19 Април, 2024
0.0267

Битиќи vs Лазаров: Ќе го погодат ли изборите и колку бизнис секторот

Објавено во: Колумни 25 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е претседател на комисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања - во седмата нивна колумна за Фактор одговараат на прашањата за тоа како изборите кои ќе се одржат на 15 јули ќе влијаат врз бизнисот, дали намалувањето на платите во април ќе биде стопирано или ќе продолжи и во наредниот период, и дали алатката „Отворени финансии“ која отсега ќе важи и за општините, конечно ќе ги натера подомаќински да работат.

Изборите се закажани за 15 јули. Како, според Вас, тие ќе се одразат на бизнисот, кој и онака е тешко погоден од корона кризата? 

Битиќи: Секој изборен процес, за жал, во нашата држава е тежок и како таков влијае врз целокупниот живот и процеси кои се одвиваат. Овој изборен циклус доаѓа во време кога имавме одложување на изборите од 12 април за неодреден временски период и кој што се совпадна со целокупното затварање и запирање на животот заради пандемијата КОВИД-19. Секако, во овој период ги гледаме економските последици и во економијата, не само кај нас, туку и пошироко во регионот, па и во светот. Нужноста за одржување на избори што поскоро без разлика на пандемијата беше очигледна, затоа што тоа ќе овозможи стабилна влада и секако можност за имање на коректор на власта, а тоа се потполно функционални институции. Сметам дека тоа што периодот на кампањата е прекраток и фокусот во овој период на одржување на максимална грижа за здравјето на граѓаните, како и полека но сигурно враќањето во новата реалност на работење на сите субјекти, меѓу другото и на стопанствениците, е позитивно. 

Тоа што, секако, е за размислување и за мене загрижувачки, е повеќе периодот после избори, отколку до денот на избори. Имаме веќе лоши искуства, а тоа кога заради тесните лични интереси, занемарувајќи ги повисоките државни интереси, се прават секакви опструкции за формирање на влада и враќање на целосно функционални институции. Ако ни се повтори некое такво сценарио, сметам дека може негативно да се одрази на бизнисот и на целокупното стопанство. Но, да се надеваме дека сите ќе ги служи разумот и разумно ќе се однесуваат, за да можеме полека да се вратиме во нормала и сите заедно да се бориме со предизвиците кои што доаѓаат заради пандемијата, затоа што други предизвици не ни се потребни ниту нас како граѓани, а секако и на стопанството.

Оваа економска криза би требало веќе да ја гледаме како нова можност за рестартирање на целата економија. Негативните последици од неа на краток рок се неминовни, но ние, како што и до сега покажавме, и понатаму ќе покажеме спремност и одлучност во преземањето на мерки со кои процесот на враќање во нормала ќе биде колку може пократок.

Лазаров: Генерално, политичките избори имаат негативни ефекти врз економијата, со оглед на фактот што се создава одредена неизвесност и непредвидливост кај бизнис секторот. Меѓутоа, овие избори се специфични од повеќе аспекти. Прво, поради тековната состојба со здравствената криза и негативните економски последици од истата. Второ, имавме еден долг период на вонредна состојба без институции со целосен легитимитет. Трето, изборната кампања е прилично кратка и истата ќе се води во еден поинаков формат.

Имајќи ги предвид сите овие специфичности, може да констатираме дека одржувањето на овие избори е повеќе од неопходно. Имено, и покрај тоа што оваа влада предводена од СДСМ во изминатите повеќе од четири месеци ги имаше на располагање сите институционални можности, покажа сериозен недостаток на капацитет во справување со кризата. Оттука, се наметнува потреба од промена на власта и доаѓање на нова влада, која ќе има стратегија и план како вистински да се справи со предизвиците од здравствено-економската криза.

Дополнително, лошите економски резултати и нереализирани ветувања во делот на економијата на оваа влада во изминатите три години се доволна причина за организирање на предвремени парламентарни избори, на кои ќе дојде нова политичка гарнитура, која со полн легитимитет на институциите ќе знае како да обезбеди повисоки стапки на економски раст, повисоки плати, повисок животен стандард, подобри услови за живот на граѓаните, поголема поддршка за приватниот сектор преку воспоставување на вистински партнерски однос, кој ќе значи побрз раст и развој.

Просечната нето плата во април во однос на март е намалена за 590 денари. Очекувате ли овој тренд на пад да продолжи и до кога тоа би траело? 

Битиќи: Прво, сметам дека треба да разјасниме дека падот на просечната нето плата е одраз на економската криза во која што западнавме заради пандемијата КОВИД-19.  Веројатно падот ќе беше уште поголем ако Владата не реагираше со сетот на мерки кои што опфатија речиси 30.000 компании (ТД и СВД) и околу 130.000 вработени во овие компании, кои беа едни од најпогодените. 

Ова движење на платите во овој период беше за очекување, во ситуација кога имате таков економски пад и значителна намалена економска активност во сите сектори (во одредени сектори и целосно запирање). 

Сметам дека ова е привремено и полека ќе се стабилизира како што се приближуваме кон излез од кризата, и веќе сметам дека во средина на третиот квартал просечната плата ќе се врати на претходните нивоа на почеток на годината.

Лазаров: Мислам дека ова намалување на нето платите за април согласно податоците на Државниот Завод за статистика е многу помало од реалниот пад на приходите на граѓаните, со оглед на фактот што голем број на вработени во април добиваа 50 отсто или 70 отсто од својата плата поради принудните прекини на работа и помалите ефективни работни часови заради кризата.

Но, она што мене многу повеќе ме загрижува, е тоа што платите во наредниот период многу тешко и бавно ќе се зголемуваат доколку не се промени целосно концептот на економски политики. Ова го зборувам затоа што во изминатиот период бевме сведоци како владата на СДСМ се обидуваше вештачки преку институционални мерки и буџетски интервенции да ги зголеми платите, во услови кога нејзините погрешни политики водеа кон пад на продуктивноста на трудот. Но, и покрај тие вештачки обиди, оваа влада ќе биде запаметена по нереализирање на едно од нејзините најголеми ветувања за просечна нето-плата од 30.000 денари. Имено, просечната нето-плата за 2019 година изнесува 25.215 денари (колку што е приближно нето-платата во април годинава), што значи 4.785 денари (или околу 78 евра) помала плата во просек по вработен. Ако го земеме предвид податокот дека во земјата има околу 800.000 вработени, тоа значи дека ова отстапување од ветувањето за просечна нето плата од 30.000 денари во апсолутен износ е 62,4 милиони евра месечно (800.000 вработени x 78 евра месечно просечно отстапување по вработен = 62.4 милиони евра) или 748 милиони евра годишно (62,4 милиони евра месечно x 12 месеци) помалку пари за вработените во јавниот и приватниот сектор. Ова е најдобра потврда дека влада на СДСМ нема капацитет и политики кои ќе овозможат одржлив раст на платите. За разлика од тој погрешен и неуспешен пристап, ВМРО-ДПМНЕ има сосема различен концепт според кој платите во земјата може да растат единствено преку пораст на продуктивноста во економијата. Во таа насока, сите економски политики ќе бидат насочени кон системско подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, што ќе овозможи подинамичен раст на платите на една одржлива основа.

Исплатите од општините кон деловните субјекти исто така ќе се гледаат преку алатката „Отворени финансии“. Дали тоа ќе го намали нерационалното трошење на локалните сапоуправи?

Битиќи: Едни од основните принципи на едно здраво демократско општество се транспарентноста и отчетноста и ова е особено клучно кога сакаме да го аплицираме кога се зборува за управувањето со јавни средства. Ако ова беше табу во 27 години на владеење на различни политички чинители, во последните три години во владеењето на СДСМ, одлика на Владата беше транспарентноста и отчетноста да биде на највисоко можно ниво. 

Токму еден таков чекор е платформата „Отворени финансии“, која е исклучителна алатка која овозможува висок степен на транспарентност, односно овозможува да се следат исплатите од трезорот за буџетските институции. Фискалната транспарентност претставува најдобра алатка за домаќинско трошење на државните пари. Порталот „Отворени финансии“ има за цел да и даде на јавноста информација, и да биде основа за фискални податоци за трошењето на државата и општините. Тоа ќе им овозможи на граѓаните, не само да видат како се троши секој еден денар од нивните даноци, туку и дали навистина оди во насока на подобрување на нивниот квалитет на живот.

Ваквиот притисок секако ќе ја зголеми потребата на адекватно планирање, но и исполнување на потребите на самите граѓани, а притоа да се елиминираат сите сомнежи и можни претпоставки дека јавните средства се злоупотребуваат.

Лазаров: Можностите што ги нуди алатката „Отворени финансии“ за следење на исплатите од трезорот, како и исплатите на локалните самоуправи, е еден чектор напред во подобрување на транспарентноста во водењето на јавните финансии, но треба да се прави разлика помеѓу транспарентност и ефикасност на јавните финансии.

Всушност, алатката „Отворени финансии“ обезбедува само информации кон кои правни и физички субјекти државата врши плаќања (намената на тие плаќања е утврдена во самиот буџет), но во никој случај преку тие информации не може да се процени дали тие буџетски средства ефикасно се искористени, дали има злоупотреба на истите, односно дали трошењето на тие средства од буџетот придонело во подобрување на условите за живот во државата.

Она што е многу поважно е колку ефикасно се трошат буџетските средства и дали тие навистина се во насока на поттикнување на долгорочниот економски раст и развој на земјата. Во изминатиот период видовме како се носат ад хок мерки и политики без никакви претходни анализи и без воспоставен систем за мониторинг и евалуација на постигнатите ефекти од тие мерки и политики.

Со оглед на фактот што земјата станува се позадолжена, што значи сериозно се ограничува идниот фискален простор на државата, се наметнува потребата од менување на моделот на креирање и имплементирање на идните политики, со цел зголемување на ефикасноста на трошењето на буџетските пари. Во таа насока, треба многу повеќе да се работи на зајакнување на контролните маханизми, со цел намалување на можностите за злоупотреби на буџетски средства преку јавните набавки и зајакнување на институционалните капацитети за некомпромисна борба со корупцијата и злоупотребите од страна на носителите на власта.

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок