15 Април, 2021
0.0253

Блокадата на Суецкиот канал – Русија многу очекува од Северниот морски пат

Објавено во: Колумни 29 Март, 2021

Блокадата на Суецкиот канал на која бевме сведоци неколку денови фрла светлина кон север. Додека се чекаше деблокадата на каналот во Русија одново се потврдија очекувањата дека Северниот морски пат во догледно време ќе стане алтернатива на Суецкиот канал. Но не само во Русија, тоа го тврдат и западни експерти за поморски транспорт.

Минатата недела беа соопштени определени податоци за оваа важна поморска артерија. Околу 12 проценти од светската трговија се остварува низ Суецкиот канал, што го прави објект од стратешко значење. Колку е важен сообраќајот низ каналот покажа 1973 година војната меѓу Египет и Израел започната на празникот Јом Кипур. Блокадата во тие денови нанесе многу штети и сигурно е дека и тоа, меѓу другото, придонесе за брзо завршување на војната. Инаку, сегашната хаварија за која има сомневања дека е последица на човечка грешка, исто така предизвика прекини во меѓународните испораки.

Според приближни оценки штетата од блокирањето на каналот изнесува 400 милиони долари на час. Како што пишуваат некои медиуми според пресметките на Lloyd's List, движењето во западна насока чини 5,1 милијарди долари во ден, а движењето кон исток се оценува околу 4,5 милијарди долари. Во средата, според разни оценки, за минување низ каналот чекале од 165 до 185 бродови. Заглавени се и десет танкери со нафта, кои пренесуваат вкупно 13 милиони барели. Светската трговија чувствува посредно влијание од блокирањето на каналот и голем број бродови се принудени да ја сменат маршрутата и да одат по подолгиот пат, околу ртот Добра надеж. Во тоа време Русија  активно ја  рекламира сопствената алтернатива на каналот – Северниот морски пат.

Американското деловно списание The Maritime Executive пишува дека претседателот на Русија Владимир Путин долго време го предлагал Северниот морски пат, кој минува покрај рускиот северен брег како алтернатива на Суецкиот канал. А сега кога Суецкиот канал е блокиран Русија одново го афирмира Северниот морски пат.

ГЕОСТРАТЕШКО И ГЕОПОЛИТИЧКО ПРАШАЊЕ

Северниот морски пат е најкраткиот бродски пат од Азија во Европа. „Росатом“, кој е официјален инфраструктурен оператор на Северниот морски пат се занимава со афирмирање на таа маршрута. Па како алтернатива на Суецкиот канал се потенцира дека низ тој пат можат да минуваат гигантски бродови. Ако некој од нив се заглави во мразот тогаш Русите ќе ги испратат своите мразокршачи да го одглават. Трето, дека не ќе може да дојде до блокирање на патот како, на пример, што се случи со бродот Ever Given на компанијата  Evergreen во Суецкиот канал.

Но Северниот морски пат не е само маршрута. Тој истовремено е и геостратешко и геополитичко прашање. Американците, и не само тие, се многу заинтересирани за Арктикот и се’ што се случува со и околу него. На почетокот на октомври минатата година американскиот сенатор, Ден Саливен, имаше свој текст во вашингтонското издание Roll Call во кое нагласи дека се остварува пророштвото на Путин за нов Суецки канал. „Некои, а меѓу нив претседателот на Русија Владимир Путин, претскажуваа, дека тој тесен дел од морето може да стане следниот Суецки канал. Рускиот лидер зборуваше дека Русија ќе го контролира него“, напиша Саливен. Како потврда на путиновите зборови тој спомна дека количеството на бродовите кои минуваат по северните маршрути, расте од година во година.

Од 2008 година морскиот превоз на север од Беринговиот проток е зголемена за 128 проценти. Паралелно со ова, според Саливен, се набљудува раст и на воената активност на Русија во Арктикот. Овој факт предизвикува голема вознемиреност во САД. „Очигледно дека Арктикот со неговите огромни природни ресурси и стратешка положба ќе биде се4 поспорна територија“, констатира Саливен. Затоа Америка треба да изгради своја флота од мразокршачи, бидејќи Русите сега се недостижни, а и Кина може да ги надмине Американците според бројот на мразокршачите.

ПРИКАЗНАТА ЗА АРКТИКОТ НЕ Е НОВА

Зошто Арктикот стана светски привлечен центар? Велат има три причини. Првата е дека во крајбрежјето има колосални природни богатства. Потоа таму е Северниот морски пат, кој поради климатските промени и топењето на мразот е се’ поприфатлив за бродовите. И трето, најкраткото растојание за летање на американските ракети до најважните руски стратешки, економски и политичи објекти во Централна Русија, Урал, Сибир е преку Северниот пол. Се разбира и на руските до цели во Америка. Во една изјава Путин рече дека американските ракети од северните води на Норвешка до Москва можат да долетаат за 15 до 18 минути.

Приказната за Арктикот не е нова и не е само на Путин, иако тој ја активираше и Русија вложи многу работа и пари за да ги достигне сегашните резултати. За време на Перестројката во 1987 година тогашниот прв човек на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов имаше говор во Мурманск за перспективите на меѓународната соработка во Арктикот. Неговиот акцент беше ставен врз мирните односи: заеднички научни истражувања, проучување и решавање на проблемите на домородните народи на Северот, обезбедување од радиоактивната опасност, откривање на Северниот морски пат за меѓународна пловидба при услови на руска мразокршачка придружба. Димитриј Тренин од московскиот Карнеги центар пишува: „ Векторот поставен од Горбачов продолжи да биде централен во руската политика во регионот во текот на четвртина век. Во средината на 2000-тите, на преден план се појави перспективата за развој на јаглеводородни ресурси на Арктикот и развојот на Северниот морскиот пат, а во средината на 2010-тите - нова конфронтација со САД и нагло заладување на односите со нејзините сојузници од НАТО.

ЗАГАДУВАЊЕ НА ОКОЛИНАТА

Моментно Северниот морски пат се користи за транспорт на течен природен гас од наоѓалиштата на полуостровот Јамал и други кон Азија. Времето на транспорт се скратува за една третина до една половина, отколку ако се патува преку Суецкиот канал. Русија има неколку специјални танкери за транспорт на ваков гас, кои наместо мазут како гориво го користат токму гасот. Па и да дојде до некоја хаварија ќе нема загадување на водата и копното, бидејќи гасот би испарил, наместо мазутот кој би оставил долготрајни последици.  Русија многу внимава на вакви инциденти, особено по катастрофата на американскиот брод Exxon Valdez  крај  бреговите на Аљаска во 1989 година, кога се излеа големо количество нафта. Лани во Норилск имаше голема катастрофа кога големи количества дизелно гориво се излеа од цистерни, па сопственикот на фабриката мораше да плати казна од две милијарди долари за загадување на човековата околина.

Претседателот на компанијата „Обединети корпорации за бродоградба“ Алексеј Рахманов во една прилика изјави.„ Треба да обезбедиме навигација во текот на целата година, што ќе ни овозможат атомските мразокршачи кои сега ги градиме, и можност за пловидба на бродовите од ледена класа, кои ќе извезуваат енергенти. Второ, треба по новите трговски коридори да се развива пристанишна инфраструктура како некоја алтернатива, која ќе овозможи реално поефикасно намалување на патот преку Северниот морски пат. И трето, треба да се појави храбар превозник кој ќе каже: Да, јас сум подготвен да ризикувам и да тргнам со контејнерите на Северниот морски пат. Ако успееме сите три настани да ги искомбинираме, многу брзо ќе го видиме развојот на Северниот морски пат“. 

Во поглед на превозот на контејнери засега има мал интерес. Причината е што Русија има воведено определени правила за превоз на контејнери по Северниот морски пат. Бродовите кои носат контејнери треба да добијат дозвола за поминување по таа маршрута. Доколку дојде до блокада во мразот да бидат деблокирани од мразокршачите руски. Тоа не им се допаѓа на некои земји, меѓу кои и САД, кои бараат обезбедување на слободно пловење во сите води. Но како што одат работите и несигурноста во земјите околу Суецкиот канал и неговата оптовареност ќе ги натераат бродарските компании да почнат да погледнуваат и да го користат Северниот морски пат.

ГЛОБАЛНА ВОЈНА

Веќе споменав дека Арктикот е и геостратешко и геополитичко прашање. Аспирации кон него имаат не само државите кои влегуваат на него, туку уште десетина други. Русија во тој поглед поаѓа од ставот дека кон Арктикот треба да постои хиерархија на националните интереси. Основните интереси на Русија , смета Москва, се совпаѓаат со интересите на другите арктички земји – Данска, Канада, Норвешка и САД. Сите тие излегуваат на Северниот леден океан и имаат исклучителни економски зони во него, разработуваат природни ресурси, и треба да се грижат за домородното население на Северот.

После петте арктички земји има уште три постојани членки на Арктичкиот совет: Исланд, Финска и Шведска. Овде во прв ред е важна економијата. А потоа доаѓаат интересите на други земји, набљудувачи во Арктичкиот совет, меѓу кои се Велика Британија, Германија, Италија, Франција, а исто така и Индија, Кина, Јужн Кореја и Јапонија. Овде поголемо значење имаат престижот, политиката и морепловството. Па затоа, според Москва, Арктичкиот совет е аналог на Советот за безбедност на ОН.

Москва може да смета и треба да смета дека е така. Но амбициите, желбите и намерите и на членките и на набљудувачите на Арктичкиот совет сигурно не се совпаѓаат со нејзиниот приод кон Арктикот. САД, според Русите, бараат слободна пловидба, иако ја немаат потпишано Конвенцијата на ОН за морско право, но активно бараат таа да биде исполнета од други држави. Некаде блиску до нејзиниот став е и Кина, која пак заедно со Русија вложува во развојот на Северниот морски пат.

Русија следејќи ги своите интереси многу работи на економски план, но и воено се ангажира во Арктикот. Создава бази, спроведува воени вежби...Слични активности имаат и САД, па дури и членки на НАТО кои имаа воени вежби во близината на Русија во Баренцовото море. Демек да покажат дека и тие имаат некои свои интереси.

Приказната за Арктикот и за Северниот морски пат допрва ќе се развива. Ќе се испишуваат многу нови страници. И Северниот морски може да падне во сенка на поважни работи. Веќе некаде се пишуваше дека во светот би можело да дојде до глобална војна на три места. Во Европа тоа би била Украина. Во Азија при судирот на кинеските и американските интереси. И на Арктикот. Според некои податоци, Геолошкиот комитет на САД пресметал дека во Арктикот има околу 90 милијарди барели неоткриени резерви на нафта, што е околу 13 проценти од светските резерви и околу една третина од неоткриените резерви на природен гас. Така што натпреварот за нив веќе е почнат. Некој е подобро подготвен за него, а некој послабо.  А се’ се големи играчи. Во таква ситуација Северниот морски пат може да биде само повод за мерење на силите. А што ќе се изроди од такво нешто не треба да се претпоставува.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Ни недостига демократија или....?

Ни недостига демократија или....?

Дали дејноста на банката треба да се врзува исклучиво за парите

Дали дејноста на банката треба да се врзува исклучиво за парите

Русија и Украина ги испишаа „црвените линии“ - Донбас ќе замрзнува

Русија и Украина ги испишаа „црвените линии“ - Донбас ќе замрзнува

Неделен Фактор: Хохштаплери, преваранти, мафија

Неделен Фактор: Хохштаплери, преваранти, мафија

Водечката петорка бизнисмени во раководството на Комората

Водечката петорка бизнисмени во раководството на Комората

Неподнослива леснотија на владеењето

Неподнослива леснотија на владеењето

Баталјоните бараат оган: Наплив на активност на „бот фармите“ во Кремљ против Украина

Баталјоните бараат оган: Наплив на активност на „бот фармите“ во Кремљ против Украина

Да бидеме сигурни во банкарскиот систем и да се вакцинираме веднаш!

Да бидеме сигурни во банкарскиот систем и да се вакцинираме веднаш!