20 Април, 2024
0.0250

Чичко да влезам со тебе

Објавено во: Колумни 03 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Исказот од насловот, всушност, далеку пред појавата на компјутерите, беше пасвордот на нашите тврдоглави обиди по секоја цена да влеземе на утакмица без пари. Лозинката накнадно се утврдуваше: чичкото стануваше најчесто вујко, роднина од внатрешностастрико или постар братучед. Роднинската врска, заверена со држење за рака, траеше се до влезот на стајање, а потоа откако редарите, ѓоамити ќе поверуваа на тврдењето на повозрасниот гледач,  кој за рака водеше сомустрак со пубертетлиски мустачиња стасан да си извади карта, дека му е род роден и мора со него да влезе,дотичниот ќе шпринтнеше по прашливата нагорнина без да каже фала.

Сурии дечишта стоеја на брегот на реката навивачи што течеше кон Градски-од дрвеното мовче до билетарниците кај помошното и пред золошка, па с# до игралиштето на Работнички. Во себе ја повторуваа прикаската за системот чичко да...., но и пристапот кон чичкото. Ги имаше такви што не сакаа ни да те слушнат, но најчесто со широка насмевка се прифаќаа да учествуваат во режираната едночинка за влагање на една од подотворените врати на Градски, каде што најчесто гостуваше некој од големата четворка-предуслов да има големи турканици и по малку нервоза на влезовите.

Без пари се влегуваше и на други начини. Еден од нив беше да се провреш, првин главата, па рамениците и на крајот долниот дел од телото и нозете на двата влеза на Јужната трибина. Предуслов беше натпреварот да биде почнат, вратите со правоаголните решетки да се затворени, а вратарите и обезбедувањето да се занесени во фудбалскиот натпревар. Покрај храброст за вакв чекор можеше да се решиш ако имаш погодна конституција. Тука мојата маленкост беше хендикепи-рана-ниту мало главче, а уште помалку тенка половина и рамен задник. Еднаш успеав да се протнам некеко, а таму ме пречека цајкан со исукан како сабја димискија пендрек и неколку пати убаво ме испердаши. Долго носев убави модринки, со кои во крајна линија и се фалев, не баре бев некаков дисидент и противник на поредокот!

Пософистицирано влагање шверц беше со таканаречени лепенки. Организирана дружина дојдена уште рано-рано одвреме- навреме успеваше да дрпне од искинатите влезници што вратарите немале време да ги запалат или можеби благонаклоно  им гледале низ прсти. Потоа најчесто на масите во Кермез или во Езерце започнуваше трескавична операција на пребарување и пронаоѓање на делови од влезници што можеа да се состават и залепат, а потоа да се перфорираат за да личат на оригиналните примероци. А тие пак, пустината, беа двојни-еден талон за ФСЈ во Белград, а другиот за домаќинот (веројатно пиоради контрола). Значи за шверцување добиваш две парчиња хартија што ти гарантираат да влезеш како фраер што купил карта.

Во овој систем на посета на фудбалски натпревари не влегуваа колегите што се искачуваа на високите дрвја околу стадионот (не ретко во моменти на големи возбудувања на теренот ненадејно се наоѓаа на земја) за да гледаат прволигашки натпревар џабе и оние од Француски Гробишта кои од голема дистанца, навистина безбедно и со двогледи го гледаа Вардар и противниците седејќи на басамаците што водат кон военото светилиште од Првата војна.

Но, сите заедно, подоцна станувавме  зависници од фудбал! Наздравје, натаму на утакмица само со влезница и никако поинаку. Можеби тоа била тактиката на управата на саканиот клуб, да ни влезе чивијата! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок