19 Април, 2024
0.0342

Битиќи VS Лазаров: Платежните картички и македонските производи

Објавено во: Колумни 18 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е претседател на комисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања - во шестата нивна колумна за Фактор одговараат на прашањата за поддршката од Владата со ваучери за студентите, но и за пакетот за зајакнување на конкурентноста што им беше понуден на компаниите вреден 20 милиони евра, но и за купувањето домашни производи опција што се наметнува со домашните платежни картички.

Владата одлучи да додели ваучери за средношколците и за студентите на домашна платежна картичка, дополнително ваучери за младите за технологии. Каква суштина, според вас, има оваа мерка која е дел од третиот пакет за помош на граѓаните и стопанството погодени од Ковид-19.

Лазаров: Ова е уште една ад хок популистичка мерка без никаков системски пристап. На учениците и студентите не им требаaт платежни картички во симболичен износ, туку многу повеќе им е потребно квалитетно образование, особено во услови кога поради здравствената криза сериозно се ограничени можностите за организирање на квалитетен образовен процес. Она што се очекуваше од Владата и ресорното министерство за образование во изминатите неколку месеци е стратегија и план како ќе продолжат образовните активности во новата школска и академска година на есен.

Во таа насока, наместо Владата со ребалансот на буџетот да скрати повеќе од 11 милиони евра во образованието, требаше да направи пренамена на тие средства за унапредување на системот за далечинско учење преку опремување и целосно дигитализирање на училиштата и државните универзитети. Дополнително, она што можеше да направи Владата е субвенционирање на лаптопи за учениците и студентите чии семејства имаат низок доход со цел обезбедување на еднакви можности за сите во новите услови на реализирање на образовните активности. Во изминатите неколку месеци бевме сведоци како некои ученици и студенти беа спречени да партиципираат во онлајн настава поради ограничени можности, нешто што е навистина поразително за една земја.

Во однос на ваучерите за ИТ вештини, навистина постојат многу технички и суштински дилеми.Прво, како може за толку краток период во овие ризични услови да се организираат обуки за 5.000 партиципиенти. Второ, кој ќе ги организира тие обуки и дали има дефинирана програма и резултати кои се очекуваат од тие обуки. На крај, станува збор за мерка која е буџетирана со 2.5 милиони евра, пари кои можеше стратешки да се инвестираат во доизградба на ФИНКИ или во некои средни техничко-информатички училишта кои можат да продуцира многу поквалитетни кадри во иднина.

Битиќи: Оваа мерка е дел од третиот пакет на Економски мерки на владата во која неколку беа клучни цели зошто се носи целиот пакет, како што е поттикнување и стимулирање на приватната потрошувачка но и секако да се даде поттик кон развивање на нови вештини особено кај младите за да се подобрат вештините и знаењата и подобри нивната вработливост на пазарот на трудот. Значи едно е директно справување со последиците на сите што се погодени од КОВИД кризата во овој случај со осврт на младите и вториот одлучувачки момент беше  како да се искористи оваа криза како можност за младите. 

Имено младите особено ученици и студенти се опфатени со неколку мерки:

-  платежните картички со износ од 3000 денари, која што директно е вбризгување на пари во домашното стопанство, затоа што овие средства се ориентирани кон купување на домашни производи. Вкупно околу 90000 млади лица, или околу 4.5 милиони Евра ќе се слеат во стопанството

-  Ваучери за студенти и ученици од вредност од 6000 денари. И овие ваучери ќе се искористат за да им помогната на студентите за покривање на трошоци за партиципација во универзитет, сместување (без разлика во јавни или приватни сместувачки капацитети) но и помош за купување на училиштен и друг прибор за учениците. Сево ова помага во неколку сектори, на стопанството и зголемување на приватна потрошувачка, можност за формализирање на приватни сместувачки капацитети како и  директна помош на погодените семејства од кризата.

-  Ваучери за млади лица за покривање на трошоци за тренинзи и обуки, за стекнување на знаења и ИТ/дигитални вештини кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија. Оваа мерка ќе опфати од 7.000 - 10.000 млади до 29 години, во вредност од 3 милиони евра. 

Сево ова сметаме дека е клучно не само за стопанството туку у за младите како категорија на граѓани кои итекако се битни за нашата држава а особено да се зафатат со предизвикот на новата развојна економија. 

Во смисла на зајакнување на конкурентноста, предвидени се 20 милиони евра за сите деловни субјекти кои ќе реализираат некоја инвестиција. Може или не со оваа финансиска поддршка да помогнат компаниите да ја  зајакнат својата позиција во вакви услови?

Лазаров: Мерката за поддршка на инвестиции на приватниот сектор што беше донесена на последната владина седница е проблематична од повеќе аспекти. Прво, оваа мерка е една предизборна мерка без јасна визија. Всушност, градењето на конкурентски предности на една економија е прилично тежок и комплексен процес кој бара системски пристап базиран на долгорочна развојна стратегија. За жал, Владата во последите три години многу малку работеше на тоа поле и покрај тоа што беше донесен план за економски раст кој во својата основа требаше да се фокусира токму на зголемување на конкурентноста на домашните компании. Но, наместо јакнење на конкурентските позиција на земјата, во изминатиот период имаме намалување на извозната конкурентност, пад на продуктивноста и релативно ниски стапки на економски раст. Второ, оваа мерка предвидува поддршка за секаков тип на инвестиции во основни средства, како на пример, градење на хали, деловни објекти и други градежни објекти кои повеќе ќе придонесат во зголемување на капиталот (богатсвото) на селектираните компании, отколку на конкурентноста на целата економија. Сите светски искуства поврзани со ваков тип на мерки подразбираат поддршка само за инвестиции во трансфер на технологија (опрема, машини, know-how знаење) кои реално можат да го зголемат производниот капацитет, конкуреноста и продуктивноста на една економија. Дополнително, нелогично е да стимулирате инвестиции во градежни работи, а притоа една од причините за ниската конкурентност на македонската економија е токму неповолната структура на инвестициите. Имено, околу 30% од вкупните инвестиции во основни средства во земјата се во форма на опрема и машини, при што, овде е вклучена и воената опрема, додека останатите 70% се доминантно во градежни работни и дел во транспортни средства. Трето, проблематично е што во овој инструмент е вклучена трговијата. Всушност, сите теоретски сознанија и практични искуства на брзорастечките успешни економии укажуваат дека за една мала отворена економија како што е случајот со нашата земја, најважно е јакнење на конкурентноста на преработувачката индустрија како извозно ориентиран сектор, а не на трговијата како услужен и неизвозен сектор. 

Битиќи: Поддршката на компаниите беше и останува фокус на сите економски мерки досега. Одредени мерки беа насочени кон задржување на работните места или креирање на нови работни места (колку што е тоа возможно во услови на криза) со директна помош на самите компании. Но секако сме свесни дека одредени компании во периодот на кризи беа во позиција на губење на своите традиционални пазари а делумно одредени компании и за губење на својата конкурентност. Токму за тоа, мерката за поддршка на стопанството  е една од мерките во третиот пакет економски мерки во вториот столб, кои ќе им овозможи и поттикне компаниите да влезат во циклус на инвестиции а притоа државата финансиски ќе ги поддржи до ниво од 25%. Оваа мерка треба да се гледа заедно со другите мерки од сите пакети, и само така ќе сфатиме дека мерките се сеопфатни и им овозможуваат на компаниите полека, но сигурно враќање на патот за развој, кој што ќе ни биде битен во наредниот период. Моделот предложен за поддршка сметам дека на голем број на компании ќе им помогне и уште повеќе ќе ги поттикне да влезат во инвестиции за зголемување на нивната конкурентност, не затоа што само државата директно ќе ги поддржи туку заради фактот дека не се чувствуваат оставени сами и дека некој се грижи за нивниот развој и раст. Затоа што за нас секој, без разлика на големината е битен чинител во нашето општество. 

Дали и колку домашната платежна картичка ќе придонесе да се зголеми потрошувачката на домашни производи и како таа практика да се задржи и понатаму?

Лазаров: Домашната платежна картичка подразбира еднократна парична помош што значи дека ефектите врз потрошувачката имаат краткорочен карактер. Идејата е преку стимулирање на домашната потрошувачка да се поттикне економијата, но она што Владата го губи од вид или мудро сака да го сокрие е дека поради карактерот и слабостите на македонската економија најголем дел од домашните производи (со исклучок на услугите и примарните земјоделски производи) се произведуваат со увезени суровини, репроматерија и полупроизводи. Тоа значи дека мултипликаторот на потрошувачката ќе биде многу помал за економијата од тоа што владините претставници се обидуваат да го претстават во јавноста, поради тоа што еден дел од таа потрошувачка индиректно ќе го зголеми увозот. Поради тоа, ние многу повеќе треба да работиме на јакнење на производните капацитети на домашните компании, нешто што не го гледаме во политиките на оваа Влада. Дополнително, износот на средства за оваа намена е премногу мал за да има некое позабележително влијание врз македонската економија во амортизирање на кризата. Имено, проценките се дека финалната потрошувачка на домаќинствата годинава ќе падне за 4% или во апсолутен износ околу 300 милиони евра, додека мерката предвидува само 28 милиони евра. Во тој контекст, се поставува прашањето, зошто ако Владата навистина сакаше да им помогне на граѓаните, а воедно да ја поттикне македонската економија, не го направи тоа на поголема група на граѓани? Во оваа тешка економска состојба голем број граѓани се соочуваат со финансиски проблеми поради губење на своите работни места, намалени плати, намалени приходи кои ги добиваат од своите роднини во странство, неможност да обезбедат средства преку сезонаска работа или во неформалната економија, што секако е доволна причина ако веќе се носи мерка за еднократна помош за граѓаните, истата да важеше за сите кои на некој начин се погодени од кризата.

Битиќи:Тоа што цело време се обидувам да го кажам е дека сите до едно, секоја мерка е конзистентна и во корелација со некоја друга мерка од било кој од трите пакети. И платежната картичка е во низата на мерки, која што има  јасна цел – заедно да се преброди кризата со корона-вирусот и заедно да се излезе од оваа криза, уште похрабри и уште посилни. Уште од самиот почеток на кризата, презедовме низа мерки преку кои со директна финансиска поддршка им помагаме на граѓаните и на компаниите полесно да ја пребродат оваа глобална криза.  

Дел од третиот пакет мерки е домашната платежна картичка „Купувам домашно“. Вкупно 28 милиони евра им се доделуваат на 324.479 граѓани, како директна парична поддршка од државата со цел да се зголеми куповната моќ и да се стимулира приватната потрошувачка. И овој износ сметаме дека е значително висок и ќе има големо влијание во опоравување на домашното стопанство во сегментот на производство како и давање на услуги. Секако не треба да се заборави и следниот чекот што се направи а тоа е зголемување на повратот на процентот од ДДВ  од проектот „МојДДВ“ за домашни производи од 15% на 20% а за странските производи има намалување од 15% на 10%. Сево ова сметаме е стимул дополнителен и во среден рок, доволен мотив и поттик не само на граѓаните да купуваат домашни производи и услуги но и на стопанството соодветно да одговори на предизвикот за диверзификација на производи у услуги кои што ги нудат а пазарот ги бара.

Ова е среднорочна стратегија на влегување во новата Македонската развојна пост Ковид економија.




Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок