19 Април, 2024
0.0463

Автономијата на штипскиот универзитет стана „слободна територија на законокршачите“

Објавено во: Колумни 25 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Иако нас не не’ изненади повторната одлука на ННС да не бидеме унапредени во повисоки наставно-научни звања и покрај позитивни рецензии, како што бара законот, загрижувачки е што Министерството за образование останува индиферентно на кршењето на законските прописи и непочитувањето на Решението  изречено токму од неговиот орган, Државниот просветен инспекторат. Имено наместо да постапат по решението, Ректорот и Деканот на Економскиот факултет во Штип, спроведоа сопствена постапка, спротивна на законот. Првата незаконска одлука за неизбор ја заменија со нова, уште  помонструозна, бидејки не само што не е законска, туку во нејзиното промовирање и реализирање  се послужија со противзаконски постапки и лаги, кои, ако не се отфрлат како можна практика, ќе ја доведат во прашање слободата на мислење и изразување на Универзитетот, ќе поттикнат анонимна кодошка практика која ке ги нарушува меѓучовечките односи на универзитетските работници и ќе создава клима за развој на полтронство, а не за развој на слободно мислечки луѓе. Ако не ним (Деканот и Ректорот), но барем на Министерот треба да му е јасно дека   автономијата не може да биде брана за непречено нарушување на законите, туку дека таа може да се брани само со доследно спроведување на законите и законските прописи. Во спротивно, само се редуцира и претвора во „слободно ловиште“ на самоволни, злобни и неодговорни поединци и групи. Еден ден тоа ќе се покаже во вистинска светлина, но дотогаш се’ повеќе срца и глави не ќе можат да ја издржат незаконската (силеџиска) тортура и ќе фатат „пат без враќање“, како и многумина досега. Во многуте селектирани иформации за случајот со тројцата професори, многумина не разбраа вистински за што всушност се работи. А работата е проста, едноставна. Ако доследно се спроведуваше законот, не требаше да има никаков проблем. Во доследно спроведена законска постапка за избор, без и една забелешка, беше предложено (од Рецензентски комисии составени од редовни  и вонредни професори) тројцата да бидат унапредени во повисоки звања. Таквиот предлог, нормално, се очекуваше да биде прифатен и од Наставно научниот совет на Факултетот (ННС), бидејки според законот избротот се врши врз основа на нивен предлог. Но, тоа не се случи. ННС, без било каков аргумент (освен дека „така сакаат“ 8 члена на Советот, наспроти петмина), не ги прифати предлозите на рецензентите, а кандидатите останаа без избор. На ваквата одлука, засегнатите професори од Деканот бараа одлука која имаат право да ја обжалат до ННС, а потоа и до Универзитетскиот сенат. Меѓутоа, тој, од само нему познати причини, го избегнуваше врачувањето на одлуката, за да измине рокот од шест месеци во кој завршува постапката за избор по огласот. Не им остана ништо  (бидејќи не најдоа разбирање и кај Ректорот) освен со штрајк со глад да го свртат вниманието на јавноста и надлежните институции. Прв реагира Државниот просветен инспекторат (ДПИ). По увидот во состојбите (при што утврди и определени пропусти и незаконитост во постапката) се побара Ректорот, како одговорно лице во Универзитетот,  по отстранување на незаконитоста, во рок од 8 дена да преземе мерки и активности за  повторување на постапката за избор. И наместо „случајот“да заврши така, се отпочна со серија на незаконски предлози и постапки, за да се финишира со повторно неизбирање на кандидатите во повисоки звања. Притоа, наполно е негирано решението на ДПИ. Без било каква законска основа, укинати се Рефератите нарачани со одлука од ННС. Без информација и консултација со рецензентите, укинатите реферати се повторно  објавени (со дополнување со оценките од самоевалуацијата, кои се натпросечни за тројцата кандидати) и се ставени на „јавна дискусија“. Во „дискусијата“ приговори на предлозите од рецензентите доставува анонимна „група професори од Економскиот факултет во Штип“. Таа е толку „анонимна“ што тројцата од групата се и членови на две рецензентски комисии кои и самите ставија потписи за избор на кандидатите во повисоки звања и во првиот и во реобјавениот реферат (но, подоцна се препишманија). Но, останаа анонимни, за да не им се направи „рецензија“ што тие оствариле досега, па дури и во споредба со кандидатите. Врв на нивниот имтелектуален неморал е и истурањето на лаги со намера да се убедат неупатените дека кандидатите не ги исполнуваат условите за избор во повисоки звања, барајќи, притоа, работи кои не ги бара ниту законот (трудови во списанија со импакт фактор). Не се срамат да лажат дека немаме ниту скрипти, иако на пример кај мене деканот Фотов ми е лично рецензент на две скрипти од областа во која ме избираат. Имено, тие наполно се убедени дека многу повторуваната лага се перцепира како вистина, а забораваат дека доказ се фактите, а не често повторуваните лаги. Дали сме во право ќе видиме во следните два наврати. За жалбите и приговорите на кандидатите ќе мора да решаваат и ННС и Универзитетскиот сенат.  И во првиот и во другиот случај треба да се види дека одлуката на кандидатите да не им се допушти избор во повисоко звање е донесена во незаконска постапка. Нема да изненади „монолитниот октет“ ННС да остане слеп на фактите и да ја потврди својата одлука. Со тоа само ќе се покаже на кое ниво е односот на Деканот и на вработените кон законските обврски. А тоа се гледа и од досегашните одлуки. Општествената одговорност на Универзитетскиот сенат е многу поголема. Од неговата одлука пресудно ќе зависи како ќе се развиваат односите понатаму, и на Универзитетот и во универзитетските единици. Непроценлива штета ќе се направи доколку не се сопре кршењето на законите, интензивно поддржувано со гнасни лаги, за лагите да се перципираат како вистина. Да не заборавиме дека таквата практика не треба да е својствена за западните демократии кон кои пледира Македонија. Доц. д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок