25 Април, 2024
0.0274

Британија и САД во лов на Путин

Објавено во: Колумни 27 Април, 2018

Добивај вести на Viber

Некако истовремено од Британија и од САД дојдоа вести дека таму се подготвуваат мерки со кои би се удрило по руските олигарси, а посредно и по рускиот претседател Путин. Во смисла, дека ударот врз олигарсите може да биде повод тие де се свртат против Путин и да го турнат од власта. Навистина, на прв поглед оптимистичко сценарио.  Во недостиг на идеи, а и постојани критики дека со санкциите против Русија удираат само врз обичниот народ, а не и олигарсите чии пари се добредојдени за државите каде што се вложени, сега како да се прави обид да се оди чекор понапред во затегањето јамка околу Путин.

Во Велика Британија, парламентот се подготвува да донесе закон кој предвидува јавно откривање на имињата на сопствениците на компаниите кои чуваат средства во прекуморските територии на земјата, на Британските Девствени  и Кајманските острови. Тоа се територии кои физички не се дел од Британија, но се нејзини доминиони. Сето ова се прави пред се за откривање на имињата на Русите кои ги чуваат парите во офшорите.

Ова не се крие, не го кријат ниту авторите и приврзаниците на законскиот предлог во британскиот парламент, кој треба да се усвои на почетокот на мај. Како што пишува The Times се е веќе подготвено и законот ќе ја добие потребната поддршка. А антируското во него го соопштува конзервативецот Ендрју Мичел кој вели: „Госпоѓата Меј (англиската премиерка Тереза Меј) го повикува светот да истапи против нарушувањата на меѓународните норми од страна на Русија. Ако таа се подготвува да го исполни ветувањето, тогаш треба да гарантира дека валканите пари, со кои се финансираат најлоши злоупотреби, нема да с кријат под британско знаме, каде и да било во светот.“

Руските експерти сметаат дека споменатиот закон во најмала рака ќе се користи како средство за притисок врз Русија. Дури повеќе од тоа, дека не се исклучува со текот на времето да се појават и судски расправи, па и да се покренат кривични дела. Но исто така и дека со тој закон британските парламентарци сакаат да им помогнат на американските власти кои веќе изјавија дека сакаат да ги вратат во САД парите од офшорите на Кајманските острови и од други офшор дестинации.

Некои од експертите тврдат дека целите на борбата со „валканите пари“, кои порано воопшто не и пречеле на Британија сега се јасни.  Прво на виделина ќе излезат имињата на олигарсите, политичарите и чиновниците кои имаат пари во офшорите. Потоа народот ќе биде изненаден од нивното богатсво. Колку за најава на богатството, само лани од Русија приватните компании префрлиле во странство над 31 милијарда долари. Парите сега одат на други дестинации. После аферите со т.н. Панамско досије и други, од класичните офшор зони, Кипар, Британски девствени острови, Монако, Панама и др. тие сега се селат во Туркс и Кајкос, Коста-Рика, Луксембург, Макао и делумно во Швајцарија. Има тврдења дека и покрај санкциите и заострените односи на Русија со Западот, најверојатно, краен пункт на рускот капитал се токму САД! И по обелоденувањето на имињата на „извозниците“ на пари би требало да почне притисокот врз Путин. Оптимистично сценарио, но тешко остварливо.

Притисокот врз богатите Руси кои ги чуваат парите надвор од Русија се случува со желбата на Москва парите да се вратат назад. Кон крајот на ланската година во Русија беше објавена нова амнестија на капиталот. Првата не се покажа многу успешна. Сега очекувањата се поголеми. Од 1 март годинава, во текот на една година сите државјани на Русија можат да до декларираат имотот во странство и да одбегнат кривична, административна и даночна одговорност. Амнестирани можат да бидат сметки во странски банки, а на вратените пари нема да се плаќа никаков данок. Во јануари годинава во некои банки за три пати е зголемен притокот на капитал во споредба со лани истиот месец.

За односот на Британија кон перењето пари се јави и Димитриј Песков, прес секретарот на Путин. Тој нагласи дека и во Русија се води борба со перењето пари. А Британија, според него, има дволична позиција во тој поглед. „Од една страна учествува во сите конвенции за спротивставување на перењето пари, а од друга, на својата територија има финансиски и даночни празнини, како офшор зоните“.

И додека Британците подготвуваат закон во САД двајца сенатори – демократи бараат најголемите светски банки да ги откријат своите врски со руските олигарси, началници на државни претпријатија и чиновници блиски до Путин. Доколку банките доброволно не одговорат на ова барање, сенаторите можат да прибегнат кон пожестоки мерки, да побараат службена истрага. Вакво писмо како што пренесуваат медимите сенаторите Џин Шахин и Шелдон Вајтхаус упатиле до водечките банки во САД BankofAmericaCorp, JPMorganChase и Citibank, англиските Barclays и HSBC, германската DeutscheBank и швајцарските UBS и CreditSuisse. Од банките се бара да кажат дали во последните пет години ги проерувале сметките кои би можеле да им припаѓаат на некои од 210 лица, вклучени во јануари објавениот т.н. „кремљовски извештај“. Ако имало проверки, сенаторите сакаат да бидат запознати со евентуалните заклучоци. Доколку немало, тогаш сенаторите бараат од банките да кажат дали преземале некакви чекори за објавување на  своите врски со некои од лицата од извештајот.

 Се смета дека не е ова дело само на двајцата сенатори. Туку станува збор за добро подготвен потег кој е одобрен пошироко и од раководствата на двете партии демократската и републиканската. Не е исклучено дека сенаторите сакаат да добијат информација, која веќе во голема мерка и е позната на извршната власт. И да се самопотврдат  дека „ понекогаш олигарсите ги користат своите ресурси за да ја заштитат државата од последиците од санкциите“, како што стои во писмото од сенаторите до банките.

Неодамна преземените санкции кон некои олигарси блиски до Кремљ, очигледно не се доволни за американските законодавци. Па тие уште повеќе притискаат врз олигарсите. А со тоа и врз претседателот Доналд Трамп, кој не би сакал да ги изгуби сите адути во играта со Путин. Американците од една, а Британците од друга страна ќе атакуваат врз богатите Руси, но дали и врз нивното богатство, кое, сепак, кога е во американски или британски банки е посигурно, а е и добродојдено, отколку да е во Русија. Зашто да не заборавиме – Британија им даваше државјанство или вид на жителство на голем број руски олигарси кои во нејзините банки пренесоа милијарди долари од Русија и патем купуваа најскапи недвижности. А Британците знаеја дека тоа се прави со пари кои се  валкани. Исто и Американците знаат какви се парите во американските банки.

Затоа тешко е да северува дека со ваквиот потег ќе му се нанесе штета на Путин. Можеби напротив тие ќе работат во негова полза. Зашто во Русија мнозинството граѓани се' уште не ги милува олигарсите и корумпираните чиновници-богаташи. Омразата кон нив е поголема отколку фактот што тие станале тоа благодарејќи и на политиката на Путин.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД