11 Декември, 2025
0.4038

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување

Објавено во: Анализа 11 Декември, 2025 10:57

Добивај вести на Viber

Јавните чет ботови како ChatGPT и сличните алатки засега не може да го заменат вашиот адвокат или правен советник бидејќи имаат тенденција да измислуваат правни анализи, цитираат непостоечки членови од закони и регулативи и може сосема погрешно да ве насочат за решавање на вашиот правен проблем или дилема.

Но, технологијата брзо напредува со специјализирани ВИ алатки од правната област, како и технолошки решенија за намалување на корупцијата и владеење на правото врз транспарентност и намалување на влијанието на човечкиот фактор. За предизвиците околу можностите, но и регулирањето на вештачката интелигенција разговаравме со адвокатката Ангела Анѓеловска и поранешна претседателка на ЕЛСА во Македонија.

Кои се најголемите предизвици кои се појавуваат во оваа фаза од продорот на новата технологија?

Анѓеловска:Најзначаен е ризикот од неточни податоци, што ја наметнува потребата од внимателна и стручно контролирана употреба. Општите ВИ-алатки често генерираат погрешни или измислени информации, поради што не можат и не смеат да бидат единствен извор на правно истражување (измислени членови на закон, се повикуваат на непостоечки извештаи и истражувања, погрешни закони и сл.). Исклучително е важно како и на кој начин се употребува ВИ при секодјневно вршење на задачите.

Интересен е примерот што се појави во јавноста, каде американската јавна личност Ким Кардашијан наводно се потпрела на информации од ChatGPT при подготовка за правосуден испитна кој паднала. Овој случај покажува дека основните ВИ-алатки сè уште не можат да одговорат на сложеноста кои што ги бара правната професија, ниту пак се доволни за да се здобие слика и целосно знаење за одредена облест затоа што често генерираат погрешни информации и предизвикуваат конфузија.

Слично, членката на Deloitte во Австралија се согласи да врати дел од 290.000 американски долари за извештај кој содржел грешки генерирани од вештачка интелигенција, вклучувајќи непостоечки академски трудови и измислен цитат од судска пресуда. Овие примери покажуваат дека ако не се проверат AI-генерираните информации, може да се направат сериозни грешки кои чинат време и пари за компаниите. 

Дополнително, особено внимание мора да се посвети на заштитата на личните податоци. Во работата со вакви алатки не e препорачливо да се внесуваат имиња на странки, број на предмет, ЕМБГ или какви било други податоци што овозможуваат идентификација на лице, со цел да се избегне нарушување на приватноста и законската регулатива во областа на заштита на личните податоци.

Кои се најновите трендови на примената на вештачката интелигенција во областа на правото?

Анѓеловска:Употребата на основните алатки за вештачка интелигенција, како ChatGPT, Gemini и други постепено се заменува со специјализирани правни ВИ-платформи развиени со фокус врз потребите кои повеќе одговараат на правната професија. Прва од ваков тип што на глобално ниво стекна видливост е Harvey – алатка која се појави како вистинска иновација во сферата на правните асистенти, нудејќи значително понапредни функционалности во однос на основните ВИ алатки. 

Harvey брзо беше прифатена од голем број меѓународни правни и консултантски фирми, што е очигледно и од официјалните податоци на компанијата. Оваа алатка овозможува далеку повеќе од едноставно обезбедување информации или обработка на текст: таа генерира правни документи, врши правна анализа, подготвува резимеа и спроведува проценка на ризик на Договори. Притоа, е пософистицирана, попрецизно обучена и подобро адаптирана за специфичните барања на правната проефесија. 

Кои алатки се достапни во Македонија за употреба на вештачката интелигенција на пример во правно советување или проверка на усогласеноста со правната регулатива?

Анѓеловска:Во нашата држава од минатата година се појавија и алатки слични на Harvey, меѓу кои и paragraf.mk – платформа специјализирана за македонското законодавство достапна на македонски и албански јазик. Со оваа алатка може да се изготвуваат правни документи, да се сумираат и обработуваат пресуди, да се врши анализа на договори и идентификација на ризици, како и да се прават одредени предикции за постапки и случаи. Дополнително, овозможено е пребарување на судска пракса, како и напредна анализа на трендови и статистички податоци од судските одлуки.

Во однос на правното советување, веќе и кај ChatGPT постојат ограничувања за давање медицински, финансиски и правни совети, при што корисникот се упатува кон стручно лице, адвокат или лекар. Кога станува збор за правната професија, ВИ претставува помошна алатка за поедноставување на секојдневните задачи, но не може и не смее да ја замени улогата на правниот советник. Ризикот од потпирање исклучиво на алатки за вештачка интелигенција за правни прашања е висок, особено на основните чат ботови како ChatGPT бидејќи многу често може да се направат грешки или да се пропуштат важни одредби од закон или погрешно толкување и примена на закон, па оттука се поставува прашање на кој ќе одговара за погрешно дадениот совет?

Дополнително, постои опаснот и во поглед на заштитата на приватноста - споделувањето на лични податоци со основните чат ботови, како плата, банкарски сметки или медицинска историја, не е безбедно и тие информации можат да станат дел од датабазата и да бидат понатаму обработувани. 

Корупцијата и невладеењето на правото се меѓу најголемите општествени проблеми во Македонија, може ли вештачката интелигенција и новите технологии да се употребат за поквалитетни реформи и враќање на довербата во институциите?

Анѓеловска:Навистина интересно прашање. Алатките за ВИ денес нудат можности кои порано изгледаа недостижни - тие можат да го забрзаат и поефикасно да го извршуваат секојдневното работење, да обработуваат големи количини податоци и да генерираат анализа со точност која често го надминува човечкиот капацитет, особено кога станува збор за рутински задачи.

Замислете нивна примена во работењето на Владата, министерствата и Собранието: Алатките за ВИ би можеле да подготвуваат претходни анализи, аргументи, проценки на влијание и усогласеност со правото на ЕУ, да проверуваат дали законите се во согласност со Уставот и да предупредуваат за потенцијални спротиставени закони уште пред нивното донесување. Целосно дигитализирани постапки за издавање дозволи и тендери, како и постојано достапни чет-ботови за граѓаните, би ја направиле администрацијата поефикасна и транспарентна. Исто така, со помош на ВИ алатките може да се изготви државен буџет базиран на детални анализи, што би овозможувало попрецизна и пофер распределба на јавните средства.

Оттука, се поставува и важен заклучок: употребата на вештачката интелигенција не е само прашање на брзина и ефикасност, туку и на транспарентност. Со намалување на човечкиот фактор во различни административни постапки, се намалуваат можностите за корупција и злоупотреби. Во оваа смисла, ВИ може да стане моќен сојузник во градењето на поотворена, поефикасна и потранспарентна администрација, каде одлуките се базираат на податоци и законитост, а не на лични интереси.

Битно е да се потенцира дека суштината на алатките за вештачка интелигенција постојат за да служат на човекот, да ги олеснат неговите секојдневни активности и да придонесат за неговото лично и професионално добро. Тие се тука како поддршка, а не замена, нагласувајќи дека вистинската корист секогаш произлегува кога технологијата се користи како средство за подобрување на животот на човект.

Колку меѓународните искуства и напредоци може да послужат како пример за тоа во која насока треба да се развива правото во Македонија и може ли истите да се спроведат со оглед на домашните капацитети?

Анѓеловска:Алатките на ВИ денес се користат во сите сфери на животот – од роботика, медицина, право и ИТ-секторот, до финансии и сообраќај. Се развиваат автономни системи, дигитални асистенти и таканаречени „агенти“, каде секој човек во иднина би можел да има свој персонален ВИ-асистент. Веќе се во употреба и автономни такси возила без возачи, како што е примерот со возилата Apollo во Кина, кои се сметаат за побезбедни од класичните возачи и со значително помал ризик од сообраќајни несреќи.

Македонија, како мала држава, има многу што да научи од големите економии. Иако моменталните капацитети за развој на вештачка интелигенција се ограничени, доколку државата ја постави дигитализацијата како стратешки приоритет, постои реална можност земјата да се позиционира како мал регионален хаб за ВИ. Меѓународните искуства треба да ни бидат пример, но и поттик за отворање кон соработка, знаење и инвестиции во технологијата и иновациите.

Како вие би ја регулирале примената на вештачката интелигенција во Македонија во поглед на унапредување на технологијата, поттикнување на иновациите и претприемништвото, фаќање чекор со светските трендови, но и балансиран и етички пристапи во однос на можните општествени влијанија?

Анѓеловска:Како кандидатземја за членство во Европската унија, Македонија има обврска своето национално законодавство да го хармонизира со регулативите на ЕУ. Европската комисија веќе усвои Европски акт за ВИ, кој е директно применлив во земјите-членки и предвидува постепена, повеќегодишна имплементација. Регулативата ги уредува различните аспекти на развојот, употребата и надзорот на ВИ, вклучително забранети практики, високоризични ВИ системи, обврски за транспарентност и заштита на човековите права.

За Македонија, хармонизирањето на националното законодавство со оваа регулатива ќе овозможи подготвеност за практична примена на правилата на ЕУ и ќе ја олесни интеграцијата во моментот кога земјата ќе започне преговори за членство. Особено, тоа е важно за преговарачките поглавја за поврзани со дигитална трансформација како што е поглавје 10, каде што ВИ претставува клучен сегмент на иновација, економски развој и заштита на правата на граѓаните.

Донесувањето хармонизирано национално законодавство за ВИ ќе обезбеди рамка која го регулира развојот и употребата на ВИ системи, ја зголемува транспарентноста и довербата во технологиите, ги интегрира човековите права во процесите на ВИ, и ја подготвува земјата за полноправно учество во ЕУ, со функционални институции за надзор и етички развој на вештачката интелигенција.

Х.С.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот

КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот