19 Април, 2024
0.3702

Балканска формула за кавкаскиот оган!

Објавено во: Колумни 05 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Неколкудневните воени судири во Нагорно Карабах пред два месеци како да беа увертира во она што се случува деновиве во тој дел на Кавказот. Паузата што беше си ја зеле обете страни во судирот си ја искористија за сегашните воени дејствија. Да си ја проверат стратегијата, да ја проучат тактиката и да ги надополнат воените арсенали. И да пукне. Не е важно кој прв почна. Од ден на ден борбите се разгоруваат, а се повеќе гине мирно население.

На страниците на Фактор во јули објавивме дека проблемот со Нагорно Карабах трае повеќе од три децении. Дека станува збор за територија која во време на Советскиот Сојуз беше автономија во која во најголем број живееја Ерменци во состав на Азербејџан. И која во предвечерието на распадот на СССР, стана сцена на крвави борби што траеја со прекини до 1994 година. Војната заврши таа година со спогодба за прекин на огнот постигната со посредство на Русија. Таа спогодба ја потврди и победата на Ерменците на воено поле. Постигнато беше примирје. Но неговата иднина покажа дека тоа е толку кревко што лесно се крши. Азербејџан тогаш ја изгуби теиторијата на Карабах со површина од над 4.000 квадратни километри, но и седум други реони со површина од над 6.000 квадратни километри.. Последниве никогаш не биле спорни, но сега се под ерменска контрола.

Работите се исти и деновиве. Ерменците од Нагорно Карабах сакаат да си ја сочуваат својата самостојна држава и во тоа се поддржани од Ерменија со која по борбите во деведесеттите години имаат заедничка граница. Азербејџанците, пак, си ја бараат назад својата територија. Во јули кажавме дека  „ Кавказот е како Балканот. Планини и долини. А тие си имаат свои држави.  Колку планини и долини, толку држави. И колку има држави, има и толку конфликти меѓу нив. Најчесто воени. Некои замрзнати, некои со корени длабоко во минатото, но не избришани од колективната меморија на народите,  а и потенцијални.“

Зошто сега одново дојде до прекршување на примирјето? Во прв ред дека, најверојатно Азербејџанците сметаат дека се подготвени да си ја вратат територијата, а Ерменците во својата колективна меморија ги имаат погромите над мирното ерменско, и не само ерменско, население во Азербејџан од 90-тите години и сакаат да бидат свои на она што го сметаат за свое, а кое го добија со крв. Проблемот е што истото тоа за свое го смета и Азербејџан. Згора на тоа на меѓународен план ниту една држава го нема признаено Нагорно Карабах како независна и самостојна држава. Сите го сметаат како дел од Азербејџан. Дури и Ерменија го нема признато Нагорно Карабах за независна држава.

Од 1994 година наваму борби на линијата што ги разделува Карабах и Азербејџан со години владееше мир, се до 2016 година, кога Азербејџан успеа да врати малку дел од својата територија. Тогаш за четири дена војување загинаа над 200 лица. И тогаш Русија влезе како посредник и одново беше постигнато примирје. Мировни сили таму никогаш немало. Сега во Ерменија, раководството почнува да зборува за некакви мировни сили, на пример руски, кои би биле распоредени на линијата меѓу Карабах и Азербејџан. Но прашање е како тоа да се направи. Пред некој ден премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, во едно интервју, одговарајќи на прашање за тоа дали тој би сакал да види руски мировници во Карабах, рече дека тие прашања „би можеле да бидат разгледани во поширок контекст во рамките на „Минската група“ при ОБСЕ“.  Портпаролот на претседателот Владимир Путин Димитриј Песков по овој повод изјави дека „Мировници можат да се распоредат само со согласност на двете страни“. Но од извори од ерменската влада е посочено дека тоа е невозможно. Од едноставна причина што Азербејџан не се согласил со тоа во 1994 година, па не би се согласил ниту сега.

Отсуството на мировници доведе до тоа двете страни да ја зголемуваат воената моќ. Деновиве беа презентирани воените капацитети и на Азербејџан и на Нагорно Карабах и на Ерменија. Азербејџан изминативе години има вложено многу пари во купување воена техника. Според некои анализи Ерменија над 90 проценти од своето оружје го има снабдено од Русија. Исто и Азербејџан, со таа разлика што во последниве пет години снабдувањето со руското оружје од околу 90 е опаднато на над 60 проценти. Забележлива е соработката со израелската воена индустрија и со Турција.

Сегашните воени судири се посериозни. Имаше очекувања дека тие можеби ќе траат три до четири дена, но веќе влегуваат во втора недела. Обете страни се расположени воинствено. Ерменија се заканува дека ќе ја признае независноста на Нагорно Карабах. Азербејџан пак, во таков случај најавува војна до крај. Јавноста во двете земји е настроена воинствено, па затоа и ќе биде уште потешко да се зборува за мирно решение. Оттука и ризикот од ескалација на судирот станува се поголем. Што се гледа и од фактот дека почнуваат да се бомбардираат и населени места и се повеќе да гине мирно население. Да не зборуваме за разурнувањата на објекти и друга материјална штета. Според некои воени експерти бомбардирањето на населените места не се некоја крупна воена операција. Туку, акција за застрашување, демек еве што можеме да ви направиме. Па така Азербејџанците го бомбардират Степанкерт, главниот град на Карабах, додека војниците на Карабах го бомбардираа градот Ѓумра и неговиот аеродром.

Сегашните воени дејства зборуваат за промена на однесувањето на некои членки на Минската група. Конкретно, станува збор за Турција. Таа триесетина години како член на групата, политички го поддржуваше Азербејџан, но даваше предност на мировно решение. Сега очигледно таа е не само политички на страната на Азербејџан, туку и поттикнува со воена реторика. Нема официјални потврдувања, но се пренесуваат сознанија дека таа префрла сириски платеници да војуваат во Азербејџан, ерменски извори тврдат дека стотина турски воени советници учествуваат во сегашните воени операции во Азербејџан. Од друга страна Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев сето тоа го демантира. Очигледно станува збор и за пропагандна војна. И Алиев и Пашинијан даваат интервјуа на странски медиуми во кои се зборува за десетици уништени тенкови, хеликоптери, беспилотни летала, илјадници загинати, за освоени планински врвови, села...

Што прави меѓународната заедница? Копретседавачите на Минската група Русија, САД и Франција дадоа соопштение од три точки. Прво,се изразува сочуство за загинатите, второ се повикува на итен прекин на огнот и трето седнување на маса за преговори без поставување на претходни услови. Турција не го есапи ова соопштение, па ветува поддршка на Азербејџан до конечна победа. Се водат разговори на релација Москва-Ереван и Москва-Баку, исто и со Париз и Берлин. За волја на вистината во ова доминираат ерменските политичари. Во Париз во неделникот Le Journal du Dimanche, 173 француски политичари ја повикаа власта да се откаже од неутралноста во поглед на Нагорно Карабах. Во повикот се зборува дека Азербејџан почнал војна против Ерменците во Нагорно Карабах, а Турција жестоко го потхранува конфликтот со воинствени изјави во поддршка на Азербејџанците. Во САД група конгресмени подготвуваат резолуција во поддршка на Ерменците. Но ништо повеќе од тоа. Доналд Трамп, американскиот претседател, во моментов е заразен од коронавирус, а згора на тоа се наоѓа во предизборна кампања, па не може многу да влијае врз ситуацијата. Се чини дека Белиот дом како да се трга настрана од регионот. Веројатно работите на тој план ќе ги преземе Стејт департментот.

Во сето ова во најнеблагородна ситуација се Русите. Тие досега беа гаранти на примирјата. Имаа добри односи со двете земји. Иако Азербејџан последниве години оди во прегратките на Турција, а Ерменија по „револуцијата“ пред две години и доаѓањето на Пашинијан на чело на државата, се навестуваше дека ќе оди кон Западот. Но промената на геополитичката рамнотежа во тој дел на Кавказот си го прави своето. Турција како да се осили па сега се судира и во трет регион со Русија. Прво беше Сирија, па Либија и сега Нагорно Карабах. Пријателството меѓу двете држави, Русија е Турција е принудно. Се поаѓа од интересите. И такво ќе биде се додека не се наруши нечиј интерес.

Турција веќе има стратегија и таа ќе го поттикнува Азербејџан да не ја прекинува војната, се со цел да се оствари идејата на Ердоган  и таму проблемот да се решава како во Сирија. Инаку експерти од Азербејџан и Ерменија различно гледаат на работите. Еден Азербејџанец смета дека сега е моментот да се потпише мировен договор, а не примирје, кој ќе гарантира безбедност на ерменското население. Потоа да нема војска таму, освен полициски и погранични сили. Да следи демилитаризација на Карабах и исполнување на тој договор од страна на Русија, Турција и Иран. Ова е всушност и идејата на Ердоган работите да се решат како во Сирија. На прашањето што ако Ерменците не сакаат да останат под азербејџанска власт, експертот одговара или ќе станат државјани на Азербејџан или нека се иселат во Ерменија! Ерменскиот експерт смета дека Русија е заинтересирана борбите да не траат долго и во нив да нема победник, затоа што тоа може да ја прекрои целата конфигурација во регионите. А, исто така, на Москва не и е потребно зголемувањето на турското влијание во Јужен Кавказ. Оттука, смета тој Русија ќе се труди се’ да заврши побрзо. А за тоа ќе врши политички притисок на обете страни.

Томас де Ваал, од Карнеги –Европа, експерт за Кавказот, смета дека Европјаните и Американците можат колку што сакаат да жалаат по повод овој конфликт што оди далеку на падините на Кавкаските планини, но на крај тие ќе немаат друг избор освен сериозно да се зафатат со негово решение. При што да се зафатат заедно со Русија, без оглед на сите противречности за други прашања. Во регионот каде што се активизира Турција, блиску е Иран, а исто така поминуваат крупни нафтоводи и гасоводи, која била експлозија може да се претвори во сериозен меѓународен проблем. Укажувајќи дека проблемот има и хуманитарно значење и има над 20 илјади жртви и над еден милион лица кои биле принудени да се иселат, де Ваал смета дека такво нешто не треба да се повтори. „Во 1992 година Минската група повика да се одржи меѓународна конференција за решавање на карабахскиот конфликт, но таа не се одржа. Сега е вистинско време за нејзино оржување“, вели де Ваал.

Се е убаво, конференција, па решение, па спроведување. На хартија е многу лесно. А зошто да не се посегне по решенијата од балканските простори? Европа во почетокот на деведесеттите години беше „зафатена“ со Балканот. Поточно со земјите од поранешна Југославија и војните што тие ги водеа меѓу себе. Каков е епилогот од тие решенија? Протераните си останаа протерани. Имаше дури и Дејтонска конференција. Се гледа дека таа само го смири конфликтот во Босна. Што е и најважно. Но не ги отстрани до крај последиците кои доведоа до стотиците илјади жртви. А не е исклучено во иднина одново да се разгори пламен таму. Сега се во тек преговори и разговори за иднината на односите меѓу Косово и Србија. Замешани се и ЕУ и САД. Какво ќе биде решението?

Како ќе се бара Азербејџан да си ја врати територијата каде што сега владеат Ерменците и покрај тоа што сите велат дека Карабах е негова територија? Кога не сака некој народ, кој имал автономија, да живее на територијата на држава која вршела погром врз него. А изминале триесетина години. И дал илјадници жртви. Дали може да се зборува за некакво меѓународно право? Примерите кажуваат дека не може. Се’ е до интересот на големите. Онаму каде што има сила, таму нема право. Па и за Азербејџан. Тоа таму го знаат па оттука и жестоките борби за територии. За кога ќе се седне на маса да се имаат адути во раце. А Ерменците сакаат да ги одбранат тие територии.

Да сакаа да го решат прашањето на Нагорно Карабах членките на Минската група досега ќе го решеа. Но тие не знаат како. И затоа го замрзнуваа конфликтот. Така најмногу има одговараше и на Русите и на Европа и на САД. Замрзнат конфликт не носи проблеми за посматрачите од страна. Но затоа тој носи трошоци и неизвесност за земјите вклучени во тој конфликт. Знае ли некој колку пари троши Ерменија за поддршка на Карабах? Или пак Азербејџан да се вооружи за да се обиде да ја врати територијата. И притоа со неизвесност до кога ќе трае таквата состојба.  Подобро да не прашуваме како им е и на луѓето во Нагорно Карабах, земја непризнаена од никого.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок