19 Април, 2024
0.0236

Бајден ќе го враќа лидерството на Америка – Русија ќе чека да созреат

Објавено во: Колумни 09 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Темата Русија како да не беше присутна во американските избори. Тоа го потврди е една неодамнешна анкета на Галуп, според која на списокот на интересите на Американците таа зазема едно од последните места. Но, без оглед на тоа резултатот од изборите, ако остане сегашниот, може многу да влијае не само врз Русија, туку и на ситуацијата во регионот околу неа. Поточно на постсоветското пространство.

Да се анализира развојот на односите на САД, со новиот претседател, и Русија е неблагодарна задача. Особено што претседателот Доналд Трамп, засега не ги признава резултатите од изборите, па дури и најавува поведување судска постапка, околу нивната регуларност. Од друга страна изброените гласови му ја даваат победата на Џо Бајден, потпретседателот на САД во времето на претседателствувањето на Барак Обама. Сметам дека американските законодавци, доколку делото дојде до нив, нема да прават преседани и да го уриваат постојниот изборен систем во САД, кој сепак во некоја перспектива ќе мора да се реформира.  Таквиот приод би значел потврда на победата на Џо Бајден. Па така што и’ подготвува тој на Русија, како го прифаќа таа и со што може да одговори на неговите најави?

Во март годинава во списанието  Foreign Affairs Бајден публикуваше програмска статија озаглавена: „Зошто Америка мора да лидерува повторно“ со поднаслов, „Спасување на надворешната политика на САД после Трамп“.  Трамп сакаше да ја прави Америка повторно голема, а Бајден со слични амбиции, да ја прави лидер. За да бидеш лидер мора да си голем. Трамп големата Америка, според сите мерки, не ја направи поголема, а прашање е дали Бајден ќе ја искористи сегашната големина на САД да ги направи лидер.

ДЕМОКРАТИЈА И ЛИБЕРАЛИЗАМ

Во текстот Бајден го обвинува Трамп дека се откажал од лидерството на САД во мобилизирање на колективните дејства, неопходни за надминување на новите закани. Особено оние кои се карактеристични за овој век. А најсериозна забелешка е дека Трамп се откажал од демократските вредности, „кои и даваат сила на нашата земја и не обединуваат нас како народ“, пишува Бајден. Промената на климата, масовните миграции, инфективните болести и технолошките неуспеси, кои стојат пред САД се се’ посложени и поактуелни, додека импулсивната офанзива на авторитаризмот, национализмот и антилиберализмот негативно влијаат врз способноста на САД да ги решаваат нив колективно, смета Бајден. Според него, Меѓународниот систем изграден од Америка пука по рабовите. Корупцијата и екстремната нееднаквост го ограничуваат развојот на демократиите, парализирани од жестоките меѓупартиски борби, па не можат да се исполнуваат обврските пред сопствените граѓани.  „Дојде време да се искористи силата и смелоста, кои не доведоа до победи во двете светски војни и кои придонесоа да се урне железната завеса“, напиша Бајден. Тој тврди дека благодарејќи на победата на демократијата и либерализмот над фашизмот и автократијата никна слободниот свет. И таа борба не го определува само нашето минато, туку ќе ја определи и нашата иднина, вели Бајден.

Непотврдениот американски претседател преминува и на конкретизирање  неговите констатации и тврдења. Па затоа најавува дека во првата година од неговото претседателствување САД ќе организираат и ќе бидат домаќини на светски самит посветен на заштита на демократијата, повикан да го обнови духот и заедничките цели на земјите од слободниот свет. „Тие треба да ги обединат светските демократии за зацврстување на нашите демократски институции, чесно спротивставување на земјите, кои отстапуваат од демократските принципи и изработка на заедничка агенда“. САД при Бајден ќе посветуваат приоритетно внимание на резултатите, мобилизирајќи нови земји на прифаќање на сериозни обврски во три области. Во борбата со корупцијата, заштитата од авторитаризмот и заштита на правата на човекот во сопствените земји и во странство.

„Како обврска, преземена од Соединетите Држави на самитот, ќе издадам стратешка претседателска директива, со која борбата против корупцијата ќе биде основен интерес за националната безбедност и демократската одговорност. Покрај тоа, јас ќе ја предводам работата на меѓународно ниво, чија цел ќе биде да се обезбеди транспарентност на светскиот финансиски систем, да ги открива нелегалните даночни „раеви“, да запленува украдени средства и да се создадат услови во кои на лидерите, кои го ограбуваат својот народ ќе им биде потешко да се кријат зад анонимни лажни компании“, најави Бајден.

ПРИМЕНА НА СИЛА

Зад овие зборови на Бајден веќе се наѕираат земјите против кои тој ќе се ангажира. Недемократски, авторитарни, според негово видување. Корумпирани , исто според негово видување. Непочитувачи на човекови права, пак според негово видување. А кои држави денес се обвинуваат од САД за авториратарност, корупција и нарушување на човековите права? Меѓу нив е и Русија. А неизбежна е и Кина. Каков ќе биде приодот. Независно дали ќе се соработува онаму каде што има заеднички интерес, ќе се создава заеднички фронт за злоупотребите во Кина, на пример, кога станува збор за човековите права, вели Бајден. Тој има намера овде да ги вклучи и невладините организации во „бележаните“ земји.

Џо Бајден се заканува и со воена сила. „Секогаш решително ќе го заштитувам американскиот народ, во тие рамки и со примена на сила, во случај на неопходност. Соединетите држави имаат најсилна армија во светот и јас во случај на мој избор ќе направам се таа и во иднина да биде таква, вложувајќи средства...за да може таа, да се спротивстави на предизвиците на овој, а не на минатиот век. Но примената на сила не треба да биде прво, туку последно средство. Таа треба да се користи само за заштита на животно важните интереси на САД, кога целта е јасна и може да се достигне, и се со свесна согласност на американскиоот народ. Бајден и се заканува на Русија. Демек таа најмногу се плаши од НАТО. Па затоа Алијансата треба да се поддржува воениот потенцијал за да се спротивстави на руската агресија. „Ние треба да ја натераме Русија да ги плати сметките за нарушување на меѓународните норми и да му дадеме поддршка на руското граѓанско општество, кое чекор, по чекор, херојски настапува против клептократскиот систем на претседателот Путин“, вели Бајден. Кон сето ова треба да се додат и закани кон Кина, кон Иран, Северна Кореја, доколку не би играле „по американски ноти“.

Веројатно програмскиот текст на Бајден добро го има простудирано Јенс Столтенберг , генералниот секретар на НАТО. Кому најверојатно би му стана најлесно на душата со евентуалното заминување на Трамп. Па во честитката до Бајден упатена во саботата Столтенберг истакнува дека „силно НАТО е добро“ и за Северна Америка и за Европа, и потсетува дека сојузниците во Алијансата претставуваат речиси една милијарда население, половина од светската економска моќ и половина од светската воена моќ. „Потребна ни е оваа колективна сила за да се справиме со многуте предизвици со кои се соочуваме, вклучително и сѐ понаметливата Русија, меѓународниот тероризам, кибернетичките и ракетни закани и промената на глобалниот баланс на силите како резултат на подемот на Кина“, додаде Столтенберг. Познато е дека секој генерал мечтае за војна, барем и мала. Ама Столтенберг не беше генерал.

ОМРАЗА КОН РУСИЈА

Бајден официјално не е избран, иако десетици лидери му го честитаа изборот, па сигурно поради тоа тој ќе ја чека честитката од Владимир Путин во наредниот период. Ќе ја нема барем до официјализирање на резултатите. Кој е односот кон Бајден во Русија. Главно се коментира дека со негов избор односите ќе бидат полоши. Во американскиот конгрес главни протагонисти во воведувањето на санкции кон Русија се демократите, но со сесилна поддршка на републиканците. Тука има консензус. Кој сега ќе биде засилен доколку Бајден биде на чело на државата. Сенаторот Андреј Климов, вели дека Бајден  сака да се продолжи Договорот за намалување на стратешкото оружје, но тоа да го прикаже како негова иницијатива. Климов нагласува дека:„ Треба да се нагласи дека Џо Бајден ја смета Русија за најголема надворешнополитичка закана за Америка“.

