19 Март, 2024
0.0272

Бела книга, подарок за премиерот, министерот за култура, за советникот Висар Вишка и пратеникот Мухамед Зекири

Објавено во: Колумни 18 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Има ли нешто пострашно од замолчувањето на слободоумните, од криењето и ставањето на вистината под тепих, од криењето и извртувањето на фактите, од паушални изјави дадени од тепка на на видено, наводно за мир, спокојство и соживот во земјата?! 

Нема, нема ништо пострашно од тоа, особено кога тоа се чини во уметноста, како што се случува со филмот Ругање со Христос, на Јани Бојаџи, но и со самиот Бојаџи, кој поминува низ политичка хајка, морална, човечка и професионална дискредитација до инструментализиран институционален прогон и закани по неговиот физички интегритет...среќна нова 1933!

Министерот за култура кој е тотален анонимус изведен од политичката кујна на ДУИ, манифестираше апсолутна ригидност и не разбирање на слободата на културната креативност, и што е уште пострашно, гледајќи го трајлерот од филмот, се идентификувал себе си и сите албанци во Република Македонија со џганот од 2001 година кои направија многу ѕверства врз не албанското, но и врз албанското население кое во голем број не ги поддржуваше. 
За ѕверствата на УЧК, ако ја заборавиле, ако ја немаат видено и прочитано, имам примерок од "Белата книга", која доколку изразат желба, можам да им подарам по еден примерок за да видат што правеа тие со кои се идентификуваат, како министерот, така и неговиот советник Вишка, кој е сликан во министерскиот кабинет седнат до министерот со рацете вкрстени во форма на христијански симбол - двоглав орел. Во таа книга во колор се илустрирани ѕверствата, вкупниот учинок и начинот на кој го доживуваат соживотот припадниците на УЧК.

Но не се само тие за критика, за критика и презир е и премиерот Заев, кој во 2001 година очигледно бил зафатен со некои други работи, и врз основа на поплаките од министерот за култура и неговите другарчиња од ДУИ кои седат во удобните пратенички фотељи, а се препознале во трајлерот, јавно излезе, без да го гледал филмот, истиот го анатемиса и во име на коалицијата даде ишарет за отворен професионален, но и човечки линч на еден уметник, кој со своето творештво ја плени филмската фела на фестивалот во Канада, претставувајќи ја Република Македонија и освојувајќи престижно признание.
Сигурно тоа беше сигнал и до сета буљумента од културни професионалци и агит-проп дејци од типот на Тозија, да се оградат, да замолчат и да исчезнат во молкот околу овој парадоксален настан. Велам парадоксален затоа што филмот тука наиде на ѕид и цензура, а во Канада помина како ниту еден друг македонски филм до сега, освојувајќи награда за иновативност во филмското творештво.

Наместо Јани Бојаџи, целиот актерски тим и соработниците на филмскиот проект да добијат заслужени почести во Република Македонија, тие се анатемисани, се соочуваат со гнасни закани и притисоци од поединци, но и од некои институции кои застанале во времето на ИБ...или можеби историјата ни се повторува. 

На сето згора, некои чудни ликови од културата и медиумите се дрзнуваат да предлагаат носење на закон со кој ќе се дефинира кои теми ќе може, а кои не ќе може да се екранизираат, па ќе мора од сега натаму сето творештвото да се сведе на розова екранизација по мерка на велеумните газоглавци кои седат во удобните фотељи кои патем кажано, ние, граѓаните ги плаќаме. 

Веројатно во Министерството за култура некои минливи ликови така го разбираат соживотот, некои тивко, полека да попуштаат за сметка на агресивната глупост, па на малолетен талент му одобрија од НАШИТЕ СРЕДСТВА да пее песни и да снима спотови за УЧК. Зошто тие исти ликови не реагираа на тоа, дали сметаат дека на тој начин вистински не ги повредуваат чувствата на сите оние што не се дел од тие што ја подржуваа терористичката УЧК, или сметаат дека на тој начин се гради соживот?! 

Се прашувам дали нема да следи закон во Република Македонија (ако стигнат, ако не, во Северна Република Македонија) со кој ќе се дефинира за што и кога сурогат описните граѓани ќе може да размислуваат или можеби воопшто ќе им се забрани можноста воопшто слободно да се размислува, бидејќи има таму некои што ќе размислуваат и одлучуваат во име на сите нас, обични смртници?!

Срамно, надвор од здрав памет...а фелата исплашена и молчи, но нека, ѓаволот кога тогаш и нив ќе ги стигне, но се плашам дека тогаш никој нема да остане за да каже нешто и за нив.

Воислав Зафировски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?