Бугарија го става својот гасовод во функција на Македонија
Објавено во: Економија 20 Октомври, 2022
Операторите на македонскиот и бугарскиот гасовод - ГА-МА и Булгартрансгаз, кои се во стоотстотна државна сопственост постигнаа нацрт-договор за меѓусистемско поврзување. Ова го објави Булгартрансгаз на својата веб-страница, при тоа објавувајќи го и решението, кое како што дознава „Фактор“, треба да се потпише околу 1 ноември.
Објавено е дека од 18 до 28 октомври ќе трае јавната консултација за бизнис правилата од проектот за меѓусистемско поврзување на точката Ќустендил (Бугарија) - Жидилово (Македонија). На јавна дискусија двата оператори ќе ги презентираат правилата за процедурите за дистрибуција на количествата гас, како и други релевантни одредби кои се однесуваат на корисниците на мрежата.
Експертите кои ги контактираше „Фактор“ велат дека ова се прави за да се заобиколат условите кои ги наметнува „Гаспром“ и Македонија да добие стабилно снабдување на природен гас преку Бугарија за време на енергетската криза. Извор ни потврди дека на вчерашната седница на Влада била донесена одлука ГА-МА да го потпише договорот и со тоа да се либерализира пазарот и да се усогласи преносот на новите количини по директивите од ЕУ. Во блиска иднина секој кој сака, ќе може да внесува поевтин, поквалитетен и посигурен природен гас, а единствен услов ќе биде да има лиценца и закуп на прекуграничен капацитет.
Засега, Владата нема сигурна алтернатива за набавка на гас за затоплување на домовите преку централно парно греење, освен набавка на природен гас од руската државна компанија „Газпром“ преку гасоводот кој доаѓа од Бугарија до Куманово.
Со помош од Европската Унија и САД, со бугарските власти се прават максимални напори за да се зголеми капацитетот за транспорт на природен гас преку единствениот интерконективен гасовод меѓу Северна Македонија и Бугарија, со што би се обезбедила можност преку овој гасовод да се транспортираат дополнителни 150 милиони нормални метри кубни гас вон она она што го нуди руски „Газпром“, брифираа претходно извори од Владата.
Идејата е притисокот во интерконективниот гасовод меѓу Македонија и Бугарија да се зголеми од постојните 38-40 бари на 46 бари, со што би се овозможил транспорт на дополнителни количества на природен гас. Како што велат од Владата, се договара искористување на новиот интерконективен гасовод меѓу Бугарија и Грција што беше отворен на почетокот од месецов, како би можело да се обезбедат дополнителни количини на природен гас.
- ГА-МА АД и БУГАРТРАНГАЗ ЕАД имаат намера да склучат Договор за интерконекција за интерконективната точка Ќустендил/Жидилово. Двата ОЕПС ги покануваат корисниците на мрежата да коментираат за предложениот текст.
ГА-МА АД и БУЛГАРТРАНСГАЗ ЕАД имаат намера да понудат преносни услуги на корисниците на мрежата за снабдување со природен гас од Бугарија во Северна Македонија и трговски пренос од Северна Македонија во Бугарија, се вели во објавата.
Техничките услови од нацрт-договорот ќе траат една година, односно до 1 ноември 2023, во период што се смета за преоден, а во меѓувреме ќе бидат дефинирани нови правила.
Приклучното место на нашиот систем со бугарскиот е на источната граница во месноста Деве Баир. Високопритисниот дел од преносниот гасоводен систем е проектиран за физички капацитет од 800 милиони нормални метри кубни природен гас годишно.
Експертите велат дека овој капацитет не е исполнет со договорот што го има „Гаспром“ со македонскиот трговец и дека постои голем простор и за други снабдувачи.
„Денеска се носат соодветни одлуки, ќе има седница на Влада во 14.00 часот, ќе се ослободат одредени капацитети, што значи ќе се либерализира пазарот на природен гас“, објави вчера министерот за економија Крешник Бектеши.
Од Владата велат дека сепак очекуваат неделава да пристигнат понуди за снабдување со гас и од 2-3 други компании, кои засега не сакаат да ги именуваат.
Александар Кузмановски