Добивај вести на Viber
Со директно компјутерско рангирање, попладнево беа избрани 1.600-те лица од социјално ранливите категории кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“.
Компјутерското рангирање беше извршено во рамки на отворена програма на Македонската телевизија. Изборот е направен од над 20.000 пријавени лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат на работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции. Имињата на избраните се читаат во рамки на отворената програма, а можат да се видат и на веб страната на Македонски шуми.
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, кој присуствуваше на рангирањето на овие лица, истакна дека проектот за вработување на 1.600 лица е наменет да им помогне на најранливите категории на граѓани, оние кои, како што рече, се најсиромашни и кои вообичаено најтешко доаѓаат до работа.
Изборот е направен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи лица и тоа долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.
На изборот присуствуваа и министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски и директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски.
Лицата кои нема да бидат избрани од софтверот ќе имаат можност за жалба до Второстепена комисија, како и право да поведат управен спор.