03 Мај, 2024
0.0252

Бидете позитивен пример!

Објавено во: Колумни 21 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

Пред некој ден кога беа големите дождови се движев со моето дете по Партизанска и две коли не  избањаа од глава до пети. Детево се тресеше од студ едвај стигнавме до дома. Несовесни возачи има секаде, па и кај нас. Сликата за еден град, општина е одраз на нивото на култура на нејзините жители, и зависи од тоа како тие се однесуваат кон сограѓаните, кон зеленилото и кон животната средина. Ако тие со своето неразумно и неодговорно однесување стануваат главен извор на загадување, трајно уништување, валкање и нагрдување на местото на живеење, нема услови за да имаме здрава животна средина. Што правиме, тоа и ни се враќа! Ќе се согласите дека не е пријатно кога ќе се движите по тротоар и кога за некој сантиметар ќе ве промаши догорче од цигара, или кога кеси полни со отпад ќе забележите оставени под дрво, или на улица, наместо да бидат фрлени во најблискиот контејнер. И нека не ве изненади ако тоа го прават луѓе кои минатиот викенд го поминале на прошетка во Париз, и кои се најгласни со своите коментари, колку е кај нас валкано. А сигурно во странство така не се однесуваат!. Зошто е тоа така? Зошто тоа што е наше да не си го чуваме и негуваме. Градот ни е таков какви што се луѓето во него! Доколку нашите деца  фрлаат хартија од штотуку изедено чоколадо на улица, а ние нема да им посочиме дека грешат и нема да го подигнеме отпадот, иднината нема да ни биде светла.  Уште полошо ако самите  родители даваат лош пример на своите деца со тоа што фрлаат отпадоци по улица! Нечистотијата пречи! Некој ќе рече, за хигиената треба институциите да се грижат, па зошто ли плаќаме комунална такса. Да тоа е така, но службите на институциите не можат да исчистат онолку колку што ние можеме да нагрдиме! Други пак ќе искоментираат, е па така е бидејќи Скопје  е град на дојденци, кои се со недостаток на емоција кон ова место. Но, дали е тоа така? Без разлика кој од каде е дојден, сите ние живееме тука, го дишеме истиот воздух,  пешачиме по истите улици, ја гледаме истата глетка. А зошто се да не биде поинаку. Факт е дека Скопје е се позагадено, понечисто, што го прави неподносливо место за живеење. Не дај боже во ваша близина да се гради зграда, едно е сигурно вашата улица најмалку една година ќе биде со кал! Не функционира атмосферската канализација, и кога ќе заврнат силни дождови, не ни бега улично капење!. Ако не од дождот, тогаш од автомобилите сигурно. Сите сме одговорни за тоа како живееме, бидејќи оставаме  хартија и отпадоци на кои им се потребни 6 месеци да се разградат, догорчиња од цигари  кои 5 години ќе ни ги красат тревниците, пластични кеси кои ќе гнијат 30 години по парковите,  гуми за џвакање на кои 25 години ќе ни се лепат чевлите, лименки што ќе бледеат на сонцето и до 400 години. Отпадот додека се разградува пушта отрови во почвата, кои потоа испаруваат и сите ние ги дишеме. Токму поради тоа потребни се промени. Секој почнувајќи од својот двор, со своите навики да даваме позитивен пример.  Да размислуваме еколошки, за да не се претвориме во огромна депонија! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина