29 Април, 2024
0.0229

Борбата за подобро утре

Објавено во: Колумни 02 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Пламени зори ме будат од сон, песна се ори прави работници,другари мои, здрави и весели, победи нови ќе постигнеме ние...стихови од песна која е посветена на работникот, на неговиот елан за работа,  на неговата воља и надеж во подобро утре-за него, за неговото семејство, за неговата држава. Многу песни се испеани, многу стихови напишани, многу поеми посветени на работникот, на создадетелот, на оној со чија пот се создава општествено корисен производ. Вредните раце на работникот, неговата трудољубивост, неговата вредност и максимална посветеност на сопствената и државна кауза дека само со труд и работливост ќе постигнеш добро и ќе бидеш награден соодветно за својот ангажман се ставани на пиедесталот на највредни нешта кои се гордост на една држава ориентирана кон производство и економски развој. Едно е сигурно, никогаш доволно и никогаш соодветно не е вреднуван работникот, неговиот труд, неговата личност Уште илјадници причини може да напишеме за каузата која години наназад го води вредниот работник, кој со мака, со пот си го печали лебецот насушен и обезбедува егзистенција за себе и за семејството со кое дели добро и зло. Многу се говори и пишува за правата на работникот, за неговата одговорност, неговиот труд е глорифициран од научната и политичика елита, многу максими се напишани во негова чест, на моменти  пофален, но никогаш доволно награден, вистински и искрено за сето она што го чини во општеството во кое битисува. Премногу теориски концепции се посветени на работничките движења, премногу елаборации на масовни медиуми за местото и улогата на работникот денес - во современото општество се снимени и прикажани, премногу говоранции од луѓе, директно повикани и инволвирани, но и од случајни добронамерници се искажани за работникот. Но едно е сигурно, никогаш доволно и никогаш соодветно не е вреднуван, работникот, неговиот труд, неговата личност и не соодветно е етаблиран на општествената скала. Масовност има, но не на протест, туку на скара и ладен пијалок Меѓународниот ден на трудот - први мај е ден на сите работници, ден на оние кои неуморно се трошат себе си за општествено корисно добро, ден на секој чесен и честит работник, кој не штедејќи се себе си се втурнува во вителот на работниот процес со цел да произведе повеќе и да направи општествена добробит. Денот на трудот се одбележува во чест на жртвите кои се бореле за работничките права и благодарение на кои се постигнати одредени бенефити на тоа поле. Во секоја нормална и демократска држава синдикалните организации го чествуваат овој ден во склад со начелата кои тој ги носи и во склад со значењето кое го има. Работничките движења токму на овој ден се сплотуваат и нивна основна кауза треба да биде масовните собири кои на симболичен начин ќе го претстават значењето на денот, но и ќе се заложат за нови работнички права, кои во секој случај ним им припаѓаат. Во светот е така, а за жал кај нас имаме соодветна вулгаризација на чествувањето на овој ден. Масовност има, но не на протест, туку на скара и ладен пијалок, покрај некоја река или поточе, на планина или на излетничко место, со друштво во некоја убава ладовина или, за оние со малку подлабок џеб, на некоја убава туристичка дестинација. Ниту протест, ниту трибина, ниту сплотеност, ниту синдикално движење, ниту масовност на работници кои во еден глас маршираат и пеат песни за нивната мака, за нивниот труд, нема, апсолутна тишина на тоа поле, занеменост, зачмаеност, затапеност. Како едвај да се чека тој слободен ден, миг и да се помине потполно анонимно или апсолутно спротивно од суштината за што тој ден постои и се одбележува. Единствено нешто што може да видиме е насмевнати новинари кои ги прашуваат работниците за значењето на тој ден, а тие истите во блажено-поднапиена положба им говорат како се собрале со своите пријатели да го чествуваат денот и секако на крај флоскулата дека многу повеќе треба да се направи за правата на работникот. Уште некој прилог за чествувањето на празникот први мај во светот, со неколку сентенци за неговото значење и толку-финито, крај на приказната, од утре нов ден, нов почеток, ново секојдневие.. Стравот од санкција в коски му е влезен на македонскиот работник Ех македонски работнику кај беше, кај си, дали си споменуваш на стиховите на легендарната- доста беше, разбуди се, свести се не спиј ти...Лика и прилика на ова наше сурово секојдневие е македонскиот работник, осиромашен, зачаурен, исплашен. Го нема никаде оној работнички елан, онаа полетност, онаа визија за поведување на масата кон подобро утре. Синдикалците, оние повиканите да бидат предводници и вистински работнички лидери се устоличија во своите удобни фотељи и се само неми посматрачи на општите случувања. А што и да очекуваме од синдикални водачи кои носат брендирана гардероба, говорат на јазикот на елитата,  работничката мака им е толка далечна и грижата за подобро работничко утре им е значајна колку ланскиот снег. Такви ли работнички лидери треба да бидат  носители на работничките движења и модели за идентификација и имитација на работникот? Да не говорам за поврзаноста на истите тие работнички лидери со политичките елити и нивните приоритети, секогаш и секаде да одработуваат за оние кои ги устоличиле, а не за неговото височество-работникот. Стравот од санкција в коски му е влезен на македонскиот работник, стравот од реперкусии за него и за членовите на неговото семејство е всаден во неговата психа и нема доволно храброст да се одважи, да застане на барикадите и гордо да извикне доста е, сакаме подобро утре, да се вивне во виорот на духовната борба како своите браќа од светот кои со високо кренати глави извикуваат –да живее работникот, да живее творецот, да живее создадетелот...Ќе имаме ли ние среќа и ксмет да го видиме македонскиот работник гордо и стројно да се побуни против сите неправди и орно да застане во битка за своите права...оптимистички ќе завршам, се надевам дека среќата  ги прати храбрите и наскоро ќе го имаме македонскиот работник силен, горд и со восклик да извикнува-за подобро утре на нашиот работник, тоа е каузата за добробит  негова, на неговото семејство, на неговата држава. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД