20 Септември, 2018
0.3298
    ADIN 560    0.54%     ALK 8003.87    -0.04%     GRNT 820    -0.04%     KMB 5166.51    0.13%     MAGP 6150    0%     MERM 2000    0%     MPT 47742.7    0.77%     OHB 6548.31    -0.62%     OKTA 4257    -2.99%     PPIV 46000    -0.48%     RMDEN15 95    -1.55%     RMDEN17 96.1    0%     STB 1109    0.06%     STIL 128.49    -1.92%     TETE 2308.76    4.83%     TKVS 4996    2.98%     TNB 14000    -2.78%     TTK 1135.39    1.38%     UNI 2330.37    2.84%

Амнестија за референдум, погубен пазар за граѓаните на Република Македонија

Објавено во: Колумни 11 Јули, 2018

Имавме можност да го видиме и протестот на граѓаните што се одзваа на повикот на опозиционата ВМРО ДПМНЕ во Струмица, против договорот од Преспа, Ципрас - Заев.
Искрен и масовен протест, но тоа што остави лош впечаток на тој протест е еден дел од пораката на лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицковски. 

Имено, наместо да ги користи бројните аргументи што му стојат на располагање, од се' она што се губи со тој договор, со се' она на што се обврзува Република Македонија без никакви гаранции за каков било бенефит од неговото потпишување, до недобивањето датум за започнување на преговори со ЕУ што е потврда за отсуството на какви било гаранции, а веројатно, како и до сега од НАТО може да очекуваме условна препорака за полноправно членство, Мицковски се фокусира на барањето за амнестија на осомничените и обвинети за настаните од 27. Април минатата година. 

Преспанскиот договор е прашање од национален интерес, прашање кое предвидува долгорочни последици по идентитетот на македонскиот народ, по историјата, по културното, историското и цивилизациското минато на сите граѓани што живеат во Република Македонија, додека настаните од 27. Април се нешто друго, нешто за што тие што ги организираа и поттикнаа случувањата во Собранискиот дом мора да сносат соодветна одговорност, исто како и тие што беа должни, а не постапија согласно своите законски надлежности.

Не може нешто што наликува на добро планирана и договорена насилна активност, без разлика кои и каде ја планирале и без разлика што се' упатува кон седиштето на ВМРО -ДПМНЕ, да се поврзува со договорот од Преспа. Специфичната тежина на договорот од Преспа со амнестијата на осомничените и обвинети за настаните од 27. Април е далеку и неспоредливо поголема, ниту пак двете работи, и покрај вештите математички спинувања немаат заеднички именител.

Сепак, тесното парламентарно мнозинство и можните опструкции на планираниот референдум, можноста од негов неуспех заради евентуален бојкот од страна на опозицијата, остава простор за пазар на таа тема меѓу позицијата и опозицијата. Меѓутоа, таквиот пазар дополнително би ја искомпликувал состојбата во земјата, би западнале во таква правна рашомонијада, од која не би можеле со години да се извлечеме, особено што и ЕУ инсистира Република Македонија да воведе систем на владеење на правото. 

Можеби лидерите на водечките политички партии во Република Македонија сепак ќе направат пазар, играјќи на картата дека и ЕУ не го почитува меѓународното право (пред се Повелбата на ООН и Европската конвенција за човекови слободи и права, бидејќи ако ЕУ ги почитуваше, тогаш Република Македонија одамна ќе беше признаена од државите членки под нејзиното уставно име), но не смеат да заборават дека нашата земја е под опсервација од ЕУ, не обратно.

Со можниот пазар, амнестија за референдум, најмногу ќе загубат граѓаните на Република Македонија, едноставно ќе нема добитници, сите ќе бидеме губитници, а последиците од тоа ќе бидат долгорочни и погубни за кревката демократија што ја вежбаме веќе 27 години. Дури тогаш ќе ја загубиме државата, тогаш дефинитивно ќе докажеме дека немаме државотворен капацитет, ќе покажеме на целиот свет дека националните и државни интереси се сведени на прости партиски чинители содржани во интересите на партиите, а на штета на сите граѓани.

Од тука, порака до лидерите на политичките партии, да не мешаат баби и жаби, туку да се фокусираат на националните и државни интереси на Република Македонија, многу јасно и недвосмислено да го образложат договорот од Преспа, отворено да се проговори за причините и мотивите за менување на историјата во насока окупаторите и насилниците да се прикажат како "ослободители"; топонимите што со векови ги означуваа местата каде што живееја македонци и за кои граѓани имаат тапии за сопственост од турско време, да мораме да ги нарекуваме со имињата што Гр во триесетите години од минатиот век со декрет ги хеленизира; кои се (ако ги има) бенефитите и гаранциите за нив доколку се прифати тој договор, но реални, а не условени бенефити; со што заслужуваме датум за отпочнување на пристапните преговори за полноправно членство со ЕУ и НАТО?! Со владеење на правото?! Со борбата против корупцијата и организираниот криминал?! Со реформата во администрацијата?! Со што?! 

Граѓаните тоа треба да го дознаат, а не да се надмудруваме околу тоа какво прашање ќе поставиме на референдумот, како да го дефинираме или спинуваме со цел да извлечеме поволен референдумски резултат, без разлика кој што подразбира под поволен резултат.

На тој начин, подгответе ги граѓаните и оставете им можност да се произнесат според своето слободно убедување за или против референдумското прашање, а и тие кои ќе одлучат да апстинираат и да не излезат на гласање и нивната одлука треба да ја прифатиме како нивно легитимно право.

Во една претходна колумна напишав, сега ќе се повторам, а се однесува на македонската позицијата и опозиција, угледајте се на албанските политички партии од Република Македонија, тие излегоа со т.н. Тиранска платформа која претставува заеднички именител за нивно делување, без разлика од тоа која од нив ќе биде дел од позицијата. Дали македонското ткиво во Република Македонија нема свои национални и државни интереси, или партиските интереси се толку значајни за да не може две најголеми партии, да дефинираат заеднички, клучни национални приоритети?!

За самиот крај, ступидно е наместо да се бара фер и правично судење за обвинетите од 27. Април минатата година, да се бара нивна амнестија, без разлика што можеби некогаш во историјата за нив ќе се пишува како за маченици (?!) или како за херои (?!). 
Општествените движења се толку динамични што не дозволуваат денес да се живее во минатата година, во некој нереален временски простор без компас и без ориентација. 
Опозицијата, исто како и позицијата пред себе имаат историска обврска да се фокусираат на прашањето кое може да има вековни, далекусежни последици по иднината на македонскиот народ и држава, а не да се пазарат за амнестија на поединци кои според стореното, со чинење или со нечинење заслужуваат фер постапка преку која ќе се утврди нивната одговорност за настаните од 27. Април минатата година.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Бела книга, подарок за премиерот, министерот за култура, за советникот Висар Вишка и пратеникот Мухамед Зекири

Бела книга, подарок за премиерот, министерот за култура, за советникот Висар Вишка и пратеникот Мухамед Зекири

Долго топло лето

Долго топло лето

Се подготвува ли Русија за глобална војна?

Се подготвува ли Русија за глобална војна?

ГЛОБАЛНИ ТЕНДЕНЦИИ И ПЕРСПЕКТИВИ ВО ПРОИЗВОДСТВО НА ЖИТА

ГЛОБАЛНИ ТЕНДЕНЦИИ И ПЕРСПЕКТИВИ ВО ПРОИЗВОДСТВО НА ЖИТА