19 Април, 2024
0.3103

Блинкен и Лавров го подготвија менито – масата ги чека Бајден и Путин

Објавено во: Колумни 24 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Самитот на Арктичкиот совет беше можност за прв пат да се сретнат новиот американски државен секретар, Ентони Блинкен и доајенот на светската дипломатија, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Рејкјавик, главниот град на Исланд, каде што во 1986 година се одржа и историскиот самит на Михаил Горбачов, генералниот секретар на КПСС и американскиот претседател Роналд Реган, одново ги седна на една маса Русите и Американците.

Министрите овој пат го подготвуваа, и се чини го подготвија менито за најавената средба на претседателите Владимир Путин и Џо Бајден. Сега масата ги чека нив двајцата. А во меѓувреме експертите од двете земји треба да го подготват „јадењето“.  Блинкен и Лавров разговараа речиси два часа, како што се пренесе, во мирољубив тон. Но конкретно никој од нив не кажа, кога и каде ќе се одржи самитот на претседателите. Според Блинкен „најверојатно нашите претседатели ќе се сретнат во наредните недели“. А Лавров на прашањето:„ Дали дадовте „зелено светло“ за средба со Бајден“, одговори:„ Ние не сме царина, па да даваме „зелено светло““.. Но, вчера Лавров беше малку поконкретен. Па на едно новинарско прашање под кои услови Русија ќе се согласи на самит со САД одговори дека американскиот предлог се изучува и Русите во целост се однесуваат позитивно кон него. Што дава надеж дека кон средината на јуни ќе има средба, која барем минимално ќе ги придвижи работите во американско-руските односи.
Што има во менито на министрите? Совпаѓања и разлики. Обата министри се обраќаа еден на друг по име, Сергеј и Тони. Веројатно да се прикаже некаква блискост, иако прв пат се среќаваат. Блинкен, како домаќин, бидејќи тој ја закажа средбата, пред официјалниот почеток ги повтори зборовите на Бајден искажани на Путин дека САД се стремат кон стабилни и предвидливи односи со Русија. Блинкен во воведот ги спомена несогласувањата меѓу двете земји без да ги конретизира. Но затоа го цитираше Џо Бајден од разговорот со Путин. „Ако Русија се однесува агресивно кон нас, кон нашите партнери, нашите сојузници, ние ќе одговориме. И претседателот Бајден го продемонстрира тоа, како на зборови, така и на дело, не со цел за ескалација, не за барање конфликт, туку за заштита на нашите интереси“, рече Блинкен.


РАСЧИСТУВАЊЕ НА УРНАТИНИТЕ

Тој беше поконкретен кога зборуваше за совпаѓањето на интересите. Блинкен смета дека двете земји може да работат заедно, потпирајќи се врз тие интереси, било да станува збор за борбата со коронавирусот и пандемијата, со промените на климата, нуклеарните програми во Иран и Северна Кореја, Авганистан...Според него доколку лидерите на САД и Русија можат да работат заедно, „нашите луѓе, светот ќе стане побезбеден, а тоа е она кон кое ние се стремиме“.

Сергеј Лавров потврди дека меѓу двете земји има сериозни разлики во оценките на меѓународната ситуација и во приодите кон задачите кои се неопходни и треба да се решаваат за нејзина нормализација. „Нашата позиција е едноставна: подготвени сме да ги разгледуваме сите прашања, без исклучок, со разбирање дека тоа разгледување ќе биде чесно и со факти „на маса“ и врз основа на заемно почитување“, рече Лавров. Тој ги потврди заедничките интереси во односите што ги спомена Блинкен. И нагласи дека Русија е подготвена да ги „расчисти урнатините“ останати во наследство од претходните администрации на САД, а во тие рамки и работата на дипломатските мисии на САД во Русија и обратно. Ова особено по меѓусебните протерувања на дипломати и други мерки.

Воведот, како секој вовед пред вакви средби, повеќе е куртоазија. Се разбира има и исклучоци. На пример при неодамнешната средба на Блинкен со неговиот кинески колега во Алјска, кога жестоко се искараа пред камерите. Веројатно тоа беше домашна подготовка на Американците на што Кинезите возвратија дека „тие не се добри домаќини“. За разлика од Алјаска во Рејкјавик, барем пред јавноста се’ се одвиваше „мазно“. Но затоа во настапите по средбата и коментарите се даде поголема јасност во она за што двете страни разговарале.

РАЗМЕНА НА ЗАТВОРЕНИЦИ

Во официјалното соопштение од Стејт департментот од прес секретарот Нед Прајс, освен она што беше кажано од Блинкен, во воведот пред средбата, се вели дека било разгледано претседателствувањето на Русија со Арктичкиот совет во наредните две години, па дека Блинкен рекол оти Русија треба да ги ослободи од затвор американските државјани Пол Вилан и Тревор Рид, кои се осудени со затворски казни за шпионажа(16 години) и напад врз полицајци(9 години). Во САД велат дека тие се наместени. Русите, пак, бараат ослободување од затвор во САД двајца Руси, за кои се тврди дека затворањето е наместена работа. Веројатно во некое блиско време ќе чуеме дека е извршена размена на затвореници.

Блинкен изразил и голема загриженост во врска со непрекинатото распоредување на руски трупи во и околу Украина, за активностите против „Гласот на Америка“ и „Радио слободна Европа/Радио слобода“, кои се прогласени за “странски агенти“ според руски закони. А исто така, меѓу другото, и за здравјето на Алексеј Наваљни и репресиите против опозиционите организации.  Министрите ја разгледале Сирија и трајното решавање на конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан.

Министерот Лавров во коментар по средбата со Блинкен изјави дека почувствувал  дека и кај Американците има цел за „чистење на урнатините“. Разговарале за “конфискацијата на нашата дипломатска сопственост во САД и протерувањето на руските дипломати на груб начин“ уште од времето на Барак Обама. Ќе се подготвуваат предлози за двата претседатели за стратешката стабилност, што е клучна задача, а за чие решавање се загрижени многу земји. Ќе се води дијалог за сите фактори кои влијаат врз стратегиската стабилност. Почнувајќи од нуклеарните, ненуклеарните, офанзивните, одбранбените...Тој изрази надеж дека Бајден и Путин „ќе ги определат идните патишта на заедничките напори за подобрување на очигледно болната ситуација во двостраните односи“.

СФЕРИ НА ИНТЕРЕС!?

Во се’ она што кажаа министрите и што стана достапно до јавноста од официјалните соопштенија, како да недостасуваат некои актуелни елементи од меѓународните односи. На пример што се’ му е кажано на Лавров за односот на Русија кон Арктикот. Американците до самитот во Рејкјавик не еднаш ги осудуваа потезите на Русија за зацврстување на нејзиното влијание со проширување на военото присуство.  Сето тоа предизвикува вознемиреност кај Американците. Русите предлагаат да се обнови одамна прекинатиот дијалог меѓу началниците на воените штабови  меѓу осумте земји што влегуваат во Арктичкиот совет.  Американците не се согласуваат. Тие не се согласуваат и со правилата на пловидба во тој дел од светот. А Лавров неодамна изјави дека: „На сите одамна им е јасно дека тоа е наша територија, наша земја. Ние одговараме арктичкиот брег да биде безбеден. Се’ што прави Русија таму е апсолутно законско и легитимно“.

Јавно не се чу ништо и за разногласијата околу гасоводот „Северен поток – 2“. Американците воведоа еден куп санкции против него. Но за изненадување не ја санкционираа компанијата која во Германија одговара за гасоводот, ниту пак против нејзиниот прв човек. А одново се воведоа санкции против руски компании и бродови. Дали ова значи дека САД креваат раце од правењето притисок врз гасоводот, кого го сметаат за политичко оружје на Русија. Згора на тоа и како закана за Украина и нејзиниот гасоводен транспортен систем. Во 2024 година истекува договорот за транспорт на гас од Русија до Европа преку Украина. Од овој транспорт таа остварува неколку милијарди долари приход. Опасноста е дека по завршувањето на „Северен поток – 2“ таа ќе остане без тие пари. Украинците деновиве пратија писмо до Конгресот да не се дозволи завршување на гасоводот. А за тоа останаа десетици километри. Можеби ова е едно од прашањата за кое ќе зборуваат Путин и Бајден.  

Интересно е и тоа што не се спомена ништо за Кина. А САД до ден денес се плашат од танцот на мечката и змејот. Многумина очекуваат Америка да направи обид да ги оттргне Русите од Кинезите. Некои експерти сметаат дека потегот со „Северен поток -2“ и недавањето  Акциски план на Украина за влез во НАТО се мамка која треба да ја прифати Русија за да се оддалечи од Кина. Веќе ова наликува како некој да размислува за враќање на сферите на интерес. САД, кои се против сфери на интереси, не сакаат да ја привлечат Украина кон НАТО. Како да ја оставаат во руската сфера на интерес! Но за возврат сигурно ќе бараат нешто. А тоа нешто може да бидат руско-кинеските односи. НО тешко дека Русија сега би се откажала од стратешкото партнерство со Кина.

Средбата на Бајден и Путин, која најверојатно ќе се одржи, ќе им даде можност да се сретнат по десетина години. Путин на нивната  средба тогаш изјави дека „добро се познаваат“. А Бајден пак дека „не видел душа во путиновите очи“. Средбата ќе биде убав повод да си ги проверат тогашните тврдења. А да не ги заборавиме и недамнешните изјави за „убиецот“ и “старецот“.  Најважно од се' е да дојде до средба. По неа ќе се види колку и како двете земји се подготвени да имаат стабилни и предвидливи односи врз основа на чесност, факти на маса и почитување. И ако лидерите на САД и Русија навистина можат да работат заедно, тогаш би се оствариле зборовите на Блинкен дека во тој случај: „нашите луѓе, светот ќе стане побезбеден, а тоа е она кон кое ние се стремиме“.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок