Андоновски: Од овој месец печатените електронски документи се признаваат како оригинални
Објавено во: Економија 04 Јануари, 2025
Во синоќешното гостување во „За или против“ на Алфа телевизија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски говореше за измените на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, кои со најновите измени предвидуваат испечатениот електронски документ кој што ќе биде изваден од граѓанинот, да има иста важност како и оригиналниот документ.
„Во Собранието, мнозинството ја изгласа измената на Законот за електронски документи. Јас велам два члена се, многу мала измена, но мислам дека многу ќе значи. А тоа е дека, од сега електронски извадените документи од порталот или било кој друг државен портал, кој што се целосно електронски, ќе можете да ги испечатите и да ги користите исто како оригинален документ. Нема да треба да одите по печат“, истакна Андоновски.
Тој додаде дека измените на овој закон, ќе доведат до олеснување на вадење на документите, наместо да се оди по шалтери и да се потплаќаат службеници, граѓаните ќе ги добијат услугите на своите мобилни уреди. „За жал досега кога ќе извадевте некоја услуга од порталот, иако таа е потпишана со QR код и електронски потпис, и истата ќе ја приложевте во некоја институција како документ, ќе ви кажат дека документот не е оригинал туку копија. Со измени на законот, овој испринтан електронски документ ќе има иста важност како да е со обичен син печат, така што ќе може целосно да се користи насекаде“, појасни министерот за дигитална трансформација.
Андоновски исто така, најави дека ќе има и инспекциски надзор, кој што по пријава од граѓани ќе реагира, доколку нивните испечатени електронски документи, некоја институција не им ги прифати.
„Измената на овој закон ни дозволува и инспекциски надзор од страна на министерството, што значи дека прво превентивно подготвуваме едно упатство, кое што ќе го испратиме до сите институции, да знаат како функционира процесот, да се свесни. Потоа, при пријава на граѓаните, кога ќе забележиме дека тие не го почитуваат законот, во случај да има такви, ќе имаме простор за изрекување и на прекршочни санкции за оние институции кои нема да ги прифатат овие електронски документи“, заклучи Андоновски.