19 Април, 2024
0.0270

Авганистан: 20 години се разградија за неколку саати

Објавено во: Колумни 16 Август, 2021

Добивај вести на Viber


Кабул ќе падне за неколку недели. Кабул ќе падне за неколку месеци. Кабул ќе падне пролетта 2022 година. Кабул падна за неколку дена, откако почнаа да се даваат овие прогнози од разни разузнавачи. Вчера наутро стана јасно дека сите прогнози за развојот на настаните во Авганистан можат да се фрлат во вода. Она што САД и НАТО го градеа 20 години почна да се разградува за неколку саати. Прашање на денови е кога ќе биде објавен новиот исламски емират од страна на Талибанците.

Движењето Талибан за неколку дена речиси воспостави целосна контрола врз територијата на Авганистан. Вчера неговите претставници влегоа во претседателската палата во Кабул да водат преговори со власта. Не за некаков договор за заедничка работа, туку за преземање на власта по мирен пат. Претходно претседателот на Авганистан Ашраф Гани замина-избега во Узбекистан. А пред заминување тврдеше дека нема да ја предаде власта „се’ додека не биде познат неговиот наследник и не биде склучена долгорочна согласност за мир и спроведување избори“. Веројатно тоа му го сугерираа претставниците од САД и НАТО кои беа кај него утрината. Но домашната сметка не е иста со онаа на пазар. Па го фати првиот авион за Ташкент.

Американските хеликоптери во меѓувреме го евакуираа персоналот од амбасадата на САД во аеродромот на Кабул. Како да се повторуваа сликите од Сајгон од 1975 година. Хаос во градот. И сите се прашуваат дали ќе се повтори формирањето на исламски емират како што беше направено во 1996 година, кога беше воведена строга верзија на законот шеријат, кој носи забрани за жените и девојчината, сурови казни за поединци, забрана на современи стандарди во културата. Вчера можеше да се види како со боја се покриваат, се премачкуваат, реклами со женски ликови.

Многумина се прашуваат како успеаја Талибанците за неколку денови да ја земат под контрола речиси целата територија. Пред четири дена претседателот Гани беше во градот Мазари-Шариф каде што имаше советување со локалните водачи за формирање на антиталибански движења од востаници од етничките групи кои не се мирисаат со Талибанците за да се одбрани градот од нив. Но лидерите на етничките заедници, од Таџикистанците и Узбеците, го напуштија градот. Еден од нив, објасни зашто го напуштил градот. „За жал, без оглед на нашиот отпор, целото владино и армиско оружје им беше предадено на Талибанците како резултат на организиран заговор од плашливци“. Тој на Твитер додаде  дека слична судбина го чека и Кабул, затоа што „заговорот е мошне длабок“. Овие зборови и се остварија вчера.

НАЈГОЛЕМ ПОРАЗ ВО ИСТОРИЈАТА НА САД

Како може армија од 300.000 припадници обучена од НАТО и вооружена со современо американско оружје, оклопни возила, авиони и хеликоптери да дозволи талибанските сили, кои, според некои проценки бројат околу 60 до 70 илјади припадници, да ја поразат до неверување. Сигурно овде важи његошевото:„ Бој не бије свијетло оружје, веќ срце у јунака“, но и заговорите, предавствата и неуспехот за 20 години да се направи сериозна држава со сериозна одбрана. И покрај потрошените над еден трилион долари од страна на САД, од кои над 85 милијарди долари за авганистанската војска. Конечно сигурно свое влијание има и корупцијата во државата, која на обичниот граѓанин влијае да му стане сеедно која сила е на власт. Затоа што од секоја ќе бидат игнорирани неговите потреби и потребите на неговото семејство. Тоа го потврдија и неодамнешните избори околу кои се крена голема врева. Па народот, кога доаѓаат Талибанците го крева нивното знаме, а кога доаѓаат владини сили, го крева државното.

Паѓањето на Кабул повторно отвора прашања за улогата на САД во целата приказна за враќањето на Талибанците на голема врата. Доналд Трамп, американскиот претседател кој го најави повлекувањето на  американската војска од Авганистан, во преговорите со Талибанците во Катар бараше за возврат тие да не шират тероризам во САД и да се договорат со актуелната власт за иднината на земјата. Сега тој зборува дека она што се случува во Авганистан е еден од најголемите порази на Америка. „Легендарно е тоа што го направи Бајден со Авганистан. Тоа ќе стане еден од најголемите порази во историјата на Америка“, се вели во изјавата на Трамп.  Бајден од друга страна за се’ го обвинува Трамп. И праќа војски во Кабул. Вчера беше соопштено дека покрај веќе упатените пет илјади, ќе се пратат уште 1.000 за да помогнат во евакуацијата на дипломатскиот персонал, но веројатно и на Авганистанците кои работеа за Американцте во Кабул. Според некои информации американските војници можат дневно од кабулскиот аеродром да преместат околу 5.000 лица.

Неуспехот на САД и НАТО во Авганистан е очигледен. Пред еден месец напишав дека станува збор за нивен политички пораз, а сега може да се зборува и за воен. Зашто од нив обучената војска ја нема никаде. А ова како да не ги загрижува многу Американците. Пред извесно време од САД дојдоа изјави дека актуелната авганистанска власт треба сама да се бори и да се избори во борбата со Талибанците. Во смисла доста трошевме пари за вас, сега вие покажете се. Згора на тоа загинаа и неколку илјади американски војници. А сојузништвото? Не треба да се отфрли од вид и можноста САД веќе да се договориле со Талибанците за некаква иднина на Авганистан. Инаку, како може да се протолкува фактот дека Талибанците се мирни додека Американците ги евакуираат своите дипломатски претставници, а тоа ќе трае сигурно уште неколку денови. Збунува и фактот што Талибанците тврдат дека ја гарантираат сигурноста на сите дипломатски претставништва во Кабул. Исто така и дека вчера претпладне се водеа преговори на актуелната власт со Талибанците.

ЖИВЕЕЊЕ СПОРЕД АВГАНИСТАНСКИ ТЕРК

Можеби точно е дека САД сакаат ново политичко решение за кое зборуваше претседателот Џо Бајден давајќи му препораки на државниот секретар Ентони Блинкен околу Авганистан. Можеби САД ќе влијаат врз Талибанците со пари. Или поточно со санкции. Ќе ги финансираат противниците на Талибанците за овие да не бидат раат во владеењето. Можеби ќе им дозволат на Талибанците и тие да учествуваат во тровијата со дрога, иако некои тврдат дека тие биле против одгледувањето на опијати. Не може да се исклучи сето тоа. Па дури и дека САД и Талибанците имаат договор со кој последниве ќе бидат американски вазал, како многу земји во светот. Многу е важен Авганистан од геостратешка точка на гледање. И САД сигурно нема лесно да се откажат од него. Зашто вакумот веднаш ќе го пополнат соседите, а пред се Пакистан и Кина.

Во ваков развој на настаните, што остана од намерите на САД да шират демократски вредности ширум светот. Или пак да се спротивстават на авторитарните режими. Не е исклучено Талибанците да изградат токму таков режим. Веќе денес од териториите под нивна контрола доаѓаат вести за ставање норми на живеење според талибански терк. Може да се случи враќање назад дваесет години во секој поглед. Ќе страдаат жени, девојчиња...Вчера имаше една изјава во смисла, „момчињата ја напуштаат државата, а остануваат девојчињата“. Ќе водат ли САД сметка за ова?

Развојот на ситуацијата во Авганистан помно се следи и во Русија. Со доза на задоволство и цинизам. Неизбежната Марија Захарова, портпарол на руското МНР, коментирајќи ја ситуацијата во Авганистан напиша: „Зачудувачки, но факт е – во Авганистан во тек е спротивставување на две сили, и обете резултат на мисловниот процес на САД. Светот со ужас го следи резултатот на уште еден историски експеримент на Вашингтон“. Таа се наврати на прес конференцијата на Џо Бајден од 8 јули, цитирајќи ги прашањата и одговорите. Меѓу нив и дека Авганистанската влада нема да падне и покрај укажувањата на разузнавачите, па дека Талибанците нема да го заземат цел Авганистан, па дека нема никакви паралели со она што се случи во Виетнам...

ТУРЦИЈА И ИРАН НАЈБАРАНИ ДЕСТИНАЦИИ

Настрана од приодот на Захарова официјална Москва сепак е загрижена и испрати неколку илјади војници во регионот. Деновиве таму имаше воени маневри на воените сили на Русија со Таџикистан и со Узбекистан. Вицеспикерот на Советот на Федерацијата, сенаторот, Константин Косачев, вели дека нестабилноста во Авганистан е закана за сите земји во светот. Па оттука е потребна координација на сите разузнавачки служби да се спречи евентуалното ширење тероризам. „Време е да се фрлат настрана саканите „играчки“ на Западот на темата „спротивставување на демократиите и авторитаризмите“ и да се занимава со реални закани“, нагласи Косачев. Тој смета дека е потребно да се зацврстуваат силите на одбраната по линија на Организацијата за колективна безбедност за да не му текне некому за некакви авантури во соседните земји на Авганистан. А тоа се однесува и за сферата на антитероризмот, наркотрговијата, а исто така и идеолошко влијание на радикалите врз населението од ближните региони.

Хаосот во Кабул што започна деновиве го прават луѓе кои сакаат да избегаат од евентуалните погроми на Талибанците. Неки поради соработката со САД, некои со Германија, Велика Британија, Канада и сл. Пред еден месец напишавме дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров чул за американска инцијатива соседните земји на Авганистан да прифатат десетина илјади луѓе кои работеле со сојузниците. А подоцна таа бројка е зголемена на стотина илјади. Лавров рече дека соседите на Авганистан одбиле да ги прифатат тие луѓе. Иако не може да се исклучи дека во Узбекистан и Таџикистан, па и Киргистан ќе дојдат илјадници бегалци, но не оние од американските списоци. 

Членките на НАТО бараат решенија за своите соработници. Но не одат работите лесно. Во Германија и покрај пораката од канцеларката Ангела Меркел работите се заглавени и прашање дали и кога преведувачите, домашните помошнички и готвачите кои помагаа на гермнските воени сили ќе успеат да дојдат во Германија. Зиддојчецајтунг пишува:„Луѓето кои готвеа, чистеа и преведуваа за Бундесверот во Авганистан, ги оставија сами на себе. Многумина од нив се плашат за своите животи и сметаат дека им остануваат две варијанти: да заминат од земјата или да умрат“.  Вестите од Кабул велат дека најбарани дестинации за бегање се Турција и Иран. А оттаму е полесно да се дојде во Европа.

АМЕРИКАНСКИ ИНТЕРЕС

Реакција на настаните во Авганистан стигна и од медиумите во Украина. Па со оглед на ситуацијата со корупцијата во земјата се пишува дека Талибанците имаат антикорупциска програма без надзорни тела или конкурси. Тие ги вадат чиновниците ги стрелаат или ги бесат. Алудирајќи на односот на САД кон Украина во поглед на снабдување со оружје, медиумите пишуваат дека за обука на силите во Авганистан се потрошени околу 85 милијарди долари, меѓу најголемите расходи на САД во поновата историја.„ И додека ние се радувавме на секоја снајперска пушка и побудалувавме од противтенковските ракети „Џавелин“, владат во Кабул доби хеликоптери Сикорски – „црн јастреб“. Се покажа дека ни отсуството на демократија, ни заканата да не отиде тоа оружје кај Талибанците не се пречка. Авганистанската армија доби стотици оклопни транспортери, дронови, лесни хеликоптери. И сето тоа во големо количество сега е во рацете на Талибанците. Тие почнаа и да ги користат хеликоптерите“, пишуваат медиумите. Нагласувајќи дека Украина бара од САД уште од 2014 година да добие статус на главен сојузник, се додава дека „трагедијата во Авганистан покажува дека ако сојузникот не е готов да се бори за себе, тогаш Американците многу нема да се нервираат. Разрушувањето на авганистанската армија за неколку недели веќе е банален пример“.

Очигледно она што сега се случува во Авганистан, а можеби и во наредниот период ќе даде можност за извлекување поуки. Поука за тоа кој може да биде сојузник, кој вазал. Дека, ако имаат интерес Американците ќе направат се’ и сешто да го остварат. Прашање сега е, кој е наредниот интерес на САД во Авганистан? Рускиот е јасен да не се дозволи хаосот од Авганистан да се прелее во Средна Азија, а оттаму да тргне кон исток, кон Русија. Русите донекаде беа затекнати од априлската одлука на Бајден за повлекување на војската од Авганистан. Но како што стојат работите веќе се ангажираат да стават некаков вид брана против евентуалното ширење на хаосот и талибанското влијание. Но не повеќе од тоа. А најмалку директно учество. Историјата на Советскиот Сојуз во Авганистан е болна. Таа грешка се’ уште не е исчезната од сеќавањата на Русите.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок