26 Јули, 2021
0.0313

Бајден и Путин – за подобрување на односите не може да се зборува

Објавено во: Колумни 21 Јуни, 2021

Првата средба на американскиот и на рускиот претседател во Женева, Џо Бајден и Владимир Путин, како да навести дека односите меѓу САД и Русија можат да бидат „стабилни и предвидливи“, онака како што бараа едни од други. Но само како навестување, а не и реалност.  Втора работа е дека и двете држави не се за нуклеарна војна. Тоа може да се види и од единствениот документ од средбата –  Заедничка изјава на претседателите за стратешката стабилност.

Во изјавата претседателите Бајден и Путин  нагласуваат дека: „Русија и Соединетите Држави покажаа дека дури и во време на напнатост, тие можат да напредуваат во спроведувањето на заедничките цели за да се обезбеди предвидливост во стратешката сфера и намалување на ризиците од вооружени конфликти и закана од нуклеарна војна. Неодамнешното продолжување на Договорот СТАРТ е доказ за нашата заложба за контрола на нуклеарното оружје. Денес ја потврдуваме нашата посветеност на принципот дека не може да има победници во нуклеарна војна и дека таа никогаш не треба да биде започната. За да се постигнат овие цели, Русија и Соединетите држави наскоро ќе започнат сеопфатен билатерален дијалог за стратешка стабилност, кој ќе биде суштински и енергичен. Преку овој дијалог, имаме за цел да ги поставиме темелите за идните мерки за контрола на оружјето и ублажување на ризикот“.

Ако се знае дека по разговорите не се очекуваше никаков документ и оваа изјава е некакво достигнување. Особено што доаѓа по децениско заладување на американско –руските односи. Односи кои беа дојдени на најниска точка, во што беа согласни и обајцата претседатели. Всушност таа покажува дека кога се разговара може да се постигне нешто. Работите да се подобрат со надминување на недоразбирањата. Или да се осознае кои се работите кои му пречат на едниот или другиот партнер за да може да се преземе нешто тие да се изгладат. Или пак да се види кои се непремостливите  разлики кои доведуваат до затегната ситуација меѓу партнерите. И дали може и натаму да се  соработува или да има некаков соживот во таква ситуација.

НОВА АМЕРИКАНСКА ПОЛИТИКА

Бајден и Путин си ги кажаа и добрите и лошите работи, отворено, што беше потврдена на нивните одвоени прес конференции, а на кои си поделија и признанија за конструктивноста во текот на преговорите. Но секако има работи кои не ги соопштија на јавноста, а за кои станало збор во двочасовната средба во тесен состав, во присуство на државниот секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Американски медиуми сметаат дека тоа е направено за Бајден да не се најде во ситуација како Доналд Трамп по средбата со Путин во Хелсинки, кога во Конгресот му ги бараа белешките од преведувачот! Други медиуми, пак, пишуваа дека Блинкен е присутен на средбата да му помага на Бајден да не „згреши“ нешто. Но Путин посредно тоа го демантираше. „Можам да речам дека е многу конструктивен, урамнотежен човек, како и што очекував. Веднаш се гледа дека е многу искусен“, рече Путин одговарајќи на прашања за резултатите од средбата. Според него, тие разговарале на „ист јазик“.

Кога сме кај прашањата за резултатите од средбата, односно прес конференциите, Путин уживаше во неговата, која беше двојно подолга од онаа на  Бајден. Просто диригираше, лично модерирајќи ја. Им даваше збор на новинарите, цитираше руски класици, чиниш рецитира, се смешкаше, водеше сметка за новинарките да не бидат прескокнати. Веројатно и имаше зошто. Самитот со Бајден за него беше успешен. Во познатата размена на „комплименти“ пред некој месец, кога Бајден го нарече Путин „убиец“, овој го покани на јавна дебата. Но Бајден предложи средба на врвот. Не на маргини на некаков самит, туку полноцена. Тоа е новата политика, за разлика од онаа на Доналд Трамп. Бајден е конкретен, има големо политичко искуство и сака да биде на чисто во поглед на соработката со Русија. Да види дали може да се расчистуваат урнатините напластени во изминативе години на уривање на меѓусебните односи.

Ваквиот чекор на Бајден, направен свесно, го вивна Путин или ако сакате, Русија, на скалилото на бараните политички соговорници во Европа. Ако Бајден смета дека треба да се разговара со Русија, тогаш зошто и ние не треба да го правиме тоа, велат европски политичари. Ангела Меркел, на пример, изјави дека и покрај разликите со Русија со неа мора да се води дијалог. Една Чешка, која неодамна презеде невиден дипломатски потез со протерување дузина руски дипломати, преку устата на нејзиниот премиер проговори за неопходноста од подобрување на односите со Русија. Дури и од Британија почнаа да дуваат други ветрови. Дали ова значи дека сега Русите не ќе можат да кренат глава од покани за преговори во Европа? Никако. Но тоа е само знак дека сепак нешто може да се менува. Бајден, кој пред средбата со Путин имаше самити во НАТО и со ЕУ, доби целосна поддршка од членките и сега тие можат послободно да настапуваат кон Русија. Сето ова исто така е и знак дека изолацијата на Путин на меѓународен план тешко може да се оствари.

БЕЗ НОВА ТРКА ВО ВООРУЖУВАЊЕТО?

Самитот на врвот меѓу САД и Русија покажа, а тоа Бајден не го криеше, дека Русија, сепак е светска сила. Можеби не како САД и Кина, но е. Впрочем делот од заедничката изјава во кој се вели дека:„Русија и Соединетите држави наскоро ќе започнат сеопфатен билатерален дијалог за стратешка стабилност, кој ќе биде суштински и енергичен“, јасно кажува кон што ќе биде насочена соработката, како приоритет. Бајден на својата прес конференција соопшти дека за шест месеци ќе се види ќе има ли некаков конкретен резултат од средбата со Путин, мислејќи токму на дијалогот за стратешка стабилност. И руската страна веднаш по преговорите соопшти дека прашање на недели е кога ќе почне тој дијалог. Доколку биде успешен, тогаш и САД и Русија ќе можат да сметаат дека ќе нема нова трка во вооружувањето. Ова особено се однесува на Русија од економски аспект.

Друга многу битна работа се хакерските напади или кибер безбедноста. Развојот на нови технологии, развојот на вештачката интелигенција само го заоструваат тоа прашање.  Во САД ја обвинуваат Русија за хакерски напади, а таа постојано бара докази за такви тврдења. Русија дури десетина години чека некаков разговор на оваа тема. Засега руските иницијативи уште од времето на Барак Обама не се разгледани, а создавањето заедничка комисија во времето на Трамп беше блокирано од Конгресот. Но затоа пак Бајден во Женева му даде на Путин список од 16 области, кои се забранети за кибер напади. Таму секако е енергетиката, водоснабдувањето...„Закани немаше, а ние рековме, како ќе реагираме на нарушување на американскиот суверенитет“, изјави Бајден, заканувајќи се со силен американски одговор. А тоа значи нов предизвик во војувањето. Не помал од нуклеарното оружје. И додека некои држави, на Балканот на пример, се заглавени во 19 век, други грабаат во 21-от. Кој за што учел и што научил.  Путин два дена пред самитот во интервју за американската  NBC, изјави дека според некои податоци најмногу кибер напади има од САД. Исто така и дека Русија била цел на американски кибер напади. 

Во Женева се  разговарало или биле спомнати и Украина и Белорусија, и Либија и Сирија, Авганистан, затвореници во двете држави...Но како што се очекуваше не можеше да се игнорираат човековите права во Русија. „Му реков на Путин дека ќе продолжам со покренување на прашањата за основните човекови права вклучувајќи го и Наваљни“, изјави Бајден на неговата прес конференција. Тој додаде дека последиците од можна смрт на Наваљни би можеле да бидат разрушителни за Русија. Ова е малку претерување. За Бајден многу поважни се нуклеарното оружје и кибер безбедноста. Така што руската опозиција не треба да гаи многу надежи дека еве Бајден ќе им помогне.  За него поважен е и Иран и повлекувањето од Авганистан. Путин не останува должен. Па го потсети Бајден дека за нападите врз Капитол од 6 јанари се уапсени околу 400 луѓе, дека има убиени...За Бајден споредбата на односот на Русија со опозицијата со дејствувањето на американските власти од 6 јануари е „смешна работа“.

СМЕТКА БЕЗ КРЧМАР

Што се’ се разговарало зад затворени врати може само да се претпоставува. Но од она што го искажаа двајцата претседатели како да си правеле сметка без крчмар. Особено за прашањето од кибер безбедноста и нуклеарното оружје. И на Путин и на Бајден сега им е јасно или барем осознаа какви се намерите на едните или другите. Но какви се намерите на Кина, втора велесила во моментов покрај САД. И економски и технолошки, а богами брзо станува и вселенска и воена суперсила.  Путин во погоре споменатотo интервју за американската NBCна долго и широко ја бранеше Кина од новинарот.

Америка, како што ја замислува Бајден треба да се врати на голема врата во светот, откако Трамп се обиде да ја изолира. Но експанзијата нема да оди така лесно. Лесно ќе и биде со Европа, од каде што доби поддршка, и некои традиционални сојузници. Но што ќе биде со Кина? Кинеските медиуми го воспеваат ставот на Путин  за стратешко сојузништво меѓу Русија и Кина. Тој наредниов период ќе замине во Пекинг каде ќе се сретне со претседателот Ши Џинпинг. Веројатно ќе му пренесе нешто за разговорите со Бајден.

Сега изненадува фактот дека Бајден во предизборието и по изборот зборуваше за надминување на проблемите во соработката со Кина кои ги направи Трамп, а само некој месец подоцна да ја смени реториката. И наместо Русија сега се напаѓа Кина!  Во март во Енкориџ на Аљаска каде што се сретнаа американска и кинеска делегација државниот секретар Ентони Блинкен изјави дека „Односите на САД со Кина ќе бидат конкурентски каде што треба, ќе се соработува онаму каде што е можно и ќе бидат конфронтациони каде што е неопходно“. Прва конфронтација може да се очекува околу соработката во истрагата за потеклото на коронавирусот.

НОВИ САНКЦИИ-НОВИ ПРОБЛЕМИ

Но од Белиот дом и покрај ваквите изјави од Блинкен, преку помошникот за национална безбедност Џејк Саливен најавија дека Бајден е подготвен да се сретне со Џинпинг. Се претпоставува дека средбата би можела да се одржи на маргините на Самитот на Г-20 во октомври годинава во Италија. Во Женева Бајден истакна дека со Џинпинг го обединуваат чисто деловни односи. „Ние еден со друг мошне добро се знаеме, но не сме добри пријатели, тоа е чист бизнис“, рече Бајден. Но претходно Бајден има изјавено дека со Џинпинг провел најмногу време отколку со било кој светски лидер. Заедно со него патувал над 20 илјади километри во Кина, САД и патувања во Азија. На само, со преведувачи, биле речиси 25 часа. А се запознале кога биле втори лица во своите држави.

Средбата во Женева меѓу Путин и Бајден како да зборува за враќање на биполарноста или повеќеполарноста во светот. Како и да е, се става крај на меѓународниот поредок што го воспоставија Американците по падот на „железната завеса“ и крајот на студената војна. САД во изминатите 30 години не успеаја, а  најверојатно и не сакаа, да ја направат Русија дел од западниот свет.  Сега ќе си имаат работа и со неа и со Кина.

Наредниве недели ќе покажат колку успешни и какви биле преговорите во Женева. Дали ќе се повтори искуството од разговорите со Трамп, кога после неговата средба со Путин беа воведени санкции. Дали овој пат ќе се случи нешто слично. Путин на прашање за евентуални санкции после средбата со Бајден

беше јасен во одговорот. „Ние не знаеме какви се внатрешно политичките настроенија, не го знаеме распоредот на силите. Т.е. ние знаеме, но не можеме до детали да ги разбереме настаните што се случуваат“, рече Путин,  додавајќи дека ако се воведат санкции по средбата, тоа ќе биде уште една пропуштена можност во односите.

По се ова едно е јасно. За подобрување на односите меѓу САД и Русија засега не може да се зборува. Двата претседатела си кажале еден на друг што имале да си кажат. Си дале некакви рокови. А и тоа е добро, ако се знае дека односите беа практично замрзнати.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Русија и Авганистан – кој еднаш се изгорел ќе дува и на ладно млеко

Русија и Авганистан – кој еднаш се изгорел ќе дува и на ладно млеко