20 Април, 2024
0.0255

Чекајќи го Годо, во земјата на бесперспективноста!

Објавено во: Колумни 19 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Нема да го коментирам изнесеното интервју на Љупчо Палевски кај новинарот Васко Ефтов  во  емисијата „ Во Центар“, но, единствено со кое можам да се согласам е дека олигархијата ( во превод читај организираната криминална мафија), кај нас ги контролира политичките елити и политичките процеси. Како во едно преплет црево се поврзани политичките партии и нивните раководства, судии, обвинители, медиуми, невладин сектор, и сето тоа „ преплет црево“ е ставено на менито на бизнис – олигархијата, која  го конзумираше овие триесет години. На крајот, се разбира, секогаш подебелиот стап, го јадеше народот, ни крив ни должен. Се направи се во оваа држава, дури се реши  и незамисливото: спорот со уставното име на нашата земја, и се постигна Договор околку тоа прашање, само едно не- расчистување со организираниот криминал, корумпираноста на целиот државен апарат, и секако  воведување на правна држава. Бидејќи во гомна до гуша се сите погоренаведени. Проституирањето на истите и ставањето на нивните услуги на  бизнис-олигархијата, доведе до таму да имаме и поседување на човечки судбини и животи. Новинари, кои  целиот свој живот одработуваа за „ газди“, на платен список, за судии и обвинители не станува збор, бидејќи едно телефонско ало од претпоставените,  за нив е „ повик од Господ“ и веднаш знаат како треба да пресудат. Таканаречениот невладин сектор, повеќе во овие триесет години плурализам беше или владин, или дил ориентед сектор, а политичките партии кои ќе ја запоседнеа власта и ги користеа полугите на институционалната моќ, стануваа подизведувачи на милионските тендер- бизнис профити на големите газди во оваа скапано-корумпирана држава.

Тешко на тие, што се уште останале во оваа дупка од држава!

 Тогаш, при вакви констелации на односите, што му преостанува на обичниот гол, духовно и материјално разнебитен македонски граѓанин, без разлика на неговата партиска, етничка или религиозна припадност? Па ништо попаметно, освен да си го стегне куферот, и со бугарскиот пасош и авионската карта во еден правец, да фати „ вид виделија“, што викаше баба ми, т.е да побегне што подалеку од тука. Тоа впрочем и го направија преку половина милион наши сограѓани, кои уморени од лагите и празните ветувања во овие триесет години за подобар живот, и за поубав стандард , веќе не можеа и не сакаа да поседат  ниту месец повеќе тука, и не сакаа да потрошат ниту еден ден повеќе од својот живот во земјата на бесперспективноста. Кажете ми дали е нормално, или уште повеќе морално, од бреговите на Атланскиот океан во Португалија, до Владивосток на Дачениот исток, ова парче земја, кое добило по случајност на историјата тапија да биде држава, да  ја има најголема дискрепанца во распонот на богати и сиромашни граѓани, се разбира на штета на сиромасите. Триесет и пет енормно богати фамилии, во последната дупка на Европа, располагаат со околу 4 милијарди долари, што значи  40 % од  брутодомашниот производ на земјата на годишно ниво, а околу 90% од народот, живее со месечни примања од  250-300 еу плата. Не живее, всушност преживува.

„ Зракот светлина“ згасна, и  доби 7 години затвор!

Зракот светлина дека нешто ќе се смени на полето на „ пристигнувањето на правдата“, што многумина граѓани и се крстеа во СЈО и неговата шефица, се распрсна како меур од сапуница, но од меурот не излезе сапуница, туку гнев, резигнираност, бес и разочаранот. Денешните пресуди за Боки тредичи, кој од „ тринаеска “ ќе стане „ деветка“, и другаЧка му, специјалната која доби „ 7 на лото“, се шлагот на трагикомедијата наречена: правда-судство-гонење на организиран криминал. На крајот победија како и секогаш олигарсите, кои замислете, дури може и  да ја тужат оваа држава за нанесување на психичка болка и трауми, што некој се дрзнал, макар и да го отвори прашањето за нивното баснословно збогатување преку ноќ. На крајот, стапот го кркаа и двајцата  будали , кои во зенитот на својот занес и потрес дека се главни фаци во државата, беа на најсмешен начин насамарени и фатени во стапица од најбогатиот Македонец според Форбс. Македонците сме како дезориентирани празноглавци,  без посока и ориентири и како слободни стрелци лутаме низ времето и просторот, без предвидливост на нашите животни патокази. Во уредените и функционалните држави, самата организирана заедница се грижи и го трасира патот на едно човечко битие, дали од неговите најмали нозе, кога е во детска грандинка, па преку формалното образование, и понатаму на пазарот на трудот, каде што треба да се реализира како зрел човек. Институциите се создадени за да бидат во полза на граѓаните, а не како кај нас  да бидат разграбени од страна на тие што ги запоседнале. Никогаш повеќе, македонските граѓани нема да видат сериозна шанса дека оваа држава „ може да ја биде“, и дека останало капка надеж дека нештата ќе се променат. Не, напротив, по „ дифолт“, се повеќе ќе се интензивира масовното бегство и иселување, пред се на младите поколенија, и Македонија ќе станува земја на старци и пензионери. Од таа прогресирачка законометрија, верувајте, колку е да е жално и  трагично, враќање назад нема!

Благојче Атанасовски-политиколог


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок