27 Април, 2024
0.0283

БРИСЕЛ ЗА ЕКОНОМИЈАТА: Преценети приходи, растечки дефицити и јавен долг

Објавено во: Економија 10 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Голема невработеност на младите, растечки јавен долг, политизирана администрација, ниска конкурентност на домашниот приватен сектор, селективна примена на закони, ова се дел од забелешките нотирани во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во областа економија.

Европската комисија  посочува дека управувањето со јавните финасии не е  подобрено, а Владата постојано го зголемува дефицитот во средината на годината. При тоа Европската Комисија наведува дека изостанала посветеноста на Владата за фискална консолидација. Брисел порачува дека потребна е  стабилизација на долгот, а внимателно да се следат надворешните задолжувањата на јавниот сектор. Растечките потреби за финансирање на државните претпријатија за исполнување на владината инвестициска агенда го забрзале нивото на јавниот долг на 46.5% во 2015.

„Владата не ги наведува конкретните мерки за поддршка фискалната консолидација. Властите планираат намалување на трошоците преку намалување на општиот дефицит од 3,6% од БДП во 2015 година на 2,6% во 2018 година, но потпирајќи се повеќе на оптимистички претпоставки за економски раст, отколку на заштеди“, стои во извештајот.

ЕК забележува дека приходите секогаш се преценуваат, а потоа има недостатоци. Ова според ЕК се должи на преоптимистичките претпоставки за економскиот раст, што пак потоа е причина за чести ребаланси на Буџетот.

„Недостатоците на приходите се должат на преоптимистички претпоставки за раст и ниско ниво на собирање приходи, а од друга страна  притисоците за трошоците растат.Постојано се бара донесување на ребаланс на буџетот и дефицитот се крева на повисоко ниво. Приходите се преценети во просек за 6% во последните пет години. Во јуни 2016 година, Владата прибегнаа повторно да направи ребаланс на буџетот, со понатамошна ревизија во август. Во просек во периодот меѓу 2009 и 2015 година, 62% од вкупните расходи беа за трансфери, особено за пензиите. Во истиот период, само околу 84% од буџетските капитални расходи беа спроведени“, стои во извештајот.

Политичката криза влијаела врз забавување на економскиот раст. Во извештајот се наведува дека и годинава ќе има понатамошни ад-хок покачувања на пензии, социјални трансфери и плати во јавниот сектор, иако стапката на раст на БДП забавува. Централната банка успешно ја одбранила ценовната стабилност и домашната валута, а девизните резерви со издавањето на еврообврзницата во јули годинава се довеле на задоволително ниво ниво. Банкарскиот сектор покажува флексибилност, а кредитниот раст кај компаниите забавува среде политичката неизвесност.

Бизнисот страда од неефикасно и нерамномерно спроведување на законите

Во делот за бизнис климата, ЕК забележува дека развојот бизнисот страда од неефикасно и нерамномерно спроведување на законите. При тоа се нотира дека ниските корпоративни даноци и поедноставувањето на регулаторните барања се камен темелници на политиката на Владата за да се олеснат бизнис операциите, но оти сепак, добивањето лиценци и дозволи за работа е полесно за странските инвеститори отколку за домашните компании. Одредени пропусти и натаму остануваат, како што се ниската конкурентност на домашниот приватен сектор, која е попречена од слабата примена на договорите, големата неформална економија и отежнатиот  пристап до финансии. Во извештајот се наведува дека за да се олесни кредитирањето на  малите и средни претпријатија, Владата, во 2015 година, ја повлекла последната транша од кредитната линија за развој на мали и средни претпријатија одобрени од страна на Европската инвестициона банка, но оти сепак, нема други мерки и значителни политики донесени во 2015 година за да се олесни пристапот до финансии за малите и средни претпријатија. Од друга страна пристапот до финансии и натаму останува тешко за малите и средни претпријатија, и покрај ликвидноста на банките.

„Нетранспарентното толкување на бизнис регулативите, особено од страна на локалните власти, нееднаквата примена на правила и договори, како и корупцијата и голема неформална економија го попречуваат развојот на приватниот сектор. Во 2015 година, бројот на нови бизниси, како и висината на регистрирани основачки капитал, се намали во однос на претходната година и просекот од претходните пет години, можеби како оздраз на долготрајната политичка неизвесност“, се наведува во извештајот.

ЕК заблежеува дека институционалните капацитети за спроведување на законот се слаби, а решавањето на стопанските спорови преку судовите  одзема време и е скапо. При тоа се укажува дека ефикасноста на поравосудниот систем е се повеќе  под влијание на политичките интереси.

„Уделот  на државата во економијата останува умерен, вклученоста  на владата во приватниот сектор се зголемува на други начини, како на пример преку нееднаква примена на правила и прописи, инспекции и постапките за јавни набавки“, се наведува во извештајот.

Високото ниво на сива економија се посочува како голема пречка за бизнисот, што влијае врз конкурентноста на приватниот сектор и создава проблеми за фирмите и пречки за инвестиции. Комбинацијата на политиките не е целосно во наоска на решавање на економските предизвици. За промовирање на одржлив економски раст и вработување, ЕК препорачува економската политика  да се фокусира на поддршка на домашниот приватен сектор, таргетирање на пазарот на трудот и слабости,  диверзификација на структурата на економијата.

Регионалното поврзување во областа на транспортот и енергијата е ограничено. И во овој извештај е нотирано одложувањето на либерализацијата на пазарот на струја. ЕК порачува следната година земјата да ги споревде обврските превземени од енергетската заедница.

Невработеноста се намалува, но не и кај младите

Европската комисија посочува дека стапката на невработеноста бележи пад, но и натаму останува висока кај младата популација. Околу 20% од работниците не се пријавени, па за делумно да го реши проблемот Владата презела мерки за ослободување на фирмите од придонеси и задржување на вработените на работа во период до 5 години, а програмата била продолжена за една година.

„Вработеноста се зголемува со големите владини програми, како и активните мерки на пазарот на трудот, но не со создавање на работни места во приватниот сектор. Структурните  слабости го попречуваат функционирањето на пазарот на трудот. Во земјата вкупната стапка на невработеност останува упорно висока, особено за долгорочно невработените и младите работници, иако е во постојано опаѓање во последните години“, се наведува во извештајот.

Помеѓу 2011 и 2015 година, економијата има создадено голем број на работни места. Годишниот  раст на вработеноста изнесува 2,5% во просек, и се должи на создавање на работни места во јавниот сектор, во градежништвото и производството, како и на активните мерки на пазарот на трудот. Сепак, ЕК наведува дека учеството на трудот на работната сила останува скромен. Стапката на активност е во стагнација во последните неколку години, односно околу 70% од работоспособното население (20-64 години). Со оглед на ниските стапки на учество на жените, родовиот јаз останува голем, а жените се со помала веројатност да бидат во работен однос (42%) од мажите (62%). Брисел порачува земјата да се насочи кон надградба на високото образование и стручно наставните програми, со цел подобро да се усогласат со потребните вештини на пазарот на трудот.

Одреден напредок во администрацијата, но притисоците остануваат

Во извештајот се констатира дека е направен одреден но ограничен напредок при реформите во јавната адмнистрацијата, но и во овој извештај Брисел укажува на притисоци врз адмнистрацијата.

„ Има недоволена заложба за спроведување напрепораките на Комисијата. Употребата на јавниот сектор, како политички инструмент, обвинувања за притисок врз вработените во јавниот сектор и наводната политизација на администрацијата во изборна година загрижува.Потребна е силна политичка посветеност за да се гарантира независноста на јавната администрација и почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност“, се наведува во извештајот.

Јавни набавки-нема напредок

Земјата е умерено подготвена во областа на јавните набавки, кои се особено подложни на корупција, оценува ЕК. Но нема напредок во извештајниот период. Ниту една од препораките не се имплементирани.ЕК порачува дека се потребни значителни напори за да се обезбеди транспарентен, ефикасен режим за јавни набавки. Треба да се работи на  спречување на неправилности и корупција за време на циклусот на набавката.

„Истрагите за тврдењата на сериозни конфликти на интереси и злоупотреба на јавната функција треба да се следат. Во наредната година земјата треба особено да го преиспита задолжителното користење на е-аукцијата, како и улогата на Советот за јавни набавки, да се обезбеди еднаков третман на процедурите на ЕУ и да ги усогласат целосно со европските правила, особено во областа на концесии, извештаите за нерегуларности да се истражат соодветно“, се наведува во извештајот.

При тоа се наведува дека пазарот на јавни набавки е паднат на 8% од БДП и 25% од државниот буџет. Задолжителното користење на е-аукција не само што не е во согласност со европските правила но, исто така, се чини дека го попречува системот за јавни набавки, се нотира во извештајот.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

ВО ГЕРМАНИЈА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КРИЗАТА: Пристигна загрижувачка оценка

ВО ГЕРМАНИЈА СЀ ПОВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КРИЗАТА: Пристигна загрижувачка оценка

CGTN-GLOBAL SOUTH VOICES: „Прекумерен капацитет или страв од подемот на Кина?“

CGTN-GLOBAL SOUTH VOICES: „Прекумерен капацитет или страв од подемот на Кина?“

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот