29 Март, 2024
0.0257

Битиќи vs Лазаров: Повисок ДДВ, нов ребаланс, како ќе не „удрат“ дознаките

Објавено во: Колумни 30 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е претседател на Kомисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања - оваа е десетта нивна колумна за Фактор. Изборите поминаа економската криза остана - ги прашавме дали има потреба за нов ребаланс и дали е можно д аима промени во даночните стапки особено кај Данокот на додадена вредност, но и како ќе се справиме со намалените дознаки од странство.

Дали по примерот на многу други држави би требало и во земјава да се направи интервенција и промена на стапките на данокот на додадена вредност?

Лазаров: Во услови на економска криза, особена кога истата во најголема мера е резултат на намалување на финалната потрошувачка, еден од начините за побрзо и побезболно надминување на економските последици од истата е намалување на данокот на додадена вредност како привремена мерка за стимулирање на намалената потрошувачка на домаќинствата. Но, од друга страна треба да се внимава таквото евентуално намалување на стапката на ДДВ истовремено да не предизвика дополнително намалување на даночните приходи, имајќи во предвид дека најголемиот дел од даночните приходи во буџетот се обезбедуваат токму од овој данок.

За да се обезбеди некаков баланс во насока на стимулирање на финалната потрошувачка во услови на криза без истовремено посериозно да се нарушат буџетските приходи, најдобро е намалувањето на стапката на ДДВ да биде таргетирано кон оние секторите кои бележат најголем пад на побарувачката во периодот додека трае кризата.

Во таа насока, една од мерките што ВМРО-ДПМНЕ ја предложи во рамките на преодната стратегија за справување со економската криза што беше промовирана во текот на кампањата е токму мерката за привремено намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% за секторите угостителство и туризам. На тој начин ќе се обезбеди неопходен стимул и поддршка на овие сериозно погодени сектори од кризата. Дополнително, преку вакво намалување на стапката на ДДВ ќе се овозможи намалување на сивата економија што е исклучително застапена во овие сектори, што практично ќе значи обезбедување на дополнителни средства во буџетот на државата.

Битиќи: Корекции во фискалната политика на државава во овој момент, гледано според динамиката на полнење на државната каса, воопшто не се потребни.

Но секако дека наплатата на даночните приходи не е единствениот индикатор кој треба да се земе во предвид при креирањето и промената на даночните стапки во рамките на една економија. Пред се треба да се има предвид деловното опкружување, кое под влијание на КОВИД19 е во голема мера влошено, како и други варијабли кои можат да дадат една подетална слика за очекуваното однесување на економските субјекти при одредена промена на конкретни даноци, и секако очекувањата за зголемување или намалување на наплатата на одреден данок и неговото влијание на приходната страна на буџетот.

Од пресметките и симулациите кои се направени во текот на изработката на програмата на СДСМ за наредните 4 години, единствено предвидливо и нужно беше кратењето на ДДВ кај угостителските услуги од досегашните 18% на 10% заради големите пречки и ограничувања во работењето на оваа гранка на економијата предизвикани од КОВИД19. Исто така во насока на одговор на предизвиците од КОВИД19 ние предлагаме, и по изборите ќе усвоиме, закон со кој секоја фирма која набавува машини и технологии за производство кое е наменето исклучиво за извоз ќе биде ослободена од плаќање на ДДВ при увоз на тие машини. За други интервенции со кои на среден рок би се намалил ДДВ со цел да се помогне на уште некој од најтешко погодените сектори може да се размислува откако ќе се формира новата влада.

Во услови на силни здравствени и економски предизвици паѓаа буџетските приходи, има намалување кај сите даночни приходи. Има ли потреба од ребаланс на буџетот и каков треба да биде?

Лазаров: Ние уште кога се носеше ребалансот на буџетот во мај сугериравме дека истиот е нереално проектиран во делот на даночните приходи, што уште тогаш ја наметна потребата за дополнителен ребаланс на буџетот до крајот на годината. Денес, најголема потврда за тоа е стапката на реализација на даночните приходи во првите два квартали од годината. Имено, во првата половина од годината има реализација од 44,44% на планираните даночни приходи за 2020 година согласно ребалансот на буџетот, што значи дека државата ќе има сериозен проблем во прибирање на планираните даночните приходи до крајот на годината согласно сегашната динамика.

Сепак, она што можеби повеќе загрижува е начинот на трошење на буџетските средства. Имено, како што може да се види од последниот извештај на Министерството за финанасии за реализација на буџетот заклучно со месец јуни, стапката на реализација на капиталните расходи е сеуште исклучително ниска. Всушност, на средината на годината стапката на реализација на планираните капитални расходи е само 22,65%. Да не заборавиме дека оваа стапка на реализација е во однос на ребалансираните капитални расходи кои беа намалени за цели 70 милиони евра во однос на првично планираниот буџет за 2020 година. Ваквата очајна реализација на капиталните расходи наговестува дека со ребалансот на буџетот што неминовно ќе се случи до крајот на година ќе има повторно кратење на капиталните расходи од дополнителни 70-80 милиони евра, што практично ќе доведе до една од најлошите реализации на капитални расходи во изминатите две декади анализирано како релативен однос од вредноста на буџетот (помалку од 6%). Секако ова треба сериозно да го запали црвеното светло бидејќи на крајот на денот буџетот на секоја земја во најголема мера треба да биде насочен кон реализирање на капитални инвестиции кои се основа за зголемување на идниот развоен потенцијал на земјата и основа за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните кои практично како даночни обврзници се главните генератори на тој буџет.

Битиќи: КОВИД19 како и во сите други земји во светот, така и кај нас предизвика намалување на буџетските приходи поради намалувањето или целосното запирање на економската активност на одредени сектори во економијата. Веднаш тука е вредно да се истакне дека преземените мерки за амортизација на негативните влијанија од КОВИД19 ги дадоа своите резултати не само од аспект на зачувување на работните места, туку и со продолжување на економската активност во државата што резултира со полнење на буџетот далеку над најоптимистичкото сценарио од трите сценарија кои беа изработени од Министерството за финансии на почетокот на кризата.

Со оглед на тоа што здравствената криза со појавата на вториот бран се уште е премногу непредвидлива, засега не гледаме потреба за уште еднаш да се прави ребаланс на буџетот. Во моментов има доволно алоцирани средства за сите буџетски исплати да се одвиваат непречено, наплатата на даноците како што кажав се одвива над најоптимистичките сценарија, а државата навреме интервенираше на меѓународните пазари на капитал со издавањето на евро обврзницата, како и со покажаниот капацитет за повлекување на пари од ММФ, Светска банка и инструментите на ЕУ кои се од исклучителна важност во овој кризен период. Можам да им порачам на граѓаните дека како и до сега можат мирно да спијат, буџетот е во одлична кондиција, ќе има пари за сите буџетски исплати, и ако добрата наплата на даноците продолжи над најоптимистичкото сценарио може да очекуваме и ребаланс кон крајот на годината, но овој пат за да може да се пренаменат дополнителните средства за да избегнеме состојба на суфицит кој воопшто не е препорачлив, особено во време на криза.

Кризата се одрази и на дознаките, така е и на светско ниво, за што извести и Светската банка. Кај нас приливите од ислениците се големи. Треба ли да има страв за зголемување на сиромаштијата во случај тие драстично да се намалат?

Лазаров: Сите ние знаеме дека голем број на граѓани во земјата живеат од дознаките од странство. Кризата која ја погоди светската и европската економија веќе има сериозни негативни ефекти врз приливот на дознаки во земјата, што значи дека тоа ќе се рефлектира директно врз потрошувачката и квалитетот на живот на една поголема група на граѓани.

Секако тоа ќе предизвика и дополнително влошување на тековната сметка во платниот биланс, нешто што е нотирано и во извештаите на Народната Банка на Македонија. Имено, во последниот извештај Народната Банка предвидува продлабочување на дефицитот во тековната сметка во 2020 година од првично планираниот 1.6% на 3.2% од БДП, при што, најголем дел на тоа продлабочување на дефицитот на тековната сметка се предвидува дека ќе биде резултат токму на намалувањето на дознаките од странство. Се разбира дека тоа ќе има сериозни последници врз целата економијата со оглед дека најголем дел од тие средства се корисат за финална потрошувачка и инвестиции на домаќинствата.

Многу позагрижувачки ќе бидат последиците за оние домаќинства чии извори на средства за егзистенција во најголем степен се базираат на приливите што ги добиваат од своите роднини во странство. Дополнително, да не заборавиме дека кризата целосно ги ограничи можностите на многу студенти и граѓани кои традиционално секоја година одат на сезонска работа во земјите од ЕУ во текот на летниот период.

Сето ова, се разбира, ќе предизвика зголемување на стапката на сиромаштија во земјата и ќе отвори дополнителни проблеми за и така кревката македонска економија во наредниот период. Ова особено ако кризата потрае и следната година, и се разбира ако не се промени пристапот во справување со економските последици од кризата и сетот на економски политики кои ги практицира актуелната влада.

Битиќи: Се уште е многу рано за да се направат било какви анализи за влијанието на кризата врз намалувањето на дознаките, иако логично е да се очекува одредено намалување на истите поради намалената економска активност во земјите од целиот свет.

Борбата со сиромаштијата пак е една многу поширока област, на која дознаките имаат мало влијание, кое секако не е за потценување. Ние борбата со сиромаштијата ја започнавме уште пред три години, па така во многу краток период ја подигнавме минималната плата на 14.500 денари, од мизерните 9.000, но и потполно сме свесни дека тоа не е доволно, и истата и понатаму ќе ја покачуваме по завршувањето на КОВИД19 кризата и враќањето во нормала. За две и пол години беа отворени преку 60.000 нови работни места за што сите сме согласни дека е најдобриот начин за справување со сиромашијата.

Од останатите социјални мерки кои беа директно насочени кон намалување на сиромаштијата ќе ги наведам: социјалната помош за одредена група најранливи порасна и за преку 300 проценти, за три и пол пати се зголеми опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток, беа решени проблемите на над 12.000 стечајни работници, а се воведоа и социјални пензии за 2.600 лица кои од разни причини не исполнуваат услови за старосна пензија.


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?