Бакрачески: Концесионерите на охридските плажи да се придржуваат до договорот!
Објавено во: Мои пари 03 Август, 2013
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески бара концесионерите на плажите на брегот на Охридското Езеро да се придржуваат на договорот. Да остават слободен простор за туристите, кои не сакаат да користат лежалки и да купуваат пијалоци. Да имаат обележани капалишта и спасителна служба.
Ова е второ предупредување на локалната самоуправа после поплаките на гостите и контролата која утврдила низа неправилности на охридските плажи.
„Имавме забелешки околу начинот на користење на слободниот простор, кој што со концесионерскиот договор треба да го почитуваат закупците на плажите. Во делот на оние 40 - 60 проценти кои треба да бидат ослободени од поставување лежалки, чадори и други реквизити а кој што треба да биде наменет за користење за посетителите на плажите“, изјави Никола Бакрачески градоначалник на Охрид.
Се бара од концесионерите хортикултурно да ги уредат плажите, да имаат детски паркови, тоалети, тушови, соблекувални и интернет врска. Оние кои нема да го направат тоа ќе бидат санкционирани и ќе им биде раскинат договорот.
„Ние тоа ќе го направиме тоа, доколку било кој од концесионерите не се придржува кон овие зкаонски одредби“, додава Бакрачески.
Градот е преплавен со домашни и странски туристи и од вчера во Охрид се бара место повеќе. Капацитетите на приватното и хотелското сместување се целосно исполнети.