29 Март, 2024
0.0326

Белорусија – Борба до истоштување

Објавено во: Колумни 24 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Во Белорусија веќе петнаесетти ден не прекинуваат протестите започнати после претседателските избори на 9 август. Се води борба до истоштување. Опозицијата  не ги признава изборите сметајќи дека се фалсификувани, а власта не попушта тврдејќи дека 80 проценти, колку што наводно освоил претседателот Александар Лукашенко, не може да се фалсификуваат. Протестите сега влегуваат во нова фаза. И веќе не се бара само поништување на изборите, туку ослободување на сите задржани на протестите и на политичките затвореници, судење на виновните за прекумерната употреба на сила и убиствата и заминување на Лукашенко.

 Александар Лукашенко уште пред изборите зборуваше дека во земјата ќе има  протести, ако опозицијата е незадовлна од изборните резултати. И уште тогаш најавуваше жесток одговор во случај на несанкционирани протести. Сето ова го зборуваше сметајќи дека како и во минатото и сега лесно ќе излезе на крај со неистомислениците. Но овој пат на протести, особено на 16 август кога се собраа околу 200 илјади луѓе, излегоа не само неистомисленици, туку и многу незадоволни од неговото 26 годишно владеење. Ако на 9 и 10 август полицијата употреби сила и уапси околу 7.000 учесници во протестите, таа подоцна, особено по протестот на „жените во бело“, на 14 август, беше многу поинаква..

Веројатно Лукашенко процени дека со тепањето на демонстрантите, а не само на неистомислениците, може само да си ги влоши шансите да продолжи со владеење. Како секој автократ и тој наместо дијалог со опозицијата, сега организирана околу Координативниот совет, најнапред прибегна кон репресии. За потоа да ја спушти топката пред опасноста од последиците од репресијата. За да не плати висока цена. Искуството од минатото покажува дека многу авторитарни лидери завршуваат во затвор или во прогонство надвор од својата земја. Да не зборуваме за убиството на Николае Чаушеску романскиот претседател. Аугусто Пиноче во Чиле почина во домашен притвор. На постсветското пространство такви беа претседателите на Киргизија, Аскар Акаев и Курманбек Бакиев, кои избега токму во Белорусија. А украинскиот претседател Виктор Јанукович во Русија.  Нашиот Никола Груевски во Унгарија.

Во Минск и во други градови на Белорусија и вчера се одржаа протести. Оној во Минск не беше многуброен како пред неколку денови, но сепак упати порака до Лукашенко дека нема повлекување назад од намерите тој да биде симнат од власта. Лукашенко очигледно привремено  ја консолидира власта и особено односите со полицијата, специјалните служби и армијата. Се чини дека тие се непоколебливи во негова поддршка. Но еден детаљ од вчера покажа дека Лукашенко е влезен во филм од кој нема враќање.

Тој и неговиот најмлад син со хеликоптер ги надлетуваа локациите во Минск каде што се протестираше. Потоа заминаа во Ситуационата соба од каде што тој раководеше со спречувањето на ескалирањето на протестите. И тој и син му беа со панцири и автомати. Син му има само 15 години. Сето тоа снимано и пренесувано од државната телевизија. Што сакаше да покаже тој? Дали повеќе се храбреше себе си отколку да се покаже храбар пред народот? Или е дел од пропагандата. Како да се замислува дека е чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде, кој до крај се спротивставуваше на военот удар во Чиле, предводен од Пиноче. Разликата е во тоа што Лукашенко е зад седум врати далеку од протестантите, кои не се вооружени, а Аљенде го собори и го уби војската.

Во борбата на опозицијата и власта голема улога има пропагандата. Слободно може да се каже дека во почетокот, иако се знаеше дека ќе има демонстрации, власта ја изгуби пропагандната битка. Не помагаше дури ни затворањето на интернетот. Телеграм каналите си ја вршеа својата работа без прекин. Од надвор, од Полска се емитуваа новости и се координираа активностите на опозицијата, маршрутите на движењето на протестантите, акциите...Државните медиуми, пак, беа напуштени од десетици добри новинари. Лукашенко ја губеше пропагандната војна. Тогаш побара помош од Русија и во Минск дојдоа две-три групи руски новинари.

Лукашенко, кој во предизборието ја коваше својата тактика со укажување на опасноста за својот суверенитет од источниот сосед, Русија, кој триесетина руски невооружени наемници на пропатување  во Минск ги уапси и ги искористи за напад врз Русија, во смисла дека дошле да создаваат немири и метежи со цел да биде урнат од власта, одеднаш ги повикува Русите на помош. Руските новинари-пропагнадисти се чини успешно си ја вршат својата работа. Сега опозиционерите кои пред избори за Лукашенко беа „приврзаници на Русија“, одеднаш станаа нејзини најголеми противници и „русофоби“. Главната опасност за Белорусија не е веќе Русија, туку доаѓа од Запад од соседството... Митот за надворешна закана е финта на сите диктатури. За да се одвлече вниманието од внатрешните проблеми и да се сплоти нацијата околу диктаторот. Се шират лажни вести дека противниците на Лукашенко сакаат да ја видат Белорусија надвор од Евроазискиот договор, од Сојузната држава, од Организацијата на Договорот за колективна безбедност, дека таа ќе го укинела рускиот јазик, дека ќе прогласела автокефална црква...А ниту еден опозиционер такво нешто досега нема изјавено.

 Александар Класковски за „Белоруски новости“ ќе напише:„ Еве ви заштита на суверенитетот, еве ви информациона безбедност. Со поканување на белоруската телевизија претставници од агресивниот, токсичен режим со руска пропаганда, според мислењето на неговите критичари, ја отвора вратата за тројански коњ. Тврдењето за агресори на западните граници на Сојузната држава исто така ги будат имперските инстикти на Кремљ. Некој сака да го привлече него кон заштита на својата власт, но ако овде дојдат тенковите на Путин, тогаш прва жртва може да биде Белорусија...Впрочем, за поддршката во тешки времиња белоруското раководство очигледно веќе е должно кај Кремљ, така што тој се надева дека овде ќе земе се под контрола и без тенкови“.

Разврската на настаните ќе покаже колку е близок кон вистината ставот на Класковски. Но дотогаш да видиме што можат да направат напорите на ЕУ и САД за надминување на кризата во Белорусија. ЕУ се изјасни за санкции и за внатрешен дијалог и некои земји се нудат за посредници во него. Секако таму водат сметка и за Русија, па додаваат дека не може ништо да се направи без неа. Веројатно го имаат предвид украинското сценарио.

Од друга страна веќе е најавено дека заменикот на државниот секретар Мајк Помпео, Стивен Бигем, доаѓа во Русија, а ќе ја посети и Литванија. Во прв ред да се разгледа ситуацијата во Белорусија. Според соговорници на Ројтерс, а како што пренесе ТАСС, цел на посетата е спречување на натамошното насилство и мешање на Русија во ситуацијата. „Јас претпоставувам дека администрацијата се обидува да ја одврати Москва од самостојно мешање или по пат на користење на своето влијание врз Лукашенко, за да го натера кон жестоко сузбивање на протестите“, изјавил еден од соговорниците на Ројтерс. Во Минск тој веројатно ќе се сретне со Светлана Тихановскаја соперничката на Лукашенко на изборите. Веројатно да и вети натамошна поддршка, а и да и даде инструкции за натамошно дејствување на опозицијата.

Вклучувањето на Западот во расплетот на кризата во Белорусија може да навестува негово посериозно приоѓање кон работите.  На пример да се одврати Русија од некакво вмешување во Белорусија.  Едно е сигурно. Лукашенко нема да се согласи на европско посредување меѓу власта и опозицијата. Примерот од Украина е силна потврда за тоа. Во Киев тројца европски дипломати е договорија со претседателот Виктор Јанукович за договор со опозицијата и за мирно решавање на кризата. Беше потпишан и документ од нивна страна, но со мал прст не мрднаа, не беше исушено мастилото од потписите, кога Јанукович мораше да бега од Киев пред опасноста да биде уапсен или убиен. Така што Лукашенко тешко би се согласил на европски посредници. Или американски, иако овие, во други услови, би ги прифатил полесно. 

Дали по зголемувањето на активноста на западот, доколку не се најде мирно решение, може да се очекува нешто ново? Освен најавените санкции, можно е и засилување на протестите. Но веќе вчера се покажа дека се намалува бројот на учесниците во нив. Ако на 16 август беа околу 200 илјади вчера беа до 150 илјади. Лукашенко за денес нареди да се зтворат компаниите во кои се штрајкува. А ќе ги отвори кога ќе се смират работите, но со ревизија на вработувањето.

Има ли опасност од разгорување на кризата во Белорусија? Во Украина некои олигарси купуваа оружје за луѓето кои се бореа против „рускојазичните“ во Донбас.  Па така се формираа воени сили на доброволци, претежно составени од радикални сили, кои спречија отцепување и на други територии од Украина. Во Белорусија такви олигарси нема. Има радикали со свои партии, но тие не учествуваа на последните избори. Засега тие не се толку гласни, што не значи дека нема да се пројават. Нив не ги поддржуват ни активните опозиционери. Доколку радикалите се организираат и се вооружат, дури тогаш ќе биде жешко во Белорусија.

А која е цената на мирот? Да дојде до договор меѓу власта и опозицијата. Но во моментов ставовите на опозицијата и власта се дијаметрално спротивставени.  Треба да се најде модус за нивни преговори. Лукашенко ги одбива. Вели прво промена на Уставот, па потоа избори. Додека опозицијата го бара уставот од 1994 година, кој Лукашенко го промени и доби апсолутна власт. Може ли Русија да направи нешто во насока кон мир? Иако на прв поглед таа се држи настрана и вели дека Белорусите треба сами да си ги решат работите, не е исклучено некаде во длабока сенка да се разговара на пониско ниво со опозицијата. Русија, за разлика од Западот, не е гласна се додека не ги прецизира работите и не ги договори. Доколку тоа не се оствари, тогаш Лукашенко со сила ќе ја дисциплинира опозицијата, но тоа ќе биде на краток рок. Зашто кога ќе дојде наредната криза, народот сега ослободен од стравот, ќе му ја скрои судбината за неколку дена. А не како сега на улица мирно да бара промени и слобода, мавтајќи со цвеќиња и знамиња. И така во недоглед. А Лукашенко да ја врши претседателската функција.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?