12 Мај, 2024
0.2450

Цената на човечкото достоинство

Објавено во: Колумни 25 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Да бидеш човек значи да осознаваш, спознаваш, учиш и создаваш, да бидеш човек значи да умееш, на себе својствен начин да просудиш, расудиш, оцениш и процениш, да бидеш човек значи да пренесуваш и примаш уки и поуки, животни мудрости, радости и убости, да бидеш човек значи да твориш и работиш, интелектуално и умствено да се надградуваш, да социјализираш и да бидеш социјализиран, да даваш и примаш љубов и да чиниш и пренесуваш добрини, правдини и животни филозофии. Човекот е најсовршеното битие на планетава земја, рационално размислува, емоционално се искажува, духовно се оплотува, карактерно и физички се развива, постојано се надградува и осознава. Ништо повелелепно нема од изграден човек, во вистинска смисла на зборот, личност со свој карактер, разумен, емотивно и сознајно зрел, морално и вредносно изграден. Ништо поголемо нема од човек кој го красат низа доблести меѓу кои предничат алтруизам, космополитизам, чесност, правдољубие, почит, скромност, љубов. Ах колку волшебно звучат сите вредности кои се една нитка од човековиот карактер, но вредности кои се показатели и двигатели на неговиот живот, вредности кои вистински се вградени и всадени во неговата личност и кои се ѕвезди водилки во неговото животно патешествие. Дали ние луѓето сме толку силни и цврсти како камен што ниту една бура не може да не срози или сме кревки Многумина од вас си го поставуваат прашањето и се обидуваат да најдат одговор на дилемата: дали човекот, оној изградениот, цврстиот, со свое јас и со своја доблест може да одолее на секој животен предизвик, или поинаку формулирано:дали ние луѓето сме толку силни и цврсти како камен што ниту една бура не може да не срози или сме кревки и при најмала потешкотија може да ги запоставиме основните наши животни постулати и да постапиме поинаку од животните наши цели и стојалишта? Деновиве оваа дилема ме тишти, ми ја мачи душичкава и постојано ме тера на мисла и размисла, а причина е секако животната драма што им се случува на мои колеги - универзитетски професори кои се колатерална штета од еден циркуз. Да со право може да се нарече циркуз бидејќи по сите атрибути и специфики кои го обележуваат навистина доликува на нешто слично на циркуз и со право би рекла кога не би било трагично би било смешно. Што е тоа што не подјаремува и не тера да молчиме Дали човековото достоинство има цена и која е таа? Прашање суштинско овие денови, но и прашање од кое се изнедруваат низа други дилеми и трилеми кои одат во насока на барање на одговори на следниве прашања: дали полека го губиме достоинството кое ја красело со генерации универитетската фела и кое немало цена; дали станавме сурови во ова наше узбуркано секојдневие; дали по цена на губење на она што е најсвето, а тоа е нашето цврсто јас и нашиот образ, спремни сме да ја потсвиткаме кичмата и да ја прифатиме народната: мирна и наведната глава сабја не сече; дали етичноста која ја красела нашата фела ја ставивме некаде на маргините, а моралот и професорскиот бон-тон го подзаборавивме;  што е тоа што не подјаремува и не тера да молчиме, да кротиме, да станеме безгласни и неми сведоци на сето она што им се случува на наши колеги;  колку ли треба да одиме длабоко во живата кал за да станеме свесни дека тонеме и само тонеме без поговор;  го фрливме ли она што ни беше најсвето-професорската доблест и достоинство, нашата гордост и колегијалност и се впуштивме во вртлогот на бездушност, малодушност и егоизам? Гнев на душата ми лежи кога го гледам молкот на дел од интелектуалната и универзитетска елита Грутка на срцето ми лежи кога секојдневно ги гледам колегите кои штрајкуваат со глад и кои полека и физички и интелектуално пропаѓаат. Гнев на душата ми лежи кога го гледам молкот на дел од интелектуалната и универзитетска елита како мирно и лагодно си седи во своите удобни фотељи и молчи, а уште повеќе ми се лоши од хипокризијата на некои колеги кои се дежурни гласноговорници и критичари, а сега молчешкум аминуваат се и не гугнуваат, вадејќи се дека нема да придонеле ништо ако јавно проговореле или напишеле. Хипокризија без граници и ништо нема да ги оправда колегите кои ја изгубија колегијалноста, оние кои се сметаат себе си за големи интелектуалци и умови, фелата нема да им прости и ако се затскријат зад некое бедно и мизерно оправдување, нема да можат да се затскријат зад својата совест, се разбира ако ја имаат и неа не ја загубиле. Секоја чест за колегите кои јавно проговорија и застанаа зад професорите, секоја чест за непоколебливоста и истрајноста на оние кои решија по цена на нарушено здравје да си ја бранат честа и да одат по стапките на правдината, мојата маленкост ним им се поклонува. Истрајноста и храброста се специфики на големи луѓе и во ова сурово секојдневие навистина е привилегија само на малкумина неа да ја поседуваат. Јас до крај ќе ги поддржувам, внатрешниот порив од внатре ми наложува да врескам гласно и колку можам да застанам во нивна поддршка, а за нивниот потфат секоја чест. На крај само едно ќе кажам браво колеги, вашето достоинство нема цена, вие сте лика и прилика за вистински професорски вредности, останете такви какви што сте и знајте дека среќата ги прати правдољубивите и храбрите. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка