29 Март, 2024
0.0263

Ангела Меркел во потрага по признанието „Миротворец“ во Украина

Објавено во: Колумни 02 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Германскиот канцелар Ангела Меркел одлучи првата држава што ќе ја посети, по нејзината најава за привршување на политичкиот живот, да биде Украина. Четири години по нејзината претходна посета на оваа земја. Меркел во „прошталното писмо“ најави дека повеќе нема да се кандидира за канцелар, а до крајот на мандатот „слабост“ ќе и бидат меѓународните односи. Веројатно така треба да се сфати и оваа посета на Украина. Иако, според содржината повеќе личи на инспекција на таа земја. Особено во светлината на она што таму сега се случува. Предвремената кампања за претседателски избори кои треба да се одржат на пролет идната година. Потоа лошата економска ситуација, граѓанската војна...Но и да се опипа пулсот за некакви германски новотии, а најмногу околу војната. Германија е коспонзор на Минските спогодби. Истовремено и дел од така наречениот „нормандиски формат“, во кој се и Франција, Русија и Украина.

Комплексот на големината на германските канцелари е страшен за секој канцелар. Кај кој било политичар, канцелар или претседател на некоја држава, особено голема, желбата е да се остане запаметен по нешто значајно. Во Германија, Конрад Аденауер е „таткото“ на новата постфашистичка држава, прв канцелар на Западна Германија. Канцеларот Лудвиг Ерхард го паметат како „творец на германското економско чудо“. Вили Брант, настрада од источно германскиот шпион Гинтер Гијом, но го паметат по неговата  „нова источна политика“, затоплување на односите со СССР и Полска, како и коленичењето пред споменикот на жртвите од фашизмот во Варшава. Канцеларот Хелмут Шмит го паметат по што беше еден од иницијаторите за Хелсиншката декларација или договор од 1975 година. Документ потпишан од сите европски држави, САД и Канада во Хелсинки на крајот од Првата европска конференција за безбедност и соработка. Таа конференција беше темел на Организацијата за безбедност и соработка во Европа(ОБСЕ). По Шмит доаѓа Хелмут Кол, „обединителот“, кој е творецот на денешна Германија по спојувањето на Западна Германија и Германската Демократска Република.

Стапувањето во редот на овие канцелари сигурно е голема желба на Меркел. Со оглед на тоа што дома рејтингот и е паднат и не може да се очекува да направи некое чудо до крајот на мандатот на внатрешен план, останува да ги насочи своите напори на меѓународната сцена. Таа ќе се памети и како прва жена германски канцелар, но желбата е да се остави и друга трага. А за тоа најдобро дојдена во моментов е ситуацијата во Украина. Како би звучело – „Ангела Меркел донесе мир на украинската земја“. Или „Ангела Меркел – миротворец“. За вакво нешто секако ќе треба да се „оладат“ вжештените глави во Киев и оние на Донбас, потпомогнати од Русија. Дали Меркел е подготвена за такво нешто?

Канцеларката Меркел во еднодневната посета на Киев се сретна со Претседателот Петар Порошенко, им се обрати на лидерите на парламентарните групи во парламентот, со сретна со премиерот Владимир Гројсман и со студенти. Средбата со Порошенко зад затворени врати, според она што излезе во јавноста, главно поминала во разгледување на ситуацијата на Донбас, но сигурно станало збор и за економските состојби во земјата. Според Меркел во Украина нема алтернатива на „Минските договори“. Германија во нивното спроведување ќе биде на страната на Украина. А исто така ќе се залага за воведување мисија на ОН. Санкциите кон Русија ќе продолжат се’ до спроведувањето на тие договори. Но Меркел зборува и за продолжување на посебниот статус на Донбас, со оглед на некои желби во Украина тој да биде укинат. Ако се укине, бидејќи е вграден во „Минските договори“, тогаш потписниците можат д сметаат дека тие се нарушени од страна на Украина. Што пак ќе значи дека ќе мора и против неа да се воведуваат санкции. Се разбира ова само како претпоставка. Меркел пред студенти ги посочи трите реформи во моментов најнеопходни на Украина. Борба со корупцијата, децентрализацијата и поголемата приватизација. Канцеларката одново потврди дека „Северен поток – 2“ е од посебен интерес за Германија и ќе се гради и покрај противењето на Украина.

Германската канцеларка во Киев кратко се сретнала и со Јулија Тимошенко. Таа беше поранешен украински премиер, а сега е лидер на рејтинзите за нов претседател на државата. Порошенко е дури на трето место според некои анкети. Меркел веројатно направи своевидна инспекција. Да види дали може да смета на Порошенко во спроведувањето на „Минските договори“, а и да ја види подготвеноста на лидерите на парламентарните фракции во таа насока, особено што некои од нив се и кандидати за претседател. Тимошенко во кусата средба и кажала дека има јасен план за искоренување на корупцијата и за обновување на територијалната целосност на земјата. Демек, „госпоѓо Меркел имајте ме на ум во вашите планови за Украина“.

Со оглед на тоа што Меркел годинава се сретна со Путин два пати, таа мошне добро ги знае неговите ставови за мир во Украина. Од друга страна неа и е јасно дека не може да очекува од Украина никаков напредок на овој план се додека не завршат изборите во март идната година. Тоа значи изгубена за мир уште речиси половина година. Опипувањето на пулсот на идните кандидати за претседател на Украина и дава можност да прави некакви планови со новоизбраниот претседател за мирно решавање на воената криза. Тврдењата на американски официјални лица дека на Русија и одговара постоењето на замрзнат конфликт во Украина не се далеку од вистината. На тој начин таа не може да влезе ни во НАТО, ни во ЕУ. Паралелно со ова Меркел при неодамнешната посета на Грузија јасно кажа дека сега приоритет за ЕУ имаат земјите од Западен Балкан.  Францускиот претседател Емануел Макрон  вели дека проширувањето на ЕУ не е приоритет, а претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер тврди дека Украина може да смета на влез во ЕУ по 20 до 25 години. 

Односот на Русија кон најавата на Меркел за некандидирање на нов мандат го соопшти деновиве Димитриј Песков, портпаролот на Путин. Според него решението на Меркел е внатрешна работа на Германија. Меѓу двете земји има пријателски односи и „ без оглед на некои постојни проблеми“, изјави Песков, додавајќи. „ постојат многу заеднички интереси и безусловно Ангела Меркел ќе продолжи да биде соговорник на претседателот Путин и тие ќе продолжат да работат“. Русија смета дека Украина е таа која што го замрзна спроведувањето на Минските договори и дека постојано бара причини за нивно менување или прилагодување на украинските желби.

Доколку Меркел сака да стане „Миротворец“ ќе има време од најмалку половина година да се подготви за нови притисоци или поблаго кажано за нов приод кон спроведување на договорите. Од денес неа и останува неполни три години за да донесе мир во Украина. А со тоа и да биде вклучена во плејадата германски канцелари кои се паметат по нешто направено за Германија или за светот. А не само дека некој бил канцелар. Независно дека бил прв од женски пол.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?