16 Април, 2024
0.0264

Битиќи vs Лазаров: По изборите - економски мерки

Објавено во: Колумни 20 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ и предлог на мандатарот за нов вицепремиер за економски прашања, а Дарко Лазаров е претседател на Kомисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања - оваа е единаесетта нивна колумна за Фактор. Во тек е формирањето на новата Влада, но економските проблеми се најголеми предизвици. Ги прашавме за субвенциите и новите економски мерки, но и за висината на јавниот долг.

И покрај тоа што на компаниите им беа дадени субвенции за исплата на плати на вработените, дел од фирмите, кои беа и јавно објавени, ги оставија без плати своите работници. Кој и како потфрли со оваа мерка?

Битиќи: Мерките за поддршка на нето платите во износ од 14.500 (на ниво на минимална плата), како и мерката за поддршка на придонесите во износ до 50 отсто, беа дефинирани и спроведени на начин на кој нема да се дозволи никаква злоупотреба. Секоја фирма која побарала ваква поддршка со поднесувањето на документацијата прифатила дека ќе ги сноси сите последици дефинирани во кривичниот законик доколку средствата наместо за плати бидат искористени за друга намена. Оттука може да заклучиме дека државните институции воопшто не потфрлиле во дефинирањето и уште поважно во спроведувањето на мерките.

Ние како општество мораме да сфатиме дека треба да градиме систем во кој сите механизми во системот ќе функционираат. УЈП како институција надлежна за спроведување на оваа мерка, која во исто време ја има евиденцијата за исплаќање на плати, ќе ги преземе сите неопходни мерки за присилна наплата на платите кон работниците. Доколку тоа не се случи ќе премине и кон непопуларните мерки со кои ќе се бара кривична одговорност од оние кои направиле злоупотреба. Овде мислам дека е битно да се напомене, дека неправилностите се откриваат, и понатаму институциите на системот ќе треба адекватно да реагираат според постоечките законски одредби. Тоа што ме радува е дека при креирањето на мерките се мислеше на воспоставување на систем кој ќе може да ги открие и понатаму санкционира евентуалните неправилности, и тоа се покажа како добро промислен момент кој што отвара нови перспективи за како се постапува во една развиена земја. 

Лазаров: Еден дел од одговорноста е на самите компании и за тоа се разбира дека треба соодветно да одговараат согласно законските прописи. Ние еднаш засекогаш треба да разбереме дека трудот и работниците треба да бидат соодветно вреднувани и дека компаниите доколку сакаат да растат и да се развиваат треба да водат посебна грижа за работниците и целосно исполнување на обврските кон нив.

Но, од друга страна, најголемата одговорност за овој скандал се препишува на владата и креаторите на политиките. Зошто? Па да ве потсетам дека токму оваа мерка со уредба на закон беше неколку пати менувана и надградувана, што значи дека креаторите имале доволна можност да ја дефинираат на начин што нема да дозволат било каква злоупотреба. Имено, можеше мерката да биде дизајнирана на начин што средствата ќе се исплаќаат директно на вработените по претходно доставени листи од страна на самите компании корисници на мерката или исплатата да биде строго контролирана уште при префрлањето на средствата кон компаниите со што навреме ќе се спречеше било каква злоупотреба. Многу поважно, на тој начин немаше да се остават огромен број на работници без плата повеќе од три/четири месеци. Само да потенцирам дека согласно официјални податоци на УЈП во месец мај плата земале 30.000 граѓани помалку споредено со периодот пред почетокот на кризата што значи дека состојбата е сериозна и алармантна, а притоа не видовме никаква одговорност од владата и владините претставници.

Како се реализираат антикризните мерки? Компаниите се на колена, па дали е неопходна итна реакција?

Битиќи: Динамиката на реализација на антикризните мерки се одвива според планираните рокови кога тие беа донесени, и покрај тоа што во овој период имавме предизборна кампања на која и претходеше одолговлекување на изборниот процес од страна на опозицијата.

Во насока на зголемување на побарувачката за домашни производи а во исто време и помагање на домаќинствата со ниски приходи се реализираше мерката „купувам домашно“ со која преку домашните комерцијални банки беа доделени околу 28,3 милиони евра за околу 330.000 граѓани. Со ваучерите за туризам дистрибуирани до граѓаните во вкупен износ од околу 12 милиони евра го амортизираме ударот на уште една од најпогодените гранки од стопанството, а тоа е туризмот. Покрај овие мерки во вкупен износ од преку 40 милиони евра за поддршка на граѓаните, веќе се исплатени преку 100 милиони евра со мерките за поддршка на плати и придонеси како и бескаматни кредити со кои беа поддржани компаниите. На крајот на јули завршија и двата повици за поддршка со субвенционирање на јавни настани, и зголемување на конкурентноста преку финансиска поддршка на инвестиции во текот на 2020 и 2021 година со што им даваме дополнителен ветар во грб на домашните компании да го искористат овој кризен период да направат квантен исчекор и многу поспремни да го дочекаат посткризниот период (со завршување на рокот за аплицирање, 800 компании поднеле барања за овој тип на поддршка).

Целокупната ликвидност на македонската економија целиот овој кризен период е на високо ниво, и истата расте споредено месец за месец, како и со истиот период од минатата година, што според мене е показател дека целокупната економија генерално функционира одлично со оглед на пандемијата од КОВИД-19.

За многу краток период перформансите на приходната страна на буџетот ги доведовме до нивото од минатата година, па еве во јули 2020 имаме раст на приходите од 1,4 отсто споредено со истиот период лани. Од даноците, кај ДДВ, данокот кој според многумина финансиски експерти и аналитичари кај нас е најбитен и најдобро ја отсликува состојбата во економијата, во текот на јули 2020 има подобра наплата од истиот месец во 2019 за 1,2 отсто, и ова е показател кој нас не охрабрува и ни потврдува дека мерките кои сме ги носеле биле реални и соодветни, а резултатите се очигледни.

Лазаров: Во изминатите неколку месеци бевме сведоци на помпезни прес конференции и јавни настапи на владини претставници за сетот на антикризни мерки каде се споменуваа над 550 милиони евра помош за стопанството, економијата и граѓаните. На крајот видовме дека целиот процес бил дизајниран со цел да се манипулира со една социјално загрозена категорија на граѓани за предизборни цели без никаква стратегија како да и се помогне вистински на реалната економија да го преброди овој исклучително тежок период. И оние средства кои беа издвоени за субвенционирање на плати во приватниот сектор видовме дека во голема мера беа злоупотребени поради несоодветното креирање на самата мерка, при што, износот на средства и бројот на вработени е далеку од она што беше првично најавувано од страна на владата. Дополнително, не видовме никаква поддршка за компаниите во делот на подобрување на нивната конкурентност, нешто што беше најавувано со третиот пакет на мерки. И ова на крај ќе остане како уште едно празно предизборно ветување на оваа влада. Практично, несмасноста во ветувањата одеа до таму што дел од предложените мерки во тој трет пакет на антикризни мерки за поддршка на стопанството се спротивни на постоечките закони. Еден таков пример е мерката за обезбедување на државна гаранции за компаниите што е спротивно на постоечкиот закон за јавен долг.

Јавниот долг порасна до 59,5 отсто од бруто домашниот производ, и се смета дека веќе ја достигна црвената линија. Какви се предвидувањата за следниот период и дали земјава ќе има капацитет да ги отплаќа своите долгови?

Битиќи: Јавниот долг во државава во овој кризен период исто како и кај сите останати држави се зголемува согласно потребите на економијата од дополнителни средства со кои најпрво го амортизиравме падот на економијата, а сега веќе се спроведуваат и мерките со кои ќе се забрза развојот на компаниите и нивно враќање во нормала. Мора да се напомене дека износот на јавниот долг порасна на 59,5 отсто во текот на вториот квартал од 2020 година кога беа повлечени средствата од ММФ и од еврообврзницата со кои ние како држава обезбедивме буџетска ликвидност за до крајот на годината.

Системскиот пристап кој го имавме во креирањето и водењето на економските политики до пред кризата ни даде можност оваа криза да ја дочекаме спремни и со низата донесени мерки истата колку може полесно да ја пребродиме. Еврообврзницата во износ од 700 милиони евра издадена на почетокот на јуни оваа година беше купена за просечна каматна стапка од 3,675 отсто на меѓународниот пазар на капитал, што претставува втора најниска камата откако нашата држава се задолжува надвор со ваков тип на хартии од вредност. Дополнително на ова, државните записи кои ги издава министерството за финансии со кои се одржува ликвидноста на државниот буџет, во овој период се пласираат по историски најниски камати, што исто така е показател кој покажува дека покрај меѓународните финансиски институции и домашните банки веруваат во стабилноста на државата и нејзината способност навремено да ги сервисира своите долгови.

Само за појаснување до вашите читатели, јавниот долг не треба да се поистоветува со кредитите кои домаќинствата или компаниите ги имаат кон банките, исто како што и државните девизни резерви не претставуваат индивидуална заштеда на некое правно или физичко лице. Се додека јавниот долг се користи за надминување на вакви кризни периоди како овој кој што го поминуваме сега под влијание на корона кризата, и се додека зголемувањето на јавниот долг се користи за финансирање на исклучиво развојни проекти, нема простор за загриженост дали ние како држава ќе бидеме спремни истиот да го отплаќаме.

Лазаров: Владата предводена од СДСМ ќе биде запаметена како влада која најмногу зборуваше против претходните задолжувања, а истовремено за исклучително краток период успеа да ја задолжи државата до едно критично ниво (за само три години јавниот долг во апсолутен износ е зголемен за речиси 1.8 милијарди евра), притоа, без никакви забележителни капитални инвестиции кои ќе го зголемат потенцијалот на економијата и ќе обезбедат поголема способност на земјата за сервисирање на долговите во иднина.

Точно е дека дел од задолжувањата годинава се резултат на цикличен буџетски дефицит предизвикан од намалената економска активност поради кризата, но истовремено е факт дека значителен дел од буџетскиот дефицит кој годинава ќе биде поголем од 750 милиони евра е резултат на дискреционата фискална политика на владата која беше целосно погрешна во делот на адекватно справување со кризата и во делот на обезбедување една долгорочна и одржлива развојна компонента на економијата.

Во моментот, нивото на јавниот долг е веќе на граница на Мастришкиот критериум за задолженост, што значи дека фискалниот простор на земјата во наредниот период ќе биде сериозно ограничен. Од друга страна, земјата се соочува со ниска инфраструктурна развиеност, неквалитетно образование, неконкурентен приватен сектор и многу други системски проблеми кои дополнително ќе го забават идниот економски раст и развој. 


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?