28 Март, 2024
0.0352

„Американската држава Македонија“

Објавено во: Колумни 19 Мај, 2018

Добивај вести на Viber

Руската пропаганда веќе не е инвентивна. Ни кон Македонија. Неодамна на телевизијата „Русија 24“ имаше дебата посветена на Македонија. Подолго од еден час во студиото расправаа експерти, а беше прикажан и документарен филм „ Американската држава Македонија “ во кој зборуваа дел од маргиналните политичари во државава, грчки политиколози и издавачи...

Самиот наслов на филмот зборува која беше целта да се направи тој. Да се покаже од изговореното од устите на македонските соговорници и од авторот на филмот дека Македонија е заробена држава од Американците. Грците и некои други македонски учесници беа присутни во него за да се покаже дека Македонија нема само внатрешни проблеми, туку и меѓународни, спорот со Грција околу името, па и економски во државава, за кои голема вина има премиерот Зоран Заев.

Она што го содржи филмот и можеше да се очекува со оглед на учесниците во него. Солза Грчева, Јанко Бачев, Миленко Неделковски ја кажуваат својата вистина за Македонија. Филмот почнува со собирот пред руската амбасада по одлуката на Македонија да протера руски дипломат, кога „насобраните и даваат поддршка на Русија“ и небаре се крстат во неа. Па ќе видите и ќе чуете дека Американците ни ги избираат премиерите, судиите, претседателите на изборната комисија...дека речиси се што било, и е во власта е со американски изим, дека Џорџ Сорос истурил река пари во Македонија за борба со власта. Грчките учесници, пак,  агресивно зборуваат за „украденото“ име, а локалците од Струмица за стекнатото богатство на Заев за време на неговото градоначалникување  и наздравуваат за Русија. Сето ова беше проследено со исечоци од настани, демонстрации, инсерти од разговор на Зоран Заев и Никола Груевски, тајно снимен во владата, поврзан со прислушкуваните разговори, или пак разговорот на Заев со соговорникот околу парите потребни за изградба на црква во Струмица.

Она што беше кажано во филмот и е, и не е многу важно. Тоа служи за запознавање на руската публика со состојбите во Македонија, онака како што замислил пропагандистот. Да не заборавиме дека Русите, новинарите, доаѓаат во Македонија со однапред подготвено сценарио. Слично и како Американците во конфликтот од 2001 година. Приказната е јасна, само треба да се најдат соговорници кои ќе ја потврдат. Имав колеги овде за време на шарената револуција, кои однапред велеа дека станува збор за украинско сценарио. И така беше прикажана состојбата во Македонија во тоа време, речиси од сите руски ТВ екипи.

Но во филмот не се битни пропагандистичките цели. Многу поважно за мене барем, беше она што беше искажано од соговорниците во студиото. Реномирани политиколози, научници, медиумски работници, доктори на науки...Го изгледаа филмот и од она што го искажаа во заклучокот практично го демантираа неговиот автор, па и соговорниците. Го демантираа насловот на филмот. Некој дури рече дека насловот е навреда за Македонија.

Овде една мала дигресија. Емитувањето на филмот донекаде се совпадна со  деновите кога претседателката на Горниот дом на рускиот парламент, Советот на федерацијата, Валентина Матвијенко беше во Сараево. Како што беше пренесено од Сараево, таа во своето обраќање пред босанските парламентарци изјавила дека „приемот на Црна Гора и Македонија во НАТО ја загрозува европската безбедност“ а западот „на сила“ ја примил Црна Гора во Алијансата и покрај тоа што повеќе од половината граѓани биле против. Во својот говор таа предупредила дека НАТО спроведува сличен експеримент и во Македонија и дека сака државата насила да ја вовлече во Алијансата.

„Неодамнешниот нелегален прием на Црна Гора во НАТО, практично се случи против волјата на половина од населението во земјата. Ова е најжестокото прекршување на основните принципи на современата демократија. Овој чекор води кон понатамошна дестабилизација на регионот и го поткопува системот на европската безбедност. Сега се обидуваат со еднакво опасен експеримент во Македонија“, рекла Матвијенко. За неупатените, Матвијенко беше амбасадор на Руската Федерација во Грција од октомври 1997 до септември 1998 година. Истапот на Матвијенко во Сараево зборува дека власта во Русија се уште игра со старите карти и погледи кон меѓународната политика. И за жал не ги слуша експертите.

А тие во емисијата на посветена на Македонија имаа донекаде и други погледи кон развивањето на односите. Што заклучија експертите во разговорот во студиото? Најнапред дека на Русија и недостига стратегија за настап на Балканот, а во тие рамки и во поглед на односите со Македонија. Не може да се претендира да се има добри односи со Македонија, а амбасадорот да не го говори јазикот на земјата домаќин, а згора на тоа да биде упатен во неа, откако претходно бил  на дипломатска служба во земји од Африка, рекоа некои од соговорниците.  Русија нема инвестиции во Македонија, не во тој обем како земјите од Европската унија. Трговската рамена на балканските земји, па и на Македонија е 70 проценти со ЕУ, исто и инвестициите. А Русија во размената учествува со 7 проценти. Слично и во инвестициите. Станува збор за неколкукратно повисоки показатели во полза на земјите од Западот.

Секако се слушнаа ставови и за таканаречената воено неутрална опција Б4. Застапникот на таа идеја како да заборави дека Црна Гора е во НАТО, а Македонија е на прагот да стапне во Алијансата. Одговорот на ваквиот став дојде од соговорник, кој објасни дека поддржувачи на Б4 се маргинални групи политичари, и таа идеја нема поддршка во државите. Затоа и не треба да се очекува многу од неа. Згора на тоа беше речено дека сите држави од Балканот, па и Македонија сакаат да влезат во ЕУ. А зошто сакаат да одат на Запад, дури и миграцијата е кон таму? Затоа што Русија нема што да им понуди.

„Зошто Американците даваат пари за обнова на македонските цркви, а ние не и тоа за цркви кои не се грчки, туку словенски. Што прави нашата РПЦ“, праша еден учесник во дебатата. „Зошто не го посетуваме туристички Охрид, кој има најстаро езеро, кој има цркви и од каде што е дојдена писменоста кај нас“? „Зошто за Скопје мора да летаме преку Истанбул“? „Зошто да не пиеме вино „Кадарка“ кое им е омилено на Германците“? „Зошто немаме договор за слободна трговија, туку јаболката македонски мора да ги увезуваме од Србија или Бугарија“?, се редеа прашања во студиото.

Според некои соговорници не треба да се преувеличува американското влијание во власта. Ако беше така, велат тие, тогаш немаше да биде потребна една година за соборување на власта на Груевски. Американците ќе го викнеа албанскиот партнер во власта и ќе му речеа веднаш да излезе од неа. За 24 часа власта ќе паднеше. Но тоа не се случи.

За односот на Русија кон Македонија зборува и податокот дека Сергеј Лавров последен пат бил во Македонија во 2011 година. Ако Македонија, како центар на Балканот е многу важна за Русија, тогаш работите мора да се менуваат. Се разбира во контекстот на дискусијата за Македонија работите отидоа и до Балканот. Па некои бараа подобри односи со Албанија. Се чу дека Тачи и Харадинај од Косово, пред десет години биле во Москва, но заминале од таму со празни раце. Се побара Русите да го искористат своето влијание во Србија, па да отворат таму своја воена база. Или пак, ако може да се има добри односи со Турција, зошто да нема добри односи со државите од Балканот. Конечно и ставот дека засега единствено историјата може да биде еден од постаментите врз кој ќе се работи во поглед на унапредување на односите со Балканот и Македонија.  А секако и да се проучи американскиот приод кон Балканот. Американското искуство, и да се види што правеле Американците и како успеале да го наметнат своето влијание. И конечно да се знае дека нема евтино пријателство.

Ако се следи што велат експертите, а што во пракса прави Русија, тогаш очигледно државата се уште вози по колосекот изграден пред десетици години. Во желбата за стабилност на регионот и на Македонија, ако вистински постои, Русија треба едноставно да го следи примерот на нејзините односи со Словенија, која е членка на ЕУ и на НАТО. Македонија кога ја определуваше својата иднина во почетокот на деведесеттите години имаше да бира меѓу Русија на колена, истоштена и сиромашна и САД, богата земја, победник во Студената војна. Ако веќе се продаваш тогаш продај се на побогат. Тоа беше логиката на Македонија во тие години. Во меѓувреме имаше многу премрежија, но еве полека доаѓа до прагот на НАТО и ЕУ. А Русија нека ги послуша експертите, нека одговори на некои нивни прашања, па така можеби ќе стигне и до подобри односи со Македонија во која над 70 отсто од населението без разлика на етничката припадност и вероисповед, е за членство на Македонија во Алијансата и ЕУ.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?