27 Април, 2024
0.0282

Чекајќи ги Бајден и Путин

Објавено во: Колумни 17 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Минатата недела може да се нарече дипломатски бум. Во три – четири дена во Женева, Брисел и во Виена се одржаа отворени и веројатно исцрпни преговори меѓу САД, НАТО, ОБСЕ и Русија. Немаше кавги, немаше скандали, но немаше и решенија. Така што европската, па и светската безбедност и натаму се во криза. Одамна незбележана.

Што расправаа соговорниците? Во средината на декември лани Москва на Американците и на нејзините сојузници им даде пакет предлози за договори и спогодби во кои се содржеа главните барања на Русија кон Запад. Нераспространување во Европа на ракети од краток и среден дострел, ограничување на воените активности на истокот на Европа, потоа не ширење на НАТО кон исток во земјите некогашни членки на СССР, да нема офанзивно оружје во Европа кое може да стрела врз цели во Русија, повлекување на инфраструктурата од НАТО содадена на Истокот по присоединувањето на земјите од Источниот блок во 1997 година. За сето ова Русија  Русија бара цврсти писмени гаранции. И брз одговор, а не да се прават обиди за развлекување на преговорите. Не беше постигнат договор за продолжување на преговорите, но тоа не може да се отфрли, и нормално имаше разијдување на ставовите.

САД и НАТО ветија дека ќе и достават на Русија свои контрапредлози. Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, во интервју за канадската телевизија CBC, изјави дека Алијансата и предложила на Русија серија средби на тема европска безбедност, вклучувајќи ја и ситуацијата во и околу Украина, но дека досега не добила одговор. Според Столтенберг, теми на новите средби би биле контролата врз вооружувањето, транспарентност врз воените активности, мерки за зацврстување на довербата. „Русија рече дека и е потребно време за да одговори на овие предлози, и ние сега го чекаме рускиот одговор“, изјави Столтенберг. Тој исклучува компромис за теми кои се од исклучителна важност за Русија. Како што е поткажувањето на НАТО од натамошното ширење и повлекување на НАТО силите од од териториите на бившите социјалистички земји и постсоветски републики, кои се присоединија кон Алијансата по 1997 година. „Секако ние не можеме да се согласиме со тоа дека не треба да има војски на НАТО во сите земји кои се присоединија кон неа од 1997 година. Станува збор за тоа дека половината наши членки би останале без заштита од војските на НАТО. Тоа би било членство од втора класа“, изјави Столтенберг. 

ДУРИ 18 СЦЕНАРИЈА!

Првите луѓе на дипломатијата на САД и на ЕУ Ентони Блинкен и Жозеп Борел дадоа заедничка изјава. Тие во неа  ја отфрлаат руската инцијатива за „воспоставување на сфери на влијание“ во Европа и ја нагласија својата решеност за продолжување на консултациите за тоа и за други прашања меѓу САД и ЕУ, „претставувајќи силен, јасен и единствен трансатлантски сојуз“. Во изјавата меѓу другото се вели дека Борел и Блинкен „ја потврдија поддршката на суверенитетот, независноста и територијалната целосност на Украина и ја нагласија неопходноста од деескалација на ситуацијата од страна на Русија и целосно спроведување на Минските договори..“

Во серијата изјави која наликува на оние од пред средбите во Женева, се вклучи и заменикот државен секретар за политичкимпрашања Вкторија Њуланд. Таа вели дека разговорите меѓу САД и Русија овозможиле да се слушнат загриженостите на едните и другите, но сериозна дискусија се уште не е почната. Њуланд во меѓувреме им предложи на Шведска и Финска да го разгледаат влегувањето во НАТО. Таа исто така изјави дека американската администрација подготви 18 сценарија за дејствување во случај на руски напад врз УКраина! Според неа Вашингтон сака да го продолжи дјалогот со Москва и веќе подготвува одговор на руските предлози. Таа вели дека одлуката за продолжување на дијалогот зависи од рускиот претседател Владимир Путин. И очекува дека кризата околу Украина ќе се реши по дипломатски пат. Малку смешно делува ова 18 сценарија, но нека биде. Подобро едно, ама здраво.

Нормално не изостануваа и руските искажувања. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров околу американското ветување дека ќе дадат одговор за гаранциите за безбедност, изминативе денови рече: „Американците ни ветија дека ќе се потрудат, но ние им рековме дека треба многу да се трудат нивните предлози да ги имаме наредната недела“. Во петокот тој изјави дека доколку руските предлози за гаранции на безбедноста бидат отфрлени тогаш Русија, како што рекол Путин, „ќе носи решенија водејќи сметка за сите фактори, пред се во интерес на сигурната безбедност“. Зголемувањето на испораката на оружје во Украина, каде што е зголемен и бројот на западни воени инструктори, според Лавров, може да ги испровоцира украинските власти на воена авантура, која создава директна закана за безбедноста на Русија. Во Москва сметаат дека Запад сака да постави група војски на нејзината граница.

ПОЛИТИЧКА МУДРОСТ НА ЛИДЕРИТЕ

Вчера прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, имаше интервју за CNN. Според него Русија не се плаши од санкциите од Запад, прашувајќи, кога санкции им помогнале на Американците да решат некој проблем?  Според него санкциите можат да доведат до целосно раскинување на американско-руските односи. При натамошно ширење на НАТО, Русија не исклучува контра мерки. Песков вели дека е неопходно Русија да ги држи војските до украинската граница, а кои се наоѓаат на руска територија. Ова од причина што таму ситуацијата е многу напрегната, непријателската атмосфера создадена со разните маневри на НАТО ловците и шпионските летови на НАТО  авионите...Конечно, за Песков „односите меѓу Русија и НАТО се на раб поради Украина“. Оттука била и изјавата на Путин „ова за нас е реална закана“, а со тоа и закана за безбедноста во Европа.

Прес секретарот на Путин изрази надеж дека политичката мудрост на лидерите на Русија и САД, Путин и Џо Бајден ќе овозможи да се продолжат потрагите по заемно разбирање за безбедноста во Европа, но исто така додаде дека резултатите од неодамнешните преговори настројуваат на песимизам. Песков вели дека Русија сака да види сериозен однос од страна на Западот кон нејзините загрижености по повод ширењето на НАТО и таа не е подготвена да губи ни месец, ниту година на преговори, во кои страните само ги означуваат своите разногласија. „ Ние не знаеме каков ќе биде резултатот од преговорите. Се одржаа тие три сесии преговори. Има некои заемни разбирања меѓу нас, но во целост, во принцип, можеме да кажеме дека сме на различни ленти“, изјави Песков во интервјуто за CNN. Тој, исто така, нагласи дека САД не дале никакви докази за наводната подготовка за напад врз Украина. Песков додаде дека Москва чека некакви податоци, кои би укажувале на нејзините планови за ескалација околу Украина. „Ние живееме во свет на лажни обвинувања, лажни новости, во светот на лаги“, рече тој.

И навистна во моментов во светот се води пропагандна војна меѓу Западот и Русија. Медиуми ширум светот се вклучени во неа. Па дури и кај нас. Од Белиот дом беше лансирана веста дека руска инвазија врз Украина се очекува од средината на јануари до средината на февруари. Џен Псаки, портпаролот на Белиот дом изрази загриженост „поради тоа што руската влада подготвува инвазија. Тоа веќе сме го виделе и не враќа во 2014 година, вклучувајќи саботажи и информативни операции за обвинување на Украина дека подготвува непосредни напади на руските сили во Источна УКраина..“ Рускиот одговор на ова беше повик Американците да работат врз давањето суштински гаранции за безбедност кои ги предложи руската страна. И двете страни играат топло-ладно политика. 

ПСИХОЛОШКА ВОЈНА

Па така во Русија може да се сретнат искажувња дека „доколку САД се откажат од условите за безбедност и неширење на НАТО, тогаш тие ќе бидат истиснати од целиот свет! Тоа не е војна – ние не зборуваме за САД, дека ќе ги нападнеме. Тоа едноставно значи дека во соседството, подалеку, во цел свет нема да водиме преговори, туку ќе ги браниме нашите позиции, а во тие рамки и со воена сила. А руските вооружени сили денес се најдобри во светот. Тие не се големи, но се најдобри. И на Американците, кои бегаат од секаде, затоа што не успеаја со помош на воени сили да ги решат своите проблеми, тоа им е прекрасно разбирливо“, вели политологот, пропагандист, Ростислав Ишченко. Тој ги споменува и воено-техничките мерки кои беа најавени од Русите во случај да не се договорат со Западот.

Секако дека пропагандата ќе продолжи. Но работите се сериозни. Неодамна САД, а вчера и Канада им препорачаа на своите граѓани без пореба да не патуваат во Украина. Дали и тоа не е делод психолошка војна?  Дали во сето ова нема блефирање? Да се чека кој прв ќе трепне. Во Женева преговарачите се „мирисаа“ едни со други. Да почуствуваат кој на што е подготвен. Но блефот е опасен. Можеш да добиеш нешто, но и се’ да изгубиш.  Ако нема блефирање тогаш нема место за спокојство. Тоа го знаат и некои членки на НАТО, како што пишува „Вол Стрит Џорнал“: „ Зад сцената, некои сојузници, особено оние географски блиски до Русија, рекоа дека се огорчени од некои од идеите што ги искажале американските претставници“. Воедно, се прецизира: дополнителна причина за незадоволство било тоа што овие земји за американските предлози дознале од медиумите. Доколку ова е точно тогаш Русија успеала уште еднаш да внесе раздор меѓу државите од ЕУ и НАТО.

Но сигурно е дека ниту САД не можат да кренат рачна и да ги исфрлат Русите од простроријата каде што се водат преговорите. Не се тие САД кои беа до распадот на СССР и десетина години подоцна. САД воени интервенираа, сами и со НАТО, во земји послаби од нив. За да „шират“ демократија. Но Русија денес, иако не е СССР, не е лесен залак. Затоа ќе мора да се бара некаков компромис. А за каков засега може само да се претпоставува.  Ова од причина што, како што пишува „Њујорк Тајмс“, доколку НАТО не попушти Русија може да постави вооружени системи на некои места. Америкнското разузнавање веќе прогнозирало дека Русија ја разгледува можноста за поставување на нови нуклеарни оружја во близината на САД. Тоа се совпаѓа со најавите од Русија, не потврдени, но и не демантирани, дека е можно поставување на оружје во Латинска Америка. Што би значело појава на нова Карипска криза, како во 1962 година. Епилогот од неа беше компромис меѓу САД и СССР. Дали и сега не се подготвува некаков компромис? Тоа може да биде и продолжување на дијалогот, што не е мал успех, ако се има предвид дека беше замрен со години,  но тој да не се одолговлекува. Зашто картите се на маса. Русија даде конкретни предлози и бара конкретни одговори. 

НОВ МИНХЕНСКИ ДОГОВОР

Но компромисот меѓу САД и Русија може да биде на нечија сметка. Некогашниот советник на Путин, а сега експерт во Центарот за безбедносна политика во Вашингтон, Андреј Иларионов, смета дека тоа може да биде и на сметка на Украина.  Па,  една своја анализа ја озаглави  како „ Бајден и Путин подготвуваат нов Минхенски договор. Тие имаат намера да ги ликвидираат најважните алатки за спречување на агресија на Русија против Украина“. Надоврзувајќи се на ова тој,  по женевските разговори, смета дека во случај на зделка меѓу Бајден и Путин членството во НАТО за „новите“ држави би можело да се претвори во „празна лушпа“. Правото на Украина и на Грузија за членство во НАТО би останало, но без фактичка можност за негва реализација. Формалното членство во блокот нема да биде поткрепено со вооружени сили, оружје, елементи на воена инраструктура на САД на нивните тритории. Згора на тоа дел од компромисот би бил притисокот врз Украина од страна на САД, Германија, Франција и други членки на НАТО врз Украина да ги исполни Минските договори, што би значело блокада на процесот на нејзини евроатлантски интеграции, вклучувајќи членство во НАТО. Бидејќи таа не сака да ги спроведе договорите како што се потпишани. 

И додека многумина зборуваат, главните молчат. Нема глас, ниту од Бајден, ниту од Путин. Ќе кажат нешто нивните прес секретари, но тоа не е ништо одлучувачко. Се чекаат Бајден и Путин да кажат нешто. Од средбите во Женева, Брисел и Виена за Бајден најзначајна е онаа меѓу САД и Русија. Средбата Русија – НАТО не е главна. Таму главни се САД. И како што ќе кажат тие, така и ќе биде.  Формата на колективно одлучување ќе се запази, ама суштината е она што ќе одлучат САД. Фактот дека на средбите страните не се договориле ништо не го намалува нивното значење.. Подготвеноста за нови средби и барање на нив на точки кои спојуваат донекаде опжхрабрува.

На американскиот претседател во моментов не му е лесно. Најтешко му е дома. Инфлација невидена за 40 години, раслојување во општеството по политички и етнички признак, коронавирус, а како капак битката со претседателот Доналд Трамп и неговите приврзаници и нивно изведување пред суд. Во Конгресот се многу иновативни и постојано носат мерки против Русија, кои се поддржани во голема мера од Сенатот. Со што се врши „мек“ притисок врз претседателот.На надворешен план се Иран, Кина и најактуелно Русија. И во таква ситуација ќе треба да бара компромиси со Русија! 

Од друга страна не му е лесно ниту на Путин. Она што го бара од Западот е многу голем залак. Да не му застане во грло. Особено што Русите бараат веднаш и во пакет да се реши се’. Но и Путин е дел од компромисот. Сигурно и тој ќе отстапи од некое од неговите барања. Прашање е од што. А ако не се реши ништо? Тогаш некој ќе го обере бостанот. 

Доколку наредниов период се најави средба Бајден – Путин, тогаш може да се наздрави за компромис.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД