29 Април, 2024
0.0306

Словенечки модел за породилните отсуства: РЕФОРМА ВО КОРИСТ НА РАБОТНИЦИТЕ?

Објавено во: Колумни 30 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Во пресрет на Денот на трудот, повторно се актуелизира состојбата со правата на работниците во Република Македонија. Максимата „осум часа работа – осум часа одмор – осум часа разонода“ во 21-от век треба да претставува наша реалност, а работниците да се залагаат за стекнување на повисоко образование во текот на работниот век, регрес за годишен одмор, парична помош од работодавачот во одредени ситуации и сл. За жал, во многу работни организации проблематично е остварувањето на основните работнички права, а за нешто повеќе и да не зборуваме.

          Од друга страна, во периодот што измина бевме соочени со лавина на идеи, предлози и ветувања. Бевме соочени со насмеани лица кои од екраните и билбордите ни ветуваа „планини и долини“. Во напливот на идеи и ветувања, не беше лесно да се согледа што е реално, а што претставува нечија пуста желба, дури и во ситуација кога одредена идеја е дадена со најдобра намера. Во таква ситуација, една добра идеја помина речиси незабележано. Станува збор за идејата боледувањата и породилните надоместоци во иднина да се исплаќаат преку фирмите, па на тој начин да се избегне доцнењето во нивната исплата. Предлог кој заслужува сериозна анализа и од чија практична имплементација би имале корист сите работници кои поради боледување или породилно отсуство, привремено се наоѓаат надвор од своите работни места. Со години и децении наназад бевме сведоци на праксата од неколку месечно задоцнување на овие надоместоци. Оние на кои парите им беа најпотребни во моментот (за убава или лоша работа), мораа да се снаоѓаат како што знаат и умеат. Мораа да се позајмуваат од роднини и пријатели со ветување дека штом стасаат средствата, долгот ќе биде вратен. За таквата појава сите знаеја и сите го прифаќаа задоцнувањето во исплатата на надоместокот по основ на породилно отсуство или боледување како нешто „нормално“. Со години и децении наназад никој „не мрдна со прст“ за да се надмине оваа пракса. Па сепак, деновиве се појави „зрак на надеж“ за лицата кои определено време отсуствуваат од своето работно место. Фондот за здравствено осигурување најави дека во нашата земја ќе биде воведен словенечкиот модел – фирмите ќе ги исплаќаат боледувањата и породилните надоместоци на истиот ден со платите, а потоа нив парите ќе им ги врати Фондот. Се очекува од ваквиот модел директна корист да имаат околу 30.000 наши граѓани. Ова ветување, доколку се реализира, ќе претставува значаен чекор напред во остварувањето на работничките права. Лицата кои се на боледување или породилно отсуство ќе можат да сметаат на редовни приходи, без досегашното „вообичаено“ задоцнување. Фирмите кои ќе ги исплаќаат тие надоместоци, ќе можат да се наплатат од Фондот за здравствено осигурување (што би се рекло, од државната каса), така што не би требало да се јават посериозни проблеми. И наплатата на фирмите од Фондот мора да тече редовно и без задоцнување. Ваквиот предлог заслужува сериозна поддршка од социјалните партнери: Владата, Комората и Синдикатот. Треба да се седне на маса и да се разгледаат сите опции преку кои би можело да дојде до реализација на она што е најавено. Посебно место во трипартитниот социјален дијалог и во овој случај треба да има Синдикатот, кој застапувајќи ги правата на работнииците, треба да го побара и да го добие од Владата и Комората она што најмногу им одговара на работниците во нашата земја. Сосема за крај, треба да се истакне дека предложениот модел за исплата на социјалните надоместоци е во интерес на сите нас заедно. Треба да им се помогне на оние кои се на породилно отсуство или на боледување, а парите им се во моментот најпотребни. Останува да се надеваме дека овој модел многу брзо ќе стане дел од нашата реалност! д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД