28 Март, 2024
0.0241

Аналитички осврт над летната политичката разврска во Македонија

Објавено во: Колумни 21 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Веќе се исцртаа контурите на старо-новата влада на Македонија, предводена од СДСМ и ДУИ, овој пат засилена со БЕСА, како предизборен коалициски партнер на социјалдемократите. Всушност „двете крила“ на Движењето изротираа: Беса излезе од коалицијата со Села, и се катапултираше во власта, а Алтернатива го фати обратниот правец- Африм Гаши од коалициски партнер во претходната влада на  Зоран Заев, сега е албански опозиционер со Зиадин Села. Овие претумбации и комбинаторики ја покажуваат неверојатната жилавост и прагматичност на лидерот на социјалдемократите, кој нема никаков проблем да искалкулира во даден момент, за да испадне пак во своја  ќар и корист. Тоа всушност е политика, особено балканска. Кој не ја разбира ќе остане во опозиција. Каков и да беше Груевски, во однос на менаџирањето на политичките процеси во неговата ера на владеење му немаше рамен. Затоа и се задржа толку долго на власт.

Кој пат ќе го фати лидерот на опозицијата?!

Христијан Мицкоски треба да разбере едно, доколку и понатаму остане водач на опозицијата и има искрена желба и намера ВМРО-ДПМНЕ да ја донесе на власт: мора да го отвори коалицискиот потенцијал и капацитет на партијата за етночкоалбански партнер: дали Алтернатива или Алијанса за Албанците, или двете заедно, пред наредните парламентарни избори, бидејќи тие две партии останаа да бидат единствени од т.н албански политички блок како реална опозиција на оваа власт. И тоа да го продаде како победа, а не како „продавање на македонските национални интереси“. Така како што направи Заев со вклучувањето на Беса во предизборните свои редови, и можеби тоа предизборно коалицирање му ја донесе клучната победа од само два пратеници разлика во однос на ВМРО, и го исфрли пак во старо-нов премиер на Македонија. Реториката на Мицкоски и неговото раководство дека „ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија кај Македонците, и дека СДСМ без БЕСА има 42 пратеници“ е погубна, и ниту ќе донесе некој рејтингашки поен плус за оваа партија, ниту пак ќе предизвика промена на политичката сцена. Напротив, може само да ги продлабочи етнонационалистичките  ровови и да го продлабочи јазот помеѓу него и Алијансата за Албанците како потенцијален партнер. За промена, ако е вистински лидер со визија, за да оствари добар резултат во одредени општини во Македонија, и победа во градот Скопје, Христијан Мицкоски уште од сега ќе треба да работи на официјалната коалиција со двете опозициски албански партии во пресрет на наредните локални избори кои треба да се случат за околу една година. Тоа Заев го направи во 2017-тата година и направи „џандар збира“, тоа му појде од рака и со претседателските избори, и на крајот со овие предвремени политички избори-клучни за опстанокот на неговата политичка кариера.

Тешките денови, допрва почнуваат за Заев!

Прагматичноста ( некои би рекле лицемерието), го одведоа Заев повторно во политичкиот брак и прегратките на Ахмети, и покрај вордингот од предизборието дека „ време е ДУИ да замине во опозиција, бидејќи тоа е здраво за државата, па и за самата ДУИ“. Ниту ДУИ замина во опозиција  ( повторно беше незаобиколен фактор за формирање на владата, ниту Насер Зибер  стана премиер). Добрите стари познаници си легнаа на брашното, за да продолжат да работат „ за европската иднина на Македонија, борбата против корупцијата и организираниот криминал и економскиот напредок на земјата“. Со Али до тебе, и ДУИ вгнезден  во институциите на системот да се бориш против корупцијата, е како да му дадеш и довериш на педофил да чува мало дете, но тоа е веќе друго прашање. Ниту верувам во искрената волја на некој политичар дека има искрена желба да работи на искоренување на корупцијата и организираниот криминал, па дури и да има таква, како поединец е немоќен пред монструмот создаден од испреплетените односи на бизнис-олигархијата, политичките партии, полициско-удбашкото подземје, па дури и медиумите, кои во една синергија и синхрон ја разнебитија и ја разградија оваа држава. Пред нивниот налет, сите чесни и искрени кадри кои се обидуваа да сменат некои работи беа смачкани. Драган Тевдовски е еден  таков пример, слика и прилика, како беше „ однесен на олтарот, како жртва дадена пред олигархијата“. Но нејсе. Единствено нешто, што ми дава грам надеж, дека работите, можат малку од малку да мрднат од мртва точка, тоа е наскоро предвиденото отворање на пристапните преговори со Европската Унија, кога треба да бидеме веќе внесени во преговарачките шини, и кога ќе „нема мрдање“, односно ќе мора да се испорачаат вистински, суштински и реални реформи во сите општествени сфери на живеење, а не само козметичка декларативна шминка како до сега. Доказ за тоа се реформираните општества од Источна и Североисточна Европа, поранешни членки на Варшавскиот пакт, а денеска полноправни на НАТО и ЕУ, како што се Естонија, Литванија, Чешка, Словенија, па и Словачка кои по своите економски резултати и параметри покажуваат дека се подобри во БДП-по глава на жител и по стапката на невработеност од  една Италија и Шпанија на пример. Грција и Португалија одамна ги заминаа. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?