24 Ноември, 2024
0.0330

Анализа со Ивор Мицковски: Јавноста бесна, срам за пратеничкиот состав, а Владата „преживува“ од скандал до скандал

Објавено во: Македонија 19 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Комичарите ќе останат без работа подолг период, не само поради неможноста за настапи во време на пандемија, туку и од циркузантските испади на политичарите. Одамна анализиравме дека консензусот од Клубот на пратеници нема да функционира на долг рок, па пратениците побрзаа да ни докажат дека се способни само за меѓусебно обвинување и бегање од нормалното поведение што значи носење одлуки кои се неопходни за народот. Зошто по циркузот со скафандерите некој да седи дома во изолација кога може вака да прави екскурзии и да си завршува неодложните обврски. Владата до некаде има и простор да дише бидејќи критичката јавност нема време да постаса да се бави долго и темелно со секој нов скандал кога може вниманието да се дефокусира по принципот „сите се за никаде“.

Преостанува да се види што може да се направи за власта да биде поодговорна, да не „забега“ и да си стои на ветувањата. Неодамна се одбележаа и пет години од почетокот на „Шарената револуција“, а некои од поранешните активисти правеа и онлајн настани и прослави на „славното минато“ кога се сруши режимот. Во меѓувреме енергијата на невладиниот сектор и критичката маса е значително спласната, големите ветувања дека ќе се променат суштински институциите преполни со партиски војници не се остварија, а дел од функционерите на поранешниот режим и натаму се на слобода.

Има ли зошто да слават шарените револуционери?

„Да, имаат, но само во однос на минатото. Голем дел од критички настроеното општество кое во 2016-та масовно излезе на улиците даде огромен придонес во борбата за соборување на режимот. Но, битката на тие луѓе не беше падот сам по себе, го правеа тоа со надеж за подобро - сатисфакција и ретрибуција која според мене не ја добија.

Се разбира денес се уште слават некои од маскотите на тоа протестно движење кои од самиот старт биле блиски или инструирани од политички центри и кои потоа беа наградени со позиции и функции кои апсолутно не ги оправдаа, не давајќи никаков придонес за слободното, критичко и независно мислење или дејствување во Македонија.

Мора да расчистиме уште една работа. На Шарената револуција денес и се придава огромно идеолошко и морално значење, нешто што би било во ред кога таа колективна енергија немаше да биде киднапирана од една партија и сведена на обична алатка. Бидејќи на тоа се сведе клучната функција на протестите еднаш брендирани и превземени од тогашната опозиција. Но, забораваме дека луѓе протестираа уште од 2009 година. Дека имавме повеќе или помалку масовни движења во 2012-та со „Отпорот“ кога се случи „Црниот понеделник“ во Собранието. Имаше протести против полициското насилство и за Мартин, за Тамара, протести против покачување на цените на парното греење и струјата, протести против загадениот воздух. Протестираа и новинарите, имаше сериозно студентско движење и протести кои по масовноста не беа ништо помали од Шарената револуција. Така да, „Шарената“ не никна од нигде никаде, туку беше последица на еден долг процес и таа најде свој израз и функција во еден многу конкретен контекст.

За жал, наместо од протестно движење да се структурира во некаков независен политички субјект или барем програма, беше преземена од СДСМ и претворена, како што реков, во една од алатките за рушење на режимот, а потоа и во средство за одржување на консензус меѓу електоратот и клиентите на актуелната владејачка партија. Останатите алатки и техники за соборување на режимот не беа ништо помалку важни. „Бомбите“ од странците, странската интервенција со организирање и спроведување на Пржинскиот договор како и инсталацијата на надворешен орган како СЈО, беа подеднакво важни.

Со сведување на „Шарената“ на само една од алатките, присвојувајќи ја и потоа демонтирајќи го нејзиниот дух, енергија и кауза, всушност самите власти направија нејзиното влијание и успешност да ги вреднуваме единствено според нивните реформски успеси. Од тој аспект, не гледам што имаме за славење“ вели аналитичарот Ивор Мицковски.


Оставки на функционери резултат на јавен притисок или внатрешни пресметки со "обелоденување" на скандали?

Драги Рашковски, поранешен генерален секретар и советник на премиерот Заев по силниот притисок на јавноста си поднесе оставка, а во меѓувреме јавното обвинителство покрена и истрага за сомнежот околу набавката на софтвер за сообраќајни решенија за МВР. Претходно и други функционери поднесуваа оставки, но дел од нив не се соочија со правосудните органи. Станува збор ли за внатрешни расчистувања со „неподбните“ кадри кои се лоши за јавниот имиџ на владата, а со тоа и на премиерот Заев преку „обелоденување“ на скандалите во јавноста или пак, навистина судот на јавноста станува сѐ посилен и никој нема да биде поштеден.

„На двете нешта. Критичката јавност е секогаш важна, каква и да е позадината. Затоа што без неа, ниту оние кои што сакаат да водат внатрешни пресметки, нема да постигнат некаков ефект. А кај нас до некаков правен процес поинаку не се стигнува. Проблемот е што за многу чинители, за кои е јавна тајна дека криминално се однесувале, не сме виделе никаква правна разврска или пак сме сведоци на огромна селективност. Тоа го гледаме и во случајот со Рашковски, кој замислете, и пред да настапи Обвинителството, како и потоа, беше и сѐ уште е бранет од премиерот. Но, еве, каде се останатите јавно познати случаи? Каде е е денес Катица Јанева – во домашен. Каде е Кичеец – оди навечер во затвор. Каде е Ден Дончев – во Австралија. Што е со Кирацовски и Ременски, со Лидија Димова?! Каде е по ѓаволите ДУИ?! Дури и кога ќе се случи некоја оставка, случајот потоа се забоштува, се изрекуваат минимални казни, се даваат поволности кои не важат за сите. Така да, законот не е еднаков за сите, како што оставките не се наменети за сите, ниту пак институциите настапуваат и делуваат независно“ смета Мицковски.

Лицемерието на платените хонорарци за медиумско влијание

Владата долго време не сакаше да ги објави имињата на тие кои се ангажирани хонорарно, а се дел од внатрешните оддели за односи со јавност и медиуми како и други технички задачи. Поради наводна опасност од „линчување“ на хонорарците имињата беа објавени но, со контра напад дека еве сега ќе бидат ставени на тапет. Во суштина нема ништо спорно во нивниот ангажман, но проблемот се јавува кога истите се кријат зад „медиумски активности“, а не дека се ставени во политичка функција за потребите на Владата што многу полесно би било прифатено од јавноста.

„Не би навлегувал во поедини случаи, ниту сакам линчови, ниту пак сметам дека треба некому да дадам материјал за дополнително да изигрува жртва. За мене проблемот е системски. Прво, зошто Владата не ги објави сите податоци за целиот милион евра потрошени на хонорарци. Второ, треба да објасни зошто волкава армија хонорарци за медиумската и пропагандна машинерија на власта. Мислевме дека тоа се прележани болести. Трето, потребно е да го демонтираат партискиот и владин ботовски систем кој координира стотици ботови на фејсбук и твитер кои ги плаќа по лајкови и шерови, за водење хајки, ад персонам напади, за дефокус, релативизација, фалење на владејачката партија и Владата. Тоа се методи од некои други времиња кои оваа власт само ги презеде. Трето, сериозно ме загрижува степенот на спинување каде Владата реагира глумејќи жртва и обвинува слободни луѓе и новинари за политички манипулации и хајки. Конечно, нема ништо срамно да се работи за Влада или за некоја институција. Но, да се биде буџетар и во исто време да се изигрува некаква морална вертикала, уште полошо, морална полиција, е хипокризија која не постоеше дури ни кај режимот. Тие луѓе знаеја кого и што бранат“ вели Мицковски во нашиот разговор.

Кредибилитет на борбата со корупцијата

„Видете, соочувањето со корупцијата е долг, мачен и што би рекол заменикот премиер за борба со корупцијата, „интероператибилен“ процес. Се шегувам, секако дека зависи од многу институции, од правниот и политички систем и култура, од политичката волја, од бирократијата, од партизацијата, од менталните матрици. Тука се сложувам со Владата, и токму затоа можат да глумат дека нешто прават, дури и кога ништо не прават. Но, останува како што викаат „перцепцијата“, а таа, како и сите фактички податоци и мислења на надворешни набљудувачи покажуваат и кажуваат дека корупцијата е огромна и непромената. Видете, тој систем секаде и секогаш зависи највеќе од властите, од политиката и партиите кои се најголемите структури и кои воедно имаат најголем интерес од партизацијата, непотизмот, кронизмот, уценувањата, рекетот, диловите под маса и на маса, бранењето на интересите на одредена политичка или бизнис каста, и така натаму. Знам дека звучи како симплификација, ама реалноста е таа. Од Владата тврдат дека за борба против криминалот и корупцијата се потребни независно обвинителство и независни судски органи. Потребни се, но прво мораш и нив да ги направиш независни, како што мораш да имаш и независни институции за борба против корупција кои ќе имаат реални надлежности и капацитети. Воедно, ако сакаш нешто да промениш ти треба јасна легислатива и чесна бирократија. Второто зависи од првото, а ние ги немаме ни двете. Тоа не се постигнува со флоскули и слогани во едно партизирано општество како нашето, каде од највисоко до најниско ниво, се зависи од политичко-партиските дилови, договори и интереси“ вели Мицковски за толку посакуваната пресметка со корупцијата.

Консензусот од Клубот на пратеници и (не) функционалноста на Собранието

„Овој собраниски состав е срамота за преставничката демократија во нашата земја и е огромна навреда за сите гласачи. Погледнете го само последниот тажен спектакл кога пратениците не успеаја да се договорат и да ги изгласаат трите закони кои се однесуваат на мерките за помош на стопанството предложени со Петтиот владин пакет мерки, па мораше пратеници болни со КОВИД-19 да влезат во Собрание и да гласаат. Проблемот повеќе не е која партија кого ќе обвини за блокирање или деструктивност, него дека ни откако нивните лидери ќе седнат и ќе се договорат, потоа во Собранието пратениците не се во состојба да го реализираат договореното. Тоа кажува дека системот веќе е блокиран и во недемократскиот консензус во Клубот на пратеници и во демократската способност на една владејачка коалиција да обезбеди мнозинство. Во нормална демократска држава тоа би било причина за политичка криза, за жал, ние не сме ни нормална, ни демократска држава, додека кризата е олицетворение на една перманентна материјална и духовна состојба“, заклучува Мицковски.

Христијан Станоевиќ


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

СДСМ ИМА НОВ ЗАМЕНИК ПРЕТСЕДАТЕЛ: На оваа партиска функција доаѓа Фани Каранфилова Пановска

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

НОВИ 100 ДО 120 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ: Мицкоски кажа кога можеме да ги очекуваме на улиците

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ГРАД СКОПЈЕ: Меџити нема никаков придонес за градот да добие 6 автобуси

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа

ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Изгоре покрив и кат од куќа