ZLRB 6170    311.33%

Американците испратија ултиматум до Русија, таа пак како да не го забележува

Објавено во: Колумни 07 Декември, 2018

Не помина ни еден месец од изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, дека САД ќе го напуштат Договорот за ракетите од среден и краток дострел, па во вторникот попладне американската амбасада во Москва испрати документ во руското Министерство за надворешни работи во кој се најавува напуштање на Договорот по истекот на 60 дена, доколку Русија не почне да ги почитува условите од него. Пред десетина дена на страниците на Фактор се запрашавме дали изјавата на Трамп и изјави на други американски политичари за напуштање на Договорот не значат игра на нерви или подготвки за нова светска војна.

Играта очигледно продолжува, но овој пат со ултиматум од американска страна. Или-или, беше изјавата на државниот секретар Мајк Помпео, кој ја потврди содржината на документот кој Американците го испратија до Русите. Очигледно играта на нерви продолжува и опасноста од нов светска војна не е отстранета.

За поткрепа на својот став Американците во Брисел деновиве инсистираа и добија јавна поддршка од другите членки на НАТО. Се очекува заедничка координација околу Договорот. Овде се поставува прашањето, а што стана со ставовите на некои членки на Алијансата за дијалог меѓу САД и Русија? Не е јасно кои беа аргументите на тие членки за отказ од своите ставови. Згора на ова привлекувањето на европските членки за САД значи можност да се водат дискусии и за други притисоци врз Русија. На пример, економски, како што е гасоводот „Северен тек-2“.

Одговорот на Русите на ултиматумот не чекаше долго. Претседателот на Русија, Владимир Путин рече дека ако САД сметаа дека треба да имаат оружје кое сега е опфатено со Договорот, тогаш и Русија ќе го направи истото. Додавајќи дека Американците во 2002 година еднострано излегле од Договорот за против ракетна одбрана. Некои експерти во Русија сметаат дека САД по излегување од Договорот за ракетите од среден и краток дострел ќе излазат и од договорот СТАРТ-3, за намалување на стратешкото нуклеарно оружје, потпишан во 2010 година во Прага. А сето тоа ќе значи дека Американците веќе нема да почитуваат никакви договори со што ќе се отвори патот кон милитаризација. Путин, исто така, смета дека на Американците им пречи и фактот што со Договорот се опфатени само тие и Русите, додека десетици други држави произведуваат ракети од среден и краток дострел.

Покатегоричен од Путин е началникот на генералштабот на воените сили на Руската Федерација, Валериј Герасимов. Во четвртокот на собир со странски воени аташеја во Москва. Според него, излегувањето на САД од Договорот ќе ја отвори Пандорината кутија. Тоа нема да ја спречи американската администрација, дури и по неколку години или десетлетја да размести на границата со Русија ракетни системи, способни да достигнат која било точка на територијата на Федерацијата за броени минути. А Москва тоа не може да го дозволи. Оттука и неговата сериозна закана: „ Имајќи предвид дека во салава има официјални претставници на странски воени мисии, би сакал преку вас да им испорачам на вашите раководители дека ако Договорот се разруши, тогаш тоа нема да остане без одговор од наша страна“.

Но ова како малку да влијае врз ставот на Американците. Па вчера од Вашингтон дојде порака за Москва. Во неа беа изложени чекорите кои се очекуваат од Русија со цел таа да се врати кон почитување на Договорот. Нив на новинарите им ги соопшти Андреа Томпсон, заменик државен секретар задолжен за контрола на оружјето и меѓународна безбедност. „Ние накратко и ги изложивме на Русија редицата следни чекори, кои таа ги знае. Тоа се делови од содржината на заеднички потпишаниот договор“. А тоа значи или откажување од ракетите со кои сега располага Русија, или пак да се промени нивниот систем за да може нивниот радиус на дејство да биде лесно проверлив“, соопшти Томпсон.

Од руска страна тврдат дека Американците немаат никакви докази дека нивното оружје го нарушува договорот. И дека се поддржува Договорот. Марија Захарова, портпаролот на руското МНР, на редовниот брифинг изјави дека Договорот е столб на стратешката стабилност и меѓународната безбедност. И дека Русија е против негово кршење и е за продолжување на дијалогот.

Се јави и поранешниот генерален секретар на ЦК КПСС, Михаил Горбачов, кој заедно со сега покојниот Џорџ Буш го потпишаа споменатиот Договор. Во текст за TIME, Горбачов нагласи дека заедно со Буш успеале да ја постават основата за партнерство меѓу Москва и Вашингтон, меѓутоа сега тие достигнувања се под закана. Во светот е надвисната опасноста од нова конфронтација. Тој повика на заеднички напори да се спречи тоа.

Дали е баш така? Има и други гледања. Германскиот професор, Јоахим Краузе, од Универзитетот во Кил од Институтот за безбедност укажува во интервју за „Тагесцајтунг“, на хистерија по овој повод. Според него поимот „трка во вооружување“ е поврзан со апокалиптични  асоцијации. Но не треба да се потпаѓа под нив. Зашто станува збор за стремеж на Русија за стратешки конфронтации, најмалку од 2014 година, со западни држави и тоа во воена област. А НАТО и ЕУ се принудени да реагираат. И тоа го прават ефикасно со воени акции, а ЕУ со санкции. Тој смета дека Германија не треба да настојува за зачувување на договорот. Од причина што тој не ја обезбедува безбедноста на Германија. Договорот се однесува на ракети од копнено базирање, а сега има развиено толку други оружја што тој не ги опфаќа, било да се базирани на море, под море, во воздух. Краузе смета дека во моментов е најважно да се избрише воено - политичката претпоставка на Москва дека во Европа е можна победоносна офанзивна војна.

Во поткрепа на своето тврдење дека Договорот нема некое значење, Краузе посочува дека и Американците во Романија имаат разместено ракетни системи кои можат да лансираат ракети „Томахавк“ со далечина од 2.500 километри, што е забрането со Договорот. Значи и тие на одреден начин го кршат договорот. Оттука и заклучокот дека тој нема многу смисла, бидејќи се однесува само на копнено базирање.

Американскиот ултиматум ја става Москва пред сериозен избор. Од една страна таа треба да одговори на ширењето на НАТО кон Исток, бидејќи сега го нема Варшавскиот пакт кој ја штитеше Русија од ракети од среден (500-5500 километри)  и краток(500 до 1.000 километри) дострел. А од друга таа мора да се заштити од евентуалните напади од земјите членки на НАТО, кои се на нејзините граници. Многу работи зависат и од тоа како ќе се развиваат работите во САД со истрагата околу неговите врски со Русија. Ако го отстранат од власт, тогаш ќе дојдат демократите кои многу не ја милуваат Русија. Така што притисоците врз неа ќе се зголемат.

Понекогаш Русија како да заборава дека ја нема моќта на СССР. Иако Путин не еднаш јавно изјавил дека во светот САД се број еден. И воено и економски. И не може сега Русија да бара од САД рамноправност во односите. Таа треба да биде среќна ако Американците не побараат намалување на стратешкото нуклеарното оружје. Вчера американскиот амбасадор во Москва Џон Хантсман во едно интервју ја отфрли загриженост на Русија дека САД можат да излезат од Договорот СТАРТ-3. Тоа е предвремен заклучок, рече Хантсман, додавајќи дека двете земји го исполнуваат тој договор. „Засега нема никакви решенија за тој договор. Но ми се чини добро е што двете страни го почитуваат овој важен договор“, додаде тој. Но, од друга страна, Џозеф Данфорд, претседател на Комитетот на началниците на Вооружените сили на САД во дискусија во „Вашингтон пост“, изрази сомнеж дека ќе биде продолжен и договорот СТАРТ-3.

Сега овде треба да се потсетиме на една неодамнешна изјава на Доналд Трамп, дека САД ќе постигнат договор за разоружување со Русија и Кина. Како мисли да го направи тоа? Големата слика се појавува. Погоре споменавме, САД сакаат да излезат од сите договори за вооружување. А потоа да почнат преговори кои би завршиле со нови договори, но се разбира со почитување на новите реалии. Проблемот е да се најде начин  - вината за нарушување на договорите да се префрли на Русија. Од друга страна Русија е свесна за потребата од нови договори, но и таа не сака да биде обвинета за нарушувањето. Збаејќи го сето ова тие наместо да седнат и да почнат преговори за нови договори си играат игра која чини нерви, но и крие опасности.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Сторија за Кинезот

Сторија за Кинезот

Ципрас не го убеди Путин за „Преспанскиот договор“

Ципрас не го убеди Путин за „Преспанскиот договор“

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ

Плоштад Слобода

Плоштад Слобода