 Во Москва некои не забораваат дека Бајден има изјавено дека Русија е противник, но не и непријател на САД. Исто и дека се заканил дека Москва „ќе ги плати сметките“ за „мешање во избори“. Ова го боли Бајден најмногу. Во 2016 година Хилари Клинтон не стана претседател, според некои американски политичари, и поради мешањето на Русија во изборите. Истрагата покажа дека нема такво нешто, но сомнежот кај демократите на Бајден остана и тие сега се подготвени за силен реванш. Во руските медиуми се цитира изјавата на прес секретарот на Путин, Димитриј Песков кој кон крајот на октомври изјави дека:„На олтарот на внатрешната политика на САД има стандардно место за омраза кон Русија. Тоа стандардно место е таму со векови“. Песков додаде дека  и претседателот Путин многу добро знае дека САД имаат русофобски приод кон двостраните односи.

За разлика од овие изјави Михаил Горбачов, првиот и последниот претседател на СССР,  смета дека Бајден заслужува внимание и се надева дека со неговиот избор во поглед на прашањето за разоружувањето „ќе биде полесно“. Но додава дека на Русија не и се потребни добри односи со Америка „по секоја цена“. Сенаторот Алексеј Пушков, мисли дека со Бајден во американската надворешна политика ќе се засили идеолошкиот елемент, што по себе ќе повлече напад врз Русија во однос на прашањата за човековите права и положбата на националните малцинства.„Можеби ќе поминеме во фаза на интензивна студена војна“ претпоставува Пушков. За него Бајден припаѓа на американските политичари кои ја сметаат Русија за главен непријател на Русија. Пушков вели дека Бајден ја почна санкционата политика за „осветување“ на Русија поради Сирија, Грузија, Украина, па таквиот приод може да се очекува и сега.

ПУТИН ОПАСЕН

Познатиот телевизиски водител Владмир Познер, кој е државјанина и на САД и на Франција, вели дека смета оти на руското раководство му е сеедно, дали претседател ќе биде Трамп или Бајден. Односите со САД се лоши и такви ќе останат барем уште еден мандат. Други експерти се зајадливи и сметаат дека Бајден е добредојден за Русија, бидејќи поради стареењето и влошувањето на здравјето нема долго да претседателствува, па во тој случај со САД ќе раководи Камала Харис која „нема појма, како се управува со земјата“.  Опозициониот политичар Иља Јашин се сомнева дека на Путин ќе му биде полесно со Бајден. Затоа што во американската политика има консензус. Путин го сметаат за опасен, непредвидлив и неадекватен.

Бајден кој повеќе пати ги посетувал СССР и Русија  и го сметаат за жесток противник на Путин. Според некои извори, Бајден при посета на Москва се сретнал со Путин. и му рекол дека во неговите очи не ја видел неговата душа, на што Путин се насмеал и изјавил:„Ние еден со друг се разбираме“. Ова со душата, Бајден го искористил од Џорџ Буш помладиот, кој после првата средба со Путин изјави дека во неговите очи ја видел неговата душа. Инаку неодамна при разговорите за идните односи на САД со Русија Путин изјави:„ Оставете тие сами таму да решат, дали им треба развивање на односите со Русија или не. Па затоа, ако им треба дијалог, повелете, ние сме подготвени. Ако не им треба, ќе почекаме, додека не созреат“.

Ќе биде интересно ако Бајден и официјално стане претседател. Тој во својот програмски текст најави светско лидерство на САД. Вети и повторно воспоставување на „нашите основи вредности“ главна од кои е „воспоставување на правила на игра во сите сфери“. Ама некој треба да ги прифати тие правила. И прашање е дали тие можат да се наметнат со сила. Се знае тие правила би се однесувале, пред се, на Русија и Кина. Ќе биде малку потешко тој напор на Бајден да вроди со плод.

Од друга страна Бајден може да зборува што сака, ама прво ќе треба да исчисти во својот двор. Не случајно американски TIME деновиве напиша дека Русија веќе може да слави победа, додека Трамп се обидува да ги стави под сомнение резултатите од претседателските избори. Наследството од Трамп ќе го прогонува Бајден со месеци,ако не и години.

Конечно збор два за Македонија. Она што Бајден го зборуваше за трите вредности. За борбата со корупцијата, заштитата од авторитаризмот и заштита на правата на човекот во сопствените земји и во странство. Тоа е добро за нас за да си ја направиме државата како што треба, па после нека не’ вика Европската унија да станеме нејзина членка. Зашто Бајден нема да ни помогне за ЕУ во спорот со Бугарија. Да не спиеме на тоа уво. Американците водени од нивниот интерес завршија работа со Грција и Преспанскиот договор и не турнаа во НАТО. Не верувам дека сега имаат и ќе имаат исто толкав интерес. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок