18 Април, 2024
0.0275

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Објавено во: Колумни 21 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Од јуни наваму во Виена се водат преговори меѓу САД и Русија за судбината на договорот START-3(по руски СНВ-3). Договор за натамошни мерки за намалување и ограничување на стратешко офанзивно оружје, потпишан од претседателите на Русија, Димитриј Медведев и неговиот американски колега, Барак Обама на 8 април 2010 година, кој стапи на сила во февруари 2011 година со рок на дејство од 10 години. Догодина на 5 февруари тој рок истекува. Доколку договорот не биде продолжен, тогаш натпреварот во вооружување ќе нема ограничување.

Минатата недела заврши најновата рунда на преговорите во Виена. Но со нови американски барања. Не дека старите се отфрлени. На пример и Кина да се вклучи во еден нов договор, или пак Русија да развива нови оружја, па да се води сметка за надзорот - инспекцијата на спроведувањето на договорот и друго. Сега Американците, како претходен услов за продолжување на Договорот, настојуваат да биде потпишувањето од страна на двата претседатели, Доналд Трамп и Владимир Путин, дополнителен политички обврзувачки рамковен документ, некој вид меморандум или заедничка изјава, кој ќе нема потреба да се ратификува во Конгресот или руската Дума.  Тој документ треба да ги опфати стратегиските и тактичките нуклеарни арсенали на двете страни, а и да предвиди нови мерки на контрола. Ако се усвои овој предлог на Американците тогаш ќе може да се зборува за продолжување на договорот START-3.

Американците настојуваат меморандумот или заедничката изјава да биде усвоена што побрзо. Маршал Билингсли, специјалниот пратеник на Трамп за контрола на оружјето вели дека ако Русите се согласат со американскиот предлог во наредниот период, тој ќе го извести американскиот претседател. А неговата администрација е подготвена да зборува за продолжување на Договорот. Партнерот на Билинглсли од руска страна, заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков за руски “Коммерсант“ изјави дека Москва ќе ги проработи американските предлози, но нагласи дека Русија не е заинтересирана за продолжување на Договорот по „секоја цена“. За резултатот од работата тој вели: „Ние не можеме, од нашето разгледување на толку сериозни аспекти на предлозите, да реагираме моментално и уште повеќе, на таа тема да водиме јавна дискусија“.

Иако гласно не е кажано најдобро за Американците би било Русите да се изјаснат до почетокот на претседателските избори во САД, до 3 ноември. А, ако Трамп победи, тогаш уште полесно ќе му биде да работи врз Договорот од почетокот на идната година. За негово продолжување на некој период. А можеби и како предизборен адут. Иако со сегашниот договор е предвидено продолжувањето да биде на пет години, Американците најавуваат многу пократок рок. Во јуни се зборуваше и за продолжување од шест месеци. Што би било добро, само доколку сега не се постигне договор, па да се остави уште некое време за преговори.

Фактот дека САД сакаат да се зборува за сите видови оружје како да не им одговара на Русите. Тие сметаат дека новото оружје кое е развиено како резултат на откажувањето на САД од Договорот за противракетна одбрана, од страна на Џорџ Буш,  не би требало да се најде во Договорот. Исто и тактичкото оружје. На ова Билингсли одговара дека Русија сама треба да реши дали сака или не да го продолжи дејството на Договорот START-3. Тој смета дека американскиот предлог во сегашната етапа е умерен и многу разумен. „Претпоставувам дека доколку Русија тоа не го прифати, тогаш, после тоа откако Трамп ќе биде реизбран, „цената за влез“, како што викаме ние во САД ќе се зголеми. Со други зборови ултиматум - „земи или остави“. А доколку Русија реши да избере „остави“, тогаш сигурно САД ќе постават нови услови за продолжување на Договорот.

Американците сакаат  на нивните предлози да добијат одговор до февруари. Доколку не биде така тогаш ќе нема ништо од продолжувањето на Договорот. Според Билингсли, земајќи ги предвид сите недостатоци на START-3, тој не е од полза за САД. „Ние не ја оспоруваме законитоста на она што го прави Русија, таа е суверена држава и сама носи решенија, но нас многу не загрижува она што таа го прави надвор од Договорот START-3, а особено зголемувањето на системите нуклеарно оружје со мал радиус на дејство. Се прашуваме зошто тоа е потребно? Ние мислиме дека од страна на Русија тоа е напразно трошење на колосални пари во време, кога нејзината влада има многу други приоритети, на кои би требало да ги троши парите“, вели Билингсли. На забелешката дека американскиот воен буџет е десет пати поголем од рускиот , Билингсли со одговор:„Да, но ние можеме да си го дозволиме тоа. А вие не можете – во тоа е разликата, нашата економија е многукратно поголема. А ние ќе имаме работа и со Кина, и со Русија, ми се чини, исто така. Токму затоа од таа причина идната спогодба треба да ги вклучува сите видови оружје“.  И ако се прифатат тие услови, тогаш тој и неговиот тим ќе му предложат на Трамп „разгледување на прашањето на продолжување на Договорот на некое време, но „тоа мора да биде добра зделка, лоша нему ние нема да му ставиме на маса“, вели Билингсли, додавајќи дека врз основа на таа рамковна спогодба во иднина треба да се изгради повеќестран режим на контрола на оружјето со учество на Кина. Според него топката е на полето на Русија и од Москва ги очекуваат одговорите на нивните предлози.

Ваквиот однос на Американците не изненадува. Самиот Билингсли при еден настап во вашингтонскиот Институт Хадсон ја обвини Русија за нарушување на речиси сите договори во сферата на контрола на оружјето, разработката на „подвижни Чернобили“ и побара да ја седне Кина на масата за преговори  и да го уништи тактичкото нуклеарно оружје. Билингсли предупреди дека доколку Русија и Кина не се согласат за договор за контрола на оружјето, според американски услови, тогаш ќе има трка во вооружување во кој тие нема да победат. „Ние знаеме како да победуваме во такви трки. Ние знаеме како да ги натераме противниците да банкротираат. И око нема да ни трепне, ако треба тоа да го направиме.

Коментарот на Сергеј Рјабков на овие искажувања беше САД да си  гледаат во својот џеб, додавајќи дека Русија ќе излезе на крај и без нивната грижа. Што се однесува до преговорите во Виена, таму не било разговарано за некаква средба на претседателите. За такво нешто епотребно внимателно подготвување. И таа, средбата, треба да биде полна со содржини гледано од аспект на резултатите, особено кога се разговара за контрола на оружјето. Погледите на Русија и САД во оваа сфера, според Рјабков, не се совпаѓаат. Во некои аспекти тие се дури радикално различни. Консултациите во Виена тој ги оцени како „многу полезни, длабоки и професионални“. А што се однесува до забелешката на Билингсли дека топката е на полето на Русија, Рјабков не се согласува. „Топка на едната половина од теренот може да биде во тенисот и фудбалот. А ние повеќе имаме маса за билјард, каде врз целата покривка има расфрлано куп топки. А која од нив во кој џеп ќе падне, тоа е уште поголемо прашање“.

Американско-руските консултации во Виена не ја определуваат иднината само на нивните односи во поглед на контролата на оружјето. Американците постојано ја споменуваат Кина. Таа пак пред некој месец одговори дека ќе седне да разговара кога ќе има нуклеарен арсенал приближно како САД. Русите пак повикуваат во идниот договор да се вклучат Велика Британија и Франција. Но за Американците Кина и двете европски земји не се исто. Демек, Франција и Британија, кои имаат сличен нуклеарен арсенал како Кина, не го зголемувале, а Кина го зголемува. Ова прашање секако ќе биде камен на сопнување во договарањето меѓу САД и Русија. Дотолку повеќе што Русите сметаат дека Кина би можела да се вклучи во Договорот на доброволна база. Сергеј Рјабков своевремено, кога САД бараа од Русија да ја натера Кина на преговори за Договорот прокоментира:„ Ние нема да вадиме костени од огнот за Американците“. Нема да им биде лесно на Американците со барањето на Русија САД да го повлечат својот нуклеарен арсенал од Европа. Билингсли е категорично против ова, тврдејќи дека САД не бара Русија да го повлече нејзиниот арсенал од Калининград, кој исто е во Европа. Но притоа тој како намерно да заборава дека Калининград е дел од Русија. 

Како ќе завршат работите со американско-руските консултации околу Договорот START-3? Прво, Договорот може да се продолжи на некое време, но под услов Путин и Трамп да потпишат „преддоговор“. И второ, Договорот да престане да важи. Еуген Румер од Карнеги фондацијата од Москва вели дека сегашната позиција на САД во однос на проширување на рамките на контрола над оружјето и вклучување на Кина во нив ја става под сомнение иднината на Договорот. Можен е распад на целиот систем на контрола на оружјето со појава на нови видови опасни оружја и закана од трка во вооружувањето. Скапа, опасна и дестабилизирачка врз ситуацијата во цел свет. Особено што САД и сојузниците од една и Русија од друга страна сега се на линија на раздел во Европа од Арктикот до Црно море. Договорот START-3 не ги решава тие проблеми, но доколку се продолжи тој може да стане основа за нова архитектура во контролата на оружјето. Тоа би било најдобро, наместо да се почнува се' од почеток.

Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, смета дека при непродолжување на Договорот има различни варијанти. Но, генералната насока ќе биде на продолжување на дијалогот со САД за стратешките проблеми, продолжување на дијалогот за новите инструменти за контрола на оружјето во контекст на сите фактори што влијаат врз стратегиската стабилност. Песимизмот на Лавров може да биде демантиран доколку нов претседател стане Џозеф Бајден. Демократите се за продолжување на Договорот. Има дури и инцијатива во Конгресот за негово продолжување без условување на вклучување на Кина во него. Доколку пак биде избран Трамп, може да се случи САД и Русија за прв пат да немаат некаков договор кој ги ограничува офанзивните стратешки оружја.

Сега ќе се чека што ќе каже Путин. Ќе го пренебрегне ултиматумот или ќе одговори на него. Па ќе ги оценува шансите на Трамп да победи на изборите. Па да го поддржи, ако смета дека ќе тој ќе ги добие. А тоа значи потпишување документ во кој ќе се вградат и руски желби. Што ќе биде добро и за Трамп. Русија нема да изгуби ништо и Бајден ако победи на изборите. Путин пред некој ден повторно зборуваше за новото руско оружје. Тоа значи дека му е сеедно кој ќе победи во САД и сеедно дали ќе се продолжи договорот или не. Тоа може да се смета и како одговор на ултиматумот. Тој ќе се води од интересот на Русија. Би било добро да се совпадне со американскиот. Ако не, тогаш одново ќе се кројат планови за нова безбедносна архитектура. Но со вклучување и на други нуклеарни играчи.  

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок