Битолски „Пелистер“ се враќа во рудниците на РЕК Битола, по долго време го доби првиот тендер

Објавено во: Економија 11 Април, 2025 12:28
ЕСМ по одлуката да ја ангажира Топлина Подмоље со останатите подизведувачи за ископ на јаглен за 25 милиони евра, склучи и договори за помошна механизација во рудниците на РЕК Битола со три компании, меѓу кои и подзаборавениот Пелистер од Битола.
Оваа компанија до пред шест-седум години беше алфа и омега кога станува збор за добивање на јавните набавки поврзани со работењето на рудниците на РЕК Битола, а сега ова би значело дека се враќа на мала врата кај тендерите што ги распишува ЕСМ. Во меѓувреме почина сопственикот Силјан Мицевски, а компанијата ја презеде неговата ќерка Татјана Стерјева, сопственичката на втората најголема веледрогерија во Македонија „Еурофарм“.
Во текот на минатата недела беше објавено дека фирмата „Топлина“ од охридското село Подмоље доби тендер за ископ на јаглен во висина од 1,44 милијарди денари (25 милиони евра) за период од 12 месеци. Оваа охридска фирма претходно беше подизведувач на „Марковски компани“ на битолскиот бизнисмен Борче Марковски, кој по смената на власта беше исфрлен од тендерите во РЕК „Битола“. „’Топлина’ пријави четири оператори како подизведувачи ‘ГД Гранит Скопје’, ‘Градба Промет’ Кавадарци, ‘Илинден’ Струга и ‘Топ Билд’ од Скопје. Во својство на техничка поддршка се пријавени и фирмите ‘Форса’ АС од Скопје и ‘Машинокоп’ од Кавадарци“.
Сега за кратко време ЕСМ во системот на јавни набавки објави дека се ангажирани уште три компании за помошна механизација - „Пелистер“, „Руд-Коп“ и „Зимак“, кои ќе поделат околу 1,05 милиони евра. „Пелистер“ за работењето на своите транспортери би наплаќал по 115 денари од километар, а вкупната сума е проектирана на околу 270.000 евра со платен ДДВ.
Битолската градежна компанија „Пелистер“ од 2014 до 2017 година оствари приходи од 70 милиони евра и добивка поголема од 8 милиони евра. Во тој период во РЕК Битола доби три тендери во вредност од 47,8 милиони евра (најголемиот од нив вреден 40 милиони евра заедно со „Трансмет“) . За 4 години главнината и резервите на „Пелистер“ пораснаа за 6,5 милиони евра до износ од 40 милиони евра.
„Пелистер“ во последните години не беше меѓу најуспешните битолски претпријатија, а приматот кај РЕК Битола во оваа дејност му го зеде „градскиот ривал“ Марковски Компани, кој во меѓувреме беше „суспендиран“ од новото раководство на термоелектраната. Сопственикот Силјан Мицевски, најпознатиот бизнисмен од Битола и поранешен градоначалник на градот, почина во декември 2023, а во компанијата го наследи ќерката Стерјева.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
САД: Кина сега се соочува со царини до 245 отсто како резултат на нејзините контрамерки

АЛИЕВ: Енергетската безбедност на Европа е „невозможна“ без улогата на Баку и Грузија

НА 1 МАЈ ЌЕ ИМА ПРОТЕСТ: ССМ не се откажува од барањето за минимална плата од 500 евра

ЌЕ БАРААТ СУДОТ ВЕДНАШ ДА ГИ БЛОКИРА СИТЕ ЦАРИНИ: Калифорнија ќе го тужи Трамп

ИНВЕСТИРАЊЕ ВО ЗЛАТНИ ПРАЧКИ И МОНЕТИ: Ова доживува бум и во земја од регионот

ХРВАТСКА БАРА РАБОТНИЦИ: За некои професии платите стигнуваат и до 3.000 евра

ИНФЛАЦИЈА ВО ЕУ: Романија е во најлоша состојба, но во една земја таа е под 1 отсто

АКО МИСЛЕВТЕ ДЕКА ЌЕ КУПИТЕ ВО ЕВРОПА И БЕЗБЕДНО Е, ПРОЧИТАЈТЕ ГО ОВА: Козметички препарати и играчки најбројни меѓу штетните производи во Европа

По 30 години без насока: Се финализира Стратегијата за минерални суровини – До 1 мај рок за забелешки во транспарентен процес
