29 Март, 2024
0.0467

Бадникарите

Објавено во: Колумни 06 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Стоиме простум,со запалени свеќи во рацете,ние неколкумина членови на Одборот за прослава на Бадник во Скопје,на ден Свети Трифун, среда 14 февруари 2018.,во седиштето на Бадникарите во некогашниот сервис на Мац,покојниот наш координатор.Со години на овој ден бевме во неговото лозје во Соње,годинава се повинувавме на прогнозите дека не очекуваат дожд и снег(баш сега најдоа да утнат) и решивме да се собереме и направиме дружба за Празникот на лозарите тука во нашиот спомен-дом,што го красат спомени од нашата долга и возбудлива 26-годишна историја.

Со години наназад целата процесија му беше доверена на Марче,кој најде баш годинава да ги решава здравствените проблеми на кардиологија-но,што е тука е.Решаваме тој да ни се обрати од собата 229 преку мобилен,а ние тој своевиден пренос да го слушаме гласно од телефонот на координаторот Коле,кој изутрината со Аце го посети лозјето и го направија адетот за денот.Марко тоа го прави сериозно и систематски,ги кажува сите потребни зборови,а ние го следиме без ниту еден збор коментар и со сета сериозност,иако во главите на секој од нас –стар Бадникар или помалку стар и млад,не има од сите помалку,се премотуваат слики и реминисценции од сето она низ што поминавме во изминатите години.

На софрата има безброј ѓаконии што секој од нас ги донесе од дома за да му дадеме на собирот и по малку официјален тон(демек да пивнеме и да се замезиме),а со музиката што ни ја пушта Даре од мобилен(по желба) и малку да запееме,како што е редот.Борче ни се обраќа и ни крева спомени,Иве кажува сеќавања како дошол во Одборот,Дејан,Љупчо и Баже не задеваат на разни теми,незлонамерно и шеретски.На годинашниот Здравичар Штеф му го предаваме знаменитото дрвено бадникарско одбележје(стилизиран лист)во знак на благодарност и за сеќавање на Бадник 2018.Некое време ете го со нас и Ангел нашиот предан помагател и Кум за 2004.Му пуштаме снимка од „поп Марче“,ја слуша задоволно и восхитено. Тој дојде директно од винаријата во Камник ,ни пренесе поздрави од Кум Ики и ни кажа зборови кои остануваат во сеќавање.....впрочем тој ќе биде нашиот претседател во иднина,а Борче ја добива заслужената титула почесен претседател.....За Бадник до крај е нашето кредо и завет!

Во опуштена и бескрајно искрена атмосфера на другари и блиски по разни основи кажуваме инсерти и пријатни и помалку пријатни случки „без љутиш или замерка“ (дел од нас веќе ги нема,заминаа но останаа сеќавањата)..... Заминав дома маглосан, расположен, но и тажен,но решен без посебна обврска да ги редам настаните хронолошки и документирано,да ја раскажам приказната за Бадник,од мојот ракурс.Сета сличност со настаните и личностите ќе биде намерна! 

Првото бадниково гранче за спонтаната средба пред пазарчето Буњаковец во 93-та го има скинато Кире Тип.Според неговото сведоштво тој со Фиќо ден пред Бадник се искачил на Водно и некаде над Панорама набрал една вреќа бадникови гранчиња(колку за еден багажник)газејќи снег „до појас“.Откако тоа скромно количество се потроши првите тројца Бадникари решиле да го откупат сиот бадник што се продавал на пазарот за да го делат бесплатно на своите сограѓани(заедно со топлата ракија што како на шега ја најави Диме Циго на Третиот канал на МТВ).

Бевме свесни дека за следната средба што ја закажавме пред Соборен Храм(по сугестија на Отец Методија) ќе ни требаат многу повеќе гранчиња(а и топла ракија,разбира се).Мац и Борче добиле ветување од директорот на Македонски шуми Тофе Здравески(син на Милан од Тресонче, познат скопски келнер кој долго го печел занаетот по белградските„кафани“) дека негови вработени ќе донесат со возило гранки бадниково дрво што ние би го подготвиле натаму со ножици за кроење лозница.

Неколку дена пред 6-ти јануари 1994 година пред кафеаната на Жабарот во Парк маало со камионче беа донесени гранките, со убав и крупен лист,од Катлановско Брдо.Се собравме сите од Одборот,а тука беа и маалчани на Жабар и задолжителниот Лабуд,кој подоцна беше кооптиран во Одборот заедно со Аце(откако од нашите редови засекогаш си заминаа Жанте и Веле).Атмосферата не треба ни да ја опишувам-полетна и весела-со песна,жива музика и оро.Однекаде тука се створи и екипа на„Сител“ која тоа го овековечи.Првите година-две беше така,гранки со камион од Катланово,ние го поткаструваме бадникот и го складираме во покриениот дел на верандата на кафеаната(еднаш дури некој се дрзна да ни украде бадник).Од пред знаменитиот скопски локал заминаа на првиот разговор за „Сител“ и Дечко и Иве,а ние го гледавме во кафеаната,коментирајќи со чашка жолта и варено јајце за мезе.

Здраве ни даде дозвола сами да си береме гранчиња бадник на падините на Водно,а ние за таа активност ги одбравме јужните падини на патот за езерото Козјак,месноста локалните жители ја нарекуваат Краста и таа остана синоним за нашата важна работа околу подготовките на манифестацијата-бербата.Секоја година по договор за точно време на почнување и бројката на бадникари и симпатизери кои за неколку часа здрава работа, но и дружење и по некоја шега успеваа да наберат по 40-на бали гранчиња што со камионот на Владо- пивара ги носевме долу и ги складиравме прво кај Жабар, а подоцна благодарение на Коле, во магацинскиот дел под базенот во Карпош( сувиот и затоплен простор убаво доаѓаше за бадниковите гранчиња-често мокри од дожд, но и од снег). Берачите добиваа четврт бурек и јогурт од „Златен Клас“,а тие си носеа од дома и по некоја чваркаи туршија за мезе со ракијата.

Добивме идеја на Крста да ги каниме скопјани секоја последна недела пред Нова Година на дружба и веселба и запознавање на Кумот и Здравичарот (главните ликови на Бадникарските свечености чија грандиозна завршница беше на платото пред Соборен во присуство на илјадници скопјани,кои од првиот момент ни покажаа дека им се допаѓа тоа што сме го замислиле и го остваруваме како трдиција што стана дел на Главниот град на Македонија.Се павташе скара,се пиеше чај,вино и пиво,а по извесно време по забелешките дека тоа е време на пост и не е ред и не доликува да се јаде кебап,почнавме да печеме риба,а  потоа купената риба ја носевме во„Тинекс“ каде што вработените бесплатно ни ја пржеа и ние ја носевме горе на Водно за да им ја поделиме на насобраните луѓе.Славе Желчето  нашиот спонзор на нафората од „Златен Клас„ донираше една векна леб од метро и тука Кумот и Здравишерот со своите тајфи дојдени на Краста ја кршеа и ја делеа за среќа.Ора и песни со жива музика се до првиот студен ветер од планините.Гостите си заминуваат,а ние остануваме за да средиме се како што најдовме и како што сме се договориле со луѓето и градоначалникот на Сопиште.

Пред некоја година на крстопатот за централата „Света Петка“ општината изгради убав сенкарник,кој ние понекогаш го користиме за дружба при летните и пролетни престои на Краста.По толку години поминати на овој локалитет во шумата од даб ние наоѓаме доволно гранчиња(не ја оштетуваме сечејќи големи гранки,напротив сметаме дека придонесуваме за густината ретчејќи го бадникот за да го има и натаму.

Бадникарски свечености ќе организираме и натаму-ние или некои други бадникари-сеедно,тоа е дел од нашиот завет- за Бадник до крај! 

Благородната идеја на Мац и Борче и првата дешавка(што би рекле некои помодерни мои колеги-новинари) на пазарчето Буњаковец не останаа без одsив и реакција.Поп Методија кој наминал таму тоа студено утро и кој добро ги познавал Мац и Кире Тип зашто доаѓал да свети вода кај баба Нада во Колонија дава издражана оценка и интересен предлог:Вам местото не ви е на пазарче,зошто не би застанале пред црква?.Ене ви го Соборниот Храм Свети Климент Охридски -  да се видиме таму догодина,со среќа...е отприлика парафразиран предлогот на личниот и убаво граден отец,кој има службувано и во Австралија меѓу нашинците на Седмиот континент.

Неисе,по извесно време Мац и Борче знаејќе дека не може туку така дојди пред црква и дели бесплатни гранчиња закажуваат средба со Поглаварот на Македонската Православна Црква Г.Г. Михаил(кого Боки и приватно го знаел уште од многу отпорано бидејќи неговите две ќерки ги подучувал по англиски-поп Гого бил познат и по одличното познавање на светскиот и многу популарен јазик).Сме го среќавале како деца низ градот и сме трчале по него да му бакнеме рака и да го видиме одблиску-со белата брада и коса.А тој со благородниот лик не потсетуваше многу  на Дедо Мраз-детска работа!!!!

Биле многу добро примени од Владиката,поразговарале подолго време со него и му ја изнеле идејата.Тој великодушно ја прифатил и одобрил и ја благословил,а во врска со топлата сливова  ракија  дословно им порачал:„Пијте топла ракија Бадникари мои само немојте да се опивате“.

Членовите на Одборот од тој момент стануваат Бадникари.а целата таа манифестација гордо го понесува името содржано во придавката Бадникарска.   

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?