Добивај вести на Viber
Со судирот меѓу „Топлификација“ и Регулаторната комисија за енергетика сериозно се наметнува прашањето за функционирањето на надлежното тело во обезбедувањето на пазарни услови за стопанисување и на фирмите кои имаат монополска позиција. Комисијата не смее да дозволи таквите фирми да формираат монополски цени, меѓутоа, со одлуките за цените, регулаторот не треба да го загрозува нивниот развој, затоа што заобиколувањето на пазарните цени односно манипулирањето со цените се враќа како бумеранг во вршењето на регулаторната функција. Впрочем, како што е неприфатлива монополската цена, исто толку е неприфатлива и наводната грижа за одржување на стабилноста на цената на штета на развојот на фирмата.
Најавата дека зимава може да се случи граѓаните на Скопје да немаат парно, предизвика загриженост кај корисниците, но и револт поради тоа што неизвесноста доаѓа во време кога цените се коригирани и кога граѓаните плаќаат високи сметки за услугата. Производителот и снабдувачот со топлинска енергија директно укажаа дека, ако се случи несаканото, виновник ќе биде Регулаторната комисија за енергетика. Во надминувањето на проблемот за набавка на нафта (за да не запре греењето) мораше да се вклучува и министерот за финансии, па со негова помош се најде решение снабдувањето со парно да продолжи. Но, до кога? И зошто се дозволи ситуацијата да се доведе до работ на нефункционирање на системот за парно греење?
Имено, помина повеќе од една година откако „Топлификација“ донесе одлука за отстапување на лиценцата за производство, дистрибуција и снабдување на населението со топлинска енергија, укажувајќи на немоќта да ја врши услугата. Значи ова акционерско друштво уште тогаш јавно се изјасни дека тоа нема економски интерес да стопанисува со овие дејности, што е нејзино легитимно право и во исто време обврска на регулаторот да реагира по таквата одлука. Но, одтогаш, комисијата упорно го одлага решавањето по барањето, а во меѓувреме носи одлуки за зголемување на цените на парното и мерки за регулирање на односите со корисниците кои го откажале користењето на парното греење. Со поднесување на самото барање за отстапување на лиценцата веднаш можеше да се претпостави дека фирмата, која делува како акционерско друштво, нема економски интерес да ја врши услугата. За таквата одлука „Топлификација“ имаше сериозни причини тогаш, но, не и денеска кога цената на парното го надмина нивото на издржливост односно исплатливост за користење на услугата, а во меѓувреме многумина, околу 11.000 корисници ги откажаа услугите на „Топлификација“ и се определија за некој друг енергенс. Неможеа да го издржат притисокот на неизвесноста. Со тоа и граѓаните изразија недоверба во ефикасно решавање на проблемот и покрај постоењето на надлежно тело и соодветна регулатива за работењето на монополски организации.
Идните настани ќе покажат колку граѓаните се или не се во право. Меѓутоа, може да се претпостави дека можат сериозно да бидат во право доколку Регулаторната комисија за енергетика не го усогласи своето работење со позицијата на независно тело, на која неслучајно и‘ се дава независност во нејзиното работење и одлучување. Таа не треба да биде под ничие влијание. Со нејзините мерки, особено со одлуките за цените, треба да се унапредува пазарот на енергија, во конкретниов случај, функционирањето на пазарот на топлинска енергија, а не да генерира проблеми, што најчесто се случува кога, без оглед на било кои причини, се заобиколува благовременото прилагодување на цените на услугата со трошоците на производство, дистрибуција и снабдување. За регулаторите несмее да има „виши интереси“ поради кои би затаиле во донесувањето на такви одлуки. Тие не смеат да го заборават карактерот на цените во пазарните стопанства. Тие се индикатори за производството (дали се исплати или не) и за алокацијата на капиталот (во кое производство и услуги се исплатува да се вложува). Задоцнетите одлуки му штетат на производителите, а ако тие се фирми од приватниот сектор, нормално е да не сакаат да генерираат загуби, па се подготвени да се откажат и од вршењето на дејноста. Ова не значи дека кога фирмите би биле во јавна сопственост регулаторите можат да „здивнат“. Регулаторите донесуваат одлуки за цените, а сопствениците, во зависност од нивната политика, ќе одлучат дали да ги применат максималните цени. Нема економска оправданост приватните правни субјекти, па ниту државата, да се согласат на долг рок да протежираат депресирани цени, затоа што неповолните последици од таквата политика се кумулираат и се враќаат како бумернаг.
Впрочем и проблемите на „Топлификација“ се создадоа поради неблаговремено коригирање на цените на парното греење во 2006-2008 година, кога регулаторите во име на зачувување на социјалниот мир, „замижаа“ пред своите надлежности, односно недозволија постепено зголемување на цените како резултат на зголемените трошоци. За да го издржи ваквиот потег односно да ги покрие оперативните загуби за вршење на дејноста, Топлификација мораше да подигне банкарски кредити од околу 10 милиони евра. И навидум се‘ беше во ред, се‘ до 2010 година, кога дојде време кредитите да мора да се вратат, нормално со пресметана камата. Имено, „Топлификација“ по тековните цени, до 2010 година успевала да ги сервисира каматите за кредитите, но не и да ја враќа главницата. Меѓутоа, бидејќи и таа треба да се врати, а до 2011 година Регулаторната комисијата не предвидела износ во цената на услугата за враќање на кредитите, настанува проблем кој најмногу го почувствуваа граѓаните како по наглиот скок на цената на парното грееење така и по неизвесноста дали ќе има редовно снабдување со топлинска енергија.
Сега, останува само да се претпоставува зошто регулаторната комисија дозволила во регулирањето на сферата на топлинската енергија да се создадат односи во кои главниот носител на дејноста е присилен да се откаже од лиценцата за вршење на услугата-снабдување со парно греење, потег кој не е логичен за монополистички бизнис, доколку истиот е правилно регулиран. Точно е дека Регулаторната комисија е независно регулаторно тело, но исто така точно е дека таквата позиција не и‘ дава за право да биде амнестирана од одговорност.
Д-р Крсте Шајноски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.