Бегањето од дуели, потврда дека нешто смрди кај ескиваторот
Објавено во: Македонија, Колумни 28 Ноември, 2016 13:40
Тоа што во
демократските земји е законска обврска, кај нас е желба на лидерот. Излегувањето
во предизборниот период на ТВ дуел не е прашање на оценка на партиите, туку
наметната обврска од демократското општество. Целта е повеќе од јасна, гласачите
директно, во живо да ги соочат лидерите кои претендираат во иднина да ја водат
нивната држава. Едно е да му раскажуваш
прикаски на народот колку си успешен и исполнителен, а друго е кога на таквите
твои тези спротивставената страна аргументирано или не ќе ти возврати. На тој
начин народот најобјективно може да види кој ја зборува вистината и кому
треба да му ја даде довербата. Кај нас ваквата пракса и по десет години сеуште
е табу тема и веќе е јасно дека и за
овие избори соочувањето како инструмент за оценка на квалитетот на кандидатите нема да профункционира. И впрочем, затоа сме таму
кај што сме.
Просто е „неверојатно“ зошто лидерот на ДПМНЕ бега од изборни дуели кога постојано зборува за „ветени и остварени проекти“, па дури и за „остварени а неветени“, за „големи успеси“ во обзебедувањето на подобар живот на граѓаните... Според него, земјата цвета, а ако цвета зошто да бега од ТВ дуели. Зошто и покрај „големите успеси“ не се одважува да излезе пред јавноста и во соочување со опозиционерите да им го десеткува нивниот дел од гласачкото тело? Очигледно е дека некаде има сериозен проблем. Од петни жили се напрега, и без дуел, да му „доделат“ 63 пратеници за да може уште „попосветено“ да работи за „доброто“ на народот, да нема кој да му смета во остварувањето на идните проекти. Па, зошто тогаш бега од јавно соочување со лидерот на опозиционите сили?
Одговорот е прост. Нема големи успеси.Тие се демаскирани. И тој е повеќе од свесен, па, можноста јавно да расправа за нив, може да му ја растури „кулата од карти“ во која му веруваат оние кои не ги слушнале или не ги разбрале аргументите на критичарите, а се радуваат на трошките што им ги фрла од богатата трпеза, подготвена на сметка и на идните генерации.
Од досегашните критики тој разбра дека треба да даде отчет за најмалку 7 милијарди евра кои се потрошени преку буџетот од 2007 година досега, а не резултираа во динамизирање на економскиот раст. Со буџет од 1,9 милијарди евра неговата влада оствари раст на БДП од 6,5%. Потоа, секоја година, средствата во буџетот постојано растат, а стапките на раст се намалуваат. Годинава ќе ја завршиме со буџет од 3,3 милијарди евра, а растот е само 2,2%. Во што се потрошија 7 милијарди евра поголеми средства отколку во 2007 година (собирани секоја година преку зголемување на буџетските дефицити)? Со што ќе ги оправда сомневањата за расипничко трошење на средствата на граѓаните (јавни набавки по неколкукратно повисоки цени од пазарните), за одлевањата на средства во приватни џепови и нивно засолнување во тнр. земји даночни раеви. Вредноста на реализираните проекти што може да ги наведе се смешни за да ги оправдаат 7-те милијарди поголеми средства собрани со позајмување по 2007 година.
Со што ќе го оправда брзото задолжување на државата, а тоа да не се одразува врз динамизирање на стапката на растот? Ќе може ли да каже колкав е вистинскиот долг на државата? Ги знае ли скриените, неевидентирани долгови? Знае ли колку им должи, по основ на враќање на ДДВ и неисплатени обврски, на домашните изведувачи на работите на владините проекти? Зошто не го симнува ембаргото на податоците и информациите за олеснувањата на странските инвеститори, за да се оцени нивниот придонес во развојот на земјата? Со што ќе го оправда неисполнувањето на неколкуте фискални стратегии за намалување на буџетскиот дефицит? Има ли земјата развојна стратегија?
Нема валидни аргументи ниту за изведбата на илјадниците проекти во изминатата деценија. Тое неговата најомилена тема за оправдување на трошењето на парите на граѓаните, но е „скаран“ со давањето отчет за ефикасноста на потрошените средства. Јавноста и тоа како би сакала да чуе аргументи за тоа како проектот „Скопје 2014“ од предвидени 80-тина милиони евра порасна на над 600 милијарди. Или, за неколкукратното зголемување на цените на повеќе објекти од тој проект.
Како економист, може ли да ги оправда големите износи за стимулации во земјоделството, а притоа земјоделството стагнира или назадува во повеќе сектори. Не се доведува во прашање самото стимулирање, меѓутоа, тоа треба да биде во функција на преструктурирање и динамизирање на производството, а не да се сведе на социјала клиентилистички мотивирана.
Без задоволителни одговори на овие и на многу други конкретни прашања неговата приказна за „големите успеси“ во економијата паѓа во вода. Не може да се гордее со бројот на изведени проекти, ако за нив е потрошено несразмерно повеќе од реалните, пазарните трошоци. Дури и некој неписмен политичар со истите пари можел да изгради и повеќе објекти по број. Меѓутоа, суштината на економијата не е во тоа. Тоа го знае и народот, чија мудрост расипништвото го изразила мошне пластично како пример дека некој направил „од три буки вретено“. Уште подобро го знаат економистите. Државниот социјализам пропадна токму поради практиката развојот да се оправдува со порастот на физичкиот обем на производството.
И ние веќе се соочуваме со забавување на економијата и покрај користењето на се’ повеќе средства. А колабирањето ќе ни се случи, доколку владејачката партија ги добие изборите и ги реализира ветените проекти. Како е возможно и по 10 години властодршците да не разберат дека успехот во менаџирањето не е да се натпреваруваат што повеќе ќе му „даруваат“ на народот, туку да му обезбедат услови, народот да може да создава, за себе и за општеството. Нема среќа со власт која ветува издашност во трошењата, а притоа не создава економија која ќе ја сервисира таквата галантност.
Д-р Крсте Шајноски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
СДСМ ја објави резолуцијата за мигрантите, eве што содржи
Зимзоленд под лупа на институциите: Што се утврди и какви мерки ќе следат за забавниот парк во Скопје?
Семејството на загинатата сопатничка во сообраќајката во Илинден бара одземање на пратеничкиот имунитет на Јанчев од Левица
Ќура: Изјавата на Мицкоски не ни ги наруши односите
Драган од Штип ја продолжува пчеларската традиција на прадедо му – наследство старо четири генерации што и денес создава природен мед
„Филипче, како министер во Владата на Заев, работел на отворање на мигрантски камп во Бардовци“: Лефков од ВМРО - ДПМНЕ со реакција
Обвинителството бара продолжување на мерката притвор за таткото и една од ќерките-краварки во Крива Паланка
Во Собранието пристигна предлогот за разрешување на Коцевски
„Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град“: Орце се пофали со чистењето на центарот, еве што се правеше




