23 Декември, 2024
0.0863

Трамп и Путин очекуваат средба

Објавено во: Колумни 23 Декември, 2024

Добивај вести на Viber

Ново-стариот американски претседател, Доналд Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин,  разменија пораки. И едниот и другиот сакаат да се сретнат.  Трамп се јави од фестивалот на конзервативците Turning Point's America Fest во Аризона. Но, аплаузите ги доби не за очекувана средба со Путин, туку за најавата дека на државно ниво ќе одобри официјална политика , според која во земјата ќе се признаваат само два пола, машки и женски. На тој начин тој си отвора и нов внатрешен фронт. 

Што се однесува до евентуална средба со Путин, Трамп, повикувајќи се на една изјава на Путин, дадена деновиве, рече:„ Претседателот Путин изјави дека сака да се сретне со мене што побрзо. Ние тоа ќе го чекаме, треба да ставиме крај на таа војна“. За еден месец ќе се разјасни, кога и каде и дали ќе има средба на двајцата претседатели. На која ќе се бара решение за војната во Украина. Путин на 19 декември во текот на „Директната линија“ на која одговараше на прашања подолго од четири часа, рече дека не знае кога ќе се сретнат со Трамп. Дека со него не разговарал подолго од четири години. И дека е подготвен за разговор и за средба. Го прашаа Путин и за дијалог со Украина, при што се изјасни дека Москва е „подготвена и за преговори и за компромис“. Тој нагласи дека Украинците се откажале од преговори, од кои како резултат може да се постигне компромис. 

Рускиот претседател досега не зборувал за компромиси.  Најчесто ги повторуваше јунските начела или услови за прекин на огнот и почеток на преговори. Повлекување на украинските војски од целите територии кои сега во голем дел се под контрола на Русија, откажување на Украина од членство во НАТО, откажување од нуклеарен статус, симнување на санкциите воведени од Западот и меѓународно признание на Крим и новите региони, како руските територии. Не може да се претпостави за каков или какви компромиси зборува Путин. Но нивното спомнување како да е давање некаков знак на Трамп. Кој, пак, сигурно се подготвува за средба со Путин и изготвува некаков лан за неа. 

ПРЕКИН НА ОГНОТ 

Трамп после средбата со украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во Париз, изјави дека „тој сака мир“, и смета дека е дојдено време за такво нешто. Но, да не се заборави дека и Киев има свои услови за преговори. Тие денови Зеленски на преден план го исфрли членството на Украина во НАТО. Иако, ни САД, ниту други држави, засега не го поддржуваат влегувањето на Киев во Алијансата. Во меѓувреме Трамп назначи свој пратеник за Украина, генералот Кит Келог. На почетокот на јануари тој ќе патува за Киев. Тоа го потврдија и украинските власти. 

Што може да зборуваат и околу што може да се договорат Трамп и Путин? Прво треба да се види дали е можен прекин на огнот. Засега против него се и Русија и Украина. Аргументите се дека противникот за време на неговото траење ќе ги засили позициите и ќе ја одмори војската за нови напади. Ни Путин, ни Зеленски не сакаат да преговараат за тоа, туку сакаат мировен договор. Договор кој на Украинците ќе им гарантира „фер“ мир, се разбира со безбедносни гаранции. Русите, пак, сакаат мировен договор кој практично ќе ја легализира постојната ситуација на фронтот и малку повеќе територија. Има варијанти за прекин на огнот на линијата на фронтот, за тампон зона, за мировни сили...Но и овде има несогласувања. На пример, Русија е против стационирање на сили на НАТО во Украина. А ЕУ, предводена од Франција веќе дебатира за таква можност, иако некои земји, Полска на пример, не сака нејзини трупи да се најдат на украинска територија. 

Пред извесно  време се зборуваше за формулата „со сила до мир“. Украинците тоа го толкуваа како покажување американска сила кон Русија за таа да се согласи на мир. Но, во разните варијанти за мир во Украина, нудени од луѓе блиски на Трамп,  никаде не се спомнуваше притисок само  врз едната или другата страна.   

Војната во Украина и очекувањата на средба меѓу првите луѓе на САД и Русија може да се искористи и за подобрување на односите меѓу нив. Во досегашните јавни излагања Трамп конкретно зборува само за мерки кон Европа, кон НАТО, кон Канада, Мексико, вчера и кон Панама, посредно спомнувајќи го и влијанието на Кина. За Украина и Русија зборува само за стотиците илјади жртви на обете страни и уништените украински градови, за кои ќе бидат потребни стотина години да се обноват. И секаде поаѓа од американските интереси. Но и Украина и Русија имаат свои интереси. 

СУДИР НА ИНТЕРЕСИ  

Владимир Путин вчера, во едно интервју, потенцираше дека е можно подобрување на односите со САД, врз основа на руските интереси.  Тој вели дека може се’ да се направи, ако постои желба за такво нешто. „А таква желба кај нас никогаш не исчезнала“, рече Путин.  Во Русија постојано се нагласува дека во моментов односите со САД се на најниско можно ниво од секогаш. Во истото интервју Путин нагласи дека Русија секогаш ќе одговара на секој предизвик, колку и противниците да ја ескалираат ситуацијата. Опасности има многу и тие се зголемуваат, но не треба никој да се заплашува со разговори за трета светска војна. Противниците на Русија, смета Путин, ќе сфатат дека треба да се бараат компромиси, кога ќе осознаат дека таа е подготвена да одговори на секој предизвик.  И Москва е подготвена на компромиси, но не на штета на своите интереси. Тој  ги критикуваше политичарите пред него, кои ја уривале својата земја, кога за нивно време  со нивните постапки го намалиле потенцијалот на Русија, која почнале да ја уриваат, наместо да ја направат учесник од т.н. цивилизиран свет. 

Може да се очекува судир на интереси меѓу Трамп и Путин. Но не е јасно кој ќе ги штити интересите на Украина. Дали ќе важи бајденовото „Ништо за Украина, без Украина“. Инаку Трамп има што да стави на маса. На пример санкциите кон Русија. Тие силно удираат врз руската економија. Трошоците за војната се огромни, иако Русија успева некако да ги алиментира. Но во перспектива земјата ќе плаќа голема цена за да се врати на нормален колосек. Ќе има период на застој кој ќе трае со години. Можеби тука ќе се бара некаков компромис за да се донесе мир во Украина. Можеби ќе се бара од Русите да ја прекинат сегашната офанзива. Па за време на преговорите да има делумно намалување на санкциите.  

Прашање е како во овој случај ќе реагираат во Европа? Дали таа ќе се согласи да укине некои од 15-те пакети санкции. Или пак ќе вети дека нема да воведува нови санкции. Не треба да се заборави и фактот дека Трамп во првиот мандат ги заостри санкциите кон Русија и ја вооружуваше Украина. Знаејќи дека Доналд Трамп поаѓа од интереси, Responsible Statecraft пишува дека тој на Путин може да му понуди поддршка за развој на Северниот морски пат, низ Арктикот, како дел од решението за Украина.  Таму сега, покрај Русија, вклучена е и Кина. Но полза од него би имале и САД и земји од Европа, но и од Азија. Канада, Финска, Норвешка и Шведска на западот или Јужна Кореја и Јапонија на истокот. И на целата Евроазија. И не станува збор само за кратење на патувањето од Азија до Европа и обратно, туку и за можноста да се инвестира во искористувањето на недопрените сибирски недра, користејќи ги гигантските реки Об, Енисеј и Лена, кои се влеваат во Арктикот. Зголеменото внимание кон Арктикот може да влијае сериозно врз прекинувањето на украинскиот конфликт. Бидејќи Арктикот за Русија е не помалку важен од Украина. А Сибир и другите источни пространства на Русија отсекогаш биле од интерес на Западот, па и на Кина. Своевремено имаше тврдења дека, наводно, Медлин Олбрајт се залагала за распад на Русија. Демек, што ќе и се толку големи пространства на таа земја. Згора на тоа со речиси недопрени богатства.  

АДУТИ 

Дека е дојдено време за договор за Украина потврдуваат и разни анкети. Галуп деновиве објави анкета, според која се’ повеќе Американци се за побрзо завршување на војната во Украина. А такви се и резултатите од анкетите во Украина. Таму над 50 проценти од испитаниците се за брз крај на војната со почеток на преговори, а повеќе од половината од нив се и за отстапување на територии за постигнување мировен договор. Но мислењето на народот е едно, а на политичарите е сосема друго. Па од така првиот човек на НАТО, Марк Руте,  доаѓаат повици за продолжување на војната, за поголемо вооружување на Украина. Па нека гинат Украинци. Тој има поддршка и од други членки на Алијансата, но и таму веќе се јавуваат пукнатини во единството. Како и во ЕУ, кога станува збор за војната во Украина. 

Доналд Трамп е оптимист дека ќе донесе мир во Украина. Дека ќе ја прекине војната. Но оптимист е и Владимир Путин. Тој ја спомнува Кримската војна, како Нулта светска војна поради големината на коалицијата. А таа била составена од Турската империја, Британија, Франција и Сардинија, кои се бореле против Русија. По нејзиниот крај непријателите ги нормализирале меѓусебни односи. А во Првата светска војна Русија со нив била сојузник. Па оттука веројатно треба да следи и заклучокот дека тој се надева, ако не на сојузнички тогаш на нормални односи со сегашните сојузници на Украина. Само нека заврши војната.  А главните сојузници на Русија уште на времето ги прогласил царот Александар Трети. Тоа се армијата и флотата. Тоа важи и денес за Русија. 

Нека ги држи оптимизмот и двајцата претседатели. Белки ќе има некаков резултат од него. И Трамп и Путин полека ги отвораат картите, но се’ уште не ги покажале главните адути.  Да го почекаме 20 јануари. 

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Западот му ласка на Трамп, а тој до инаугурацијата ќе молчи за Украина

Западот му ласка на Трамп, а тој до инаугурацијата ќе молчи за Украина