25 Април, 2024
0.0295

Бошко Буха политички екплодираше на својата нагазна мина!

Објавено во: Колумни 27 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Чудесно! Би рекле тие од другата страна на Осоговијата, кои толку имаат психопатолошка желба да ни бидат „браќа“. Ние би рекле неверојатно, на нашки, на македонски јазик. Со таква неверојатност „лекичко“ (на струмичко-петричкиот јазик, кој го говори Заев), премиерот даде интервју за БГнес, во кое без задишка и задршка , кажа работи што предизвикаа бура од негативни реакции во македонската јавност. Со право! Дури и еден политички монах, кој даде завет на  доживотно замолчание, да го искритикува Заев за даденото интервју  се јави, и јавноста го доживеа ова појавување со егзалтација, нарекувајќи го „Бранкојавление“.

Зоран Заев ќе остане запаметен како феномен на политичката сцена. Го пресече „Гордиевиот јазол“, односно го реши тридеценискиот проблем кој Грците го имаа со нашето уставно име, за да ги откочи блокираните евроатлански перспективи на земјава, по заслуга на сите претходни премиери, кои бегаа како „ѓавол од темјан“, од решавањето на ова прашање, бидејќи немаа храброст, да платат толкава политичка и национална цена. Претходникот на Заев, не само што немаше храброст (тој може да има се, само храброст не), за да го архивира грчко-македонскиот историски проблем, туку до даска го искомплицира, правејќи го нерешлив, што може да се каже дека Заев спаси  што можеше да се спаси во Преспа, и тоа на наша штета. Решавајќи го „проблемот со името“, веројатно, припишувајќи си  ги за себе тие лични заслуги, најпознатиот македонски Муртинец, се стави себе си во филмот на Нелсон Мендела. Со ореолот на добродетел, помисли дека со неговото поимање и логицирање, ќе ги реши децениските, па и вековните балкански напластени историски проблеми, фрустрации и тешки траорни комплекси. Вчера удри на камен. Неверојатна е неговата леснотија на поимањето на македонско-бугарскиот национален проблем, дека со две-три подмазувачки реченици, заобиколување на некои историски факти и настани, братски прегратки, ќе биде доволно да се заборави се тоа што ги обременува нашите односи со источниот сосед во овие 75 години, но и пред тоа.

Нормално, еден ден Заев ќе замине во политичка пензија, но меморијата во колективниот национален код на македонскиот народ, нема да се смени. Дури и да се сменат учебниците „со закон“, како што најави З.З. Наместо да се однесува во односот со Бугарите како да гази по минско поле, апсолутно внимателно, полека, да се движи по таа траекторија, пет пати да размисли, пред да даде изјава, квалификација, аргументација, ( ако има мозок за да може да преобмислува), тој  залетан во зборувањето со двеста на саат, небаре се натпреварува да го надмине и во брзината на зборување и еден Васко Ефтов, истресе такви неболузи, глупости и  палијативни (полу)вистини, правејќи штета не само по државните и националните интереси, туку и во „преговарачкиот процес“ со Бугарите. Наместо да се работеше кон намалување на страстите и спласнување  на вештачко создадената негативна енергија, во последните три месеци, со ова интервју, премиерот уште толку ја дозамрси ситуацијата.

Заев беше благоглаголив  во своите изјави кон јужниот сосед, потенцирајќи ја постојано нужноста од соработка, и решавање на историските проблеми, за да се отворат вратите на иднината, но заборава дека од другата страна имаше еден тотално атипичен грчки политичар, кој исто така прецизно внимаваше да не ги навреди нашите чувства како македонски народ, нашите емоции, и достоинство, за разлика од сите негови претходници. Затоа и покрај противењето на тврокорното националистичко-десничарско гласачко тело, промената на името за севкупна употреба, сепак беше и прифатена од исто така огромен број на македонски граѓани, полиберално настроени, со помеки погледи  кои ја разбираа сложеноста на геополитичките односи, и шансата на историјата која сега ни се нуди. Сепак, Красимир Каракачанов не е Алексис Ципрас. Напротив, во блатото на бугарскиот политички мочурник, виреат политичари, кои не се ни светлосни години блиски до големината на Ципрас, па со сите нивни долнопримитивни, простачки и хушкачки изјави, фрлаат сол врз жива рана и нормално ја хистеризираат овдешната јавност. На таа мина нагази Заев, кога сметајќи и мислејќи дека по истиот принцип со кој го решаваше проблемот со  Грците, на ист начин ќе го архивира и  со Бугарите. За жал, и покрај тоа што стануваше збор за името на државата (а според Киро Глигоров „Македонија е се што имаме“), бизарно ќе испадне, дека поголем проблем ќе биде  противењето на Бугарите за нашето право на себеидентификување како Македонци, кои говорат свој македонски посебен јазик, и уште пострашно негацијата на АСНОМ-нашата државотворна граѓа и темел, на кои го изградивме се она што денес сме ние. Во својата недугавост и брзоплетост Заев даде и една формулација која беше протолкувана страшно: во суштина и поради тоа најмногу се крена прашина во јавноста, дека Југославија не поделила нас братските народи македонскиот и бугарскиот. Свесен  ли е Зоран, дека со превод на оваа формулација, всушност се признаваат бугарските негаторски ставови кон АСНОМ и кон нашето битисување. Зошто ако Југославија е таа што не поделила, значи ли тоа, дека требаше да бидеме обединети, т.е присоединети кон Бугарите?! Не само што не не подели Југославија, туку во рамките на таа Југославија ние се одржавотворивме, т.е го исполнивме животниот сон и аманет на илјадници претходници кои животот го положија за тоа: Македонија слободно да живее. Бошко Буха, на 21-век, прикочи малку. Ја знаеме твојата насушна потреба да не внесеш во евроатланските архитектури и структури, но и за тоа си има свое време. И начин. На овој никако. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД