30 Април, 2024
0.0296

Буџет со фабричка маана

Објавено во: Колумни 28 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Слушајќи ја презентацијата од министерот за финансии на предлог-буџетот на Македонија за 2016 година добив впечаток дека несериозниот пристап кон проекциите на државната каса и овој пат ќе биде испочитуван. Ставревски како и во изминатите години  ја крои државната каса по параметри кој и самиот знае дека нема да се остварат. По неколкугодишниот постојан пораст на буџетскиот дефицит во БДП (во 2014 година достигна 4,2%) тој најави негово намалување  на 3,2%, и тоа во изборна година, кога „поткупувањето“ на гласачкото тело ќе доживее кулминација. Дури министерот пресметал дека во 2017 година, ако нормално истата екипа го крои буџетот, буџетот дефицитот би паднал под 3%.Инаку, пресвртот треба да се оствари во рамките на буџет  кој достигнува највисок износ во  историјата на Македонија од 3,2 милијарди евра. Приходите ќе растеле со 6%,  расходите со 4,7% .

Резервата кон предложената проекција ја засилува досегашната практика со планирањето и остварувањето на буџетската  политика. Постојано се ветува пресврт, но не се остварува. Последен доказ, на кој владата не се осврнува, е неостварувањето на целите на Фискалната стратегија на РМ (2014-2016) подготвена во септември 2013 година. Според проекцијата во стратегијата, буџетскиот дефицит во 2014 година требаше да изнесува 3,5% од БДП, а се реализира со највисока стапка од 4,2%. Годинава требаше да се намали на 3,2%, меѓутоа,  се проценува дека ќе изнесува 3,6%.  Нема да  се оствари ниту предвидувањето за намалување на буџетскиот дефицит во 2016 година на ниво од 2,6% од БДП, бидејќи со предлог буџетот за 2016 година се предвидува тој да се сведе на ниво од 3,2%. Ако се‘ е „планирано“ како досега, веројатноста е поголема дека нивото на буџетскот дефицит во наредната година ќе биде поголем од предвидениот.

Од ова е очигледно дека постои расчекор меѓу планирањето и остварувањето на буџетите. Затоа и може да се каже дека власта и годинава игра на картата на слабо памтење на јавноста. Носителите на власта секогаш се обидуваат да се прикажат како „реални“ во планирањето, меѓутоа, на крајот на годината се покажува дека предвидениот буџетски дефицит им бил недоволен и заради остварување на „интересите на граѓаните“ го пробиваат. Голема е веројатноста тоа да се случи и со проекциите за буџетот за наредната година. Притоа, не е проблем ако  се прогнозирало лошо. Тоа се случува. Проблем е што  се избегнува да се утврди зошто  постојано се „греши“ во пробивањето на поставените лимити на буџетскиот дефицит за да се надмине таквата практика. Тоа е од круцијално значење, бидејќи со таквата практика постојано се зголемува јавниот долг, а од  тоа нема соодветен фидбек  во економскиот раст на земјата. Неколку години по ред,  вкупниот буџет  расте со повисока динамика  од растот на БДП. Тоа значи дека преку буџетската потрошувачка повеќе се поткопува, отколку што се поттикнува растот преку  „капитални инвестиции“  од буџетот. Ова е сериозен проблем доколку се има предвид дека бруто инвестициите во земјата (државни, приватни и странски) во 2014 година го достигнаа максимумот од 30,6% од БДП, а просечната стапка на растот во изминатите неколку години е околу 3%.  Значи, многу трошиме за недоволно ефекти. Трошиме многу повеќе средства за остварување на еден процентен поен БДП, отколку многу други земји, а и од првите две-три години на владеењето на оваа власт, кога со речиси дупло помал буџет реализираа дупло повисока динамика на растот на БДП. Долго ќе се жали за изгубените можности. Но, тие не можат да се вратат. Може само да се надеваме дека за тоа некого и негде ќе го стигне казна.

Ако навистина се определил за пресврт, предлагачот на буџетот  треба да го објасни овој расчекор.  Сигурно нема да му биде тешко, бидејќи ги има сите информации. Со тоа ќе ги отстрани сомневањата дека и идниот буџет  ќе биде последен во низата, кои беа означени како развојни, а завршија со низок раст, но со повеќе потрошени средства и зголемен јавен долг.  Не е доволно само да се каже дека буџетот за 2016 година е развоен со тоа што се зголемува износот на капитални инвестиции (за 13%). Неколку години растат и буџетот и капиталните инвестииции во него, но изостанува растот, односно тој стагнира. Крајно време е да се преиспита структурата на буџетската потрошувачка и објективно  да се оцени уделот на капиталните инвестиции во однос на платите на администрацијата и социјалните трансфери, и нивниот ефект врз растот. Да не се залажуваме дека оттаму може да дојде до пресврт, ако сериозно не се промени структурата на буџетската потрошувачка, па и структурата на капиталните вложувања. Зошто, различни се ефектите од   изградба и модернизација на образовни, здравствени и социјални институции (да не споменуваме споменични обележја и објекти за забава),  од   вложувањата во инфраструктура  и капитални производни капацитети. Се разбира, се‘ што може да се изгради е добро и корисно (барем за градежниците), меѓутоа,  земјата е на ниво на развој кога треба да инвестира во капацитети кои ќе генерираат повисоки стапки на раст и поголемо вработување.

Неодговорно и неприфатливо е со години да се оправдуваат и претставуваат како успех ниските стапки на раст и покрај огромниот пораст на буџетскиот дефицит и на јавниот долг. Веќе мора да се каже каде одат парите од постојано зголемуваните буџети и да се обезбеди максимална транспарентност во трошењето на народните пари. Тоа е важно, за да може да се пристапи кон планирање на буџети кои вистински ќе бидат во функција на развојната политика на земјата.  А за да се случи тоа, буџетите не мора постојано да се зголемуваат. Можеби веќе треба да размисли и за негово релативно намалување со цел да им се остави поголема добивка на бизнисмените за да се охрабрат за преземање на поголеми инвестициони потфати и тие да се јават како носители на подинамичен развој.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД