28 Март, 2024
0.0235

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Објавено во: Колумни 26 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Стасани  сме до фаза, во која трагедијата која ја живееме, еве  веќе триесет години, стана пародија, или уште пострашно трагикомедија. Во која, не знаеш дали да плачеш или да се смееш, или пак истовремено и двете. Бидејќи кој е нормален во оваа држава, на пат е да полуди. Боливудската сапуница околу „бегството“ и „пронаоѓањето“, на поранешниот прв човек на ДБК, своевремено најмоќната политичка фигура во државата, е сиже за еден екранизиран индиски  краткометражен филм. Кој ќе биде гледан, по секако. Хистеризацијата на социјалните мрежи, на медиумите, и на граѓанството, сомнежот дека бегството е договорено, е само и само одлика, на едно тридецениско системско ( да, да системско, како што вели првиот полицаец Оливер Спасовски),  (не)свесно урушување, а не грешка. Што не доведе, да немаме грам (до)верба, во независноста и функционалноста на институциите на системот.

Чекајќи го Годо, изгубивме генерации и генерации

Како по старата добра македонска навика и практика, тие испреплетени институции на системот, со степенеста одговорност, веднаш поитаа да си ја префрлат одговорноста за „слученото“, односно да се изземат од сопствената. Па како сакате, граѓаните да имаат верба во тој кој го  избрале или ги пополнил со својот човечки (не)материјал да ги води? Со што тој материјал изнедрен од нашите човеци, заслужил да му ја имаме нашата доверба? Во „нормалните“ земји, прво нормално, никогаш, ќе немаше вакви влади, какви што продефилираа на македонскиот политички небосклон, во овие децении на независноста. Што би се рекло (Хорхе):„ каков народ, таква власт, бидејќи ние ја бираме власта“. Тие кои порано очекувале од власта нормалност во поведението на своето владеење, одамна се иселија во западноевропските земји, во кои ја пронајдоа таа „нормалност“, за останатите ова е „новото нормално“. За нас, новото е старо. Веќе видено и во перпетуирачки филм доживеано. Се чувствуваме како да живееме во некоја гротеска, во која веќе ништо не може да не изненади. Асоцијациите кон кои се стремиме да постанеме полноправни членки (НАТО, веќе сме), ЕУ (ѓомити сме подготвени вратите да ни ги отвори), се само фатаморгана, која ни ја ветува толку посакуваната убава и скроена иднина, по која толку копнееме и тежнееме. Тоа е бегство од реалноста, неприфаќање на истата, или клиничките психијатри би го дијагностицирале како еден своевиден тип на шизофренија. Во нашиот случај, од најлош подтип-македонска.

На табула раса, одново треба да се напишеме!

Ни треба тотален  ресет и рестарт на државата. Годинава ќе „славиме“ (ако нешто може да се слави), триесет години од независноста. После тие 3 децении, видовме колку можеме, т.е дека ништо не можеме. Историјата ни даде тапија, ајде така да се изразам, имотен лист, удостоверение, дека сме зрели самите себе си да се управуваме како држава, копнежот на генерации и генерации претходници Македонци, кои платиле со живот за слободата на Македонија. Што направивме од истата? Ја претворивме во деветтиот круг на пеколот од  Данте Алигиери, казан во кој е неподносливо да се варите, дупка во која сонцето е само знаме, а не извор на живот и радост. Станавме деловно неспособни да се управуваме самите себе, односно станавме срам и позор за меѓународниот свет. Бев со блага доза на укор, критикуван дека во колумните сум бил премногу нихилистички настроен, што се вели премногу негативно настроен, без верба и надеж во подобро утре. Кажете ми искрено, кој по сето ова што се случува околу нас, со нашите животи, може на работите да гледа: „здравје, ќе биде подобро, ќе ја биде Македонија“. Тие  психосоматско потхранувачки надежи, ајде да речеме, поминувале во раните 90-ти, кога државата се осамостоила, за прв пат во својата историја, и се очекувало дека самата себе ќе си ја крои сопствената судбина, т.е ќе ја проектира иднината на своите граѓани. Денеска да верувате во надеж за подобро утре, е лудост. Лудаците  и таа тронка надеж, ја убија во нас. Што е најтрагично. Последната надеж остана во бугарскиот пасош, за наша најголема несреќа и иронија на судбината. 

Благојче Атанасовски -  политиколог

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?