29 Април, 2024
0.0288

Чиј популизам води побрзо во криза?

Објавено во: Колумни 14 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Првиот круг од претседателските избори заврши. Резултатите се познати. За дел од населението очекувани, за дел  помалку, за дел неочекувани. Дали реприза на исходот или нова структура на резултати може да очекуваме на 27 април?  Тогаш народот повторно ќе бира, и тоа и претседател и пратеници. Ќе гласа за оние кои повеќе му ветиле. А  ветувањата за волја на вистината не изостануваа ниту во изминатитиот период. Дури и по обем и по содржина, а ако сакате и по структура, дел од нив и се поклопуваа. Во актуелниов натпревар кој повеќе ќе вети, со намера да привлече повеќе гласачи, се покажа дека политичките елити во земјата добро ги познаваат  најранливите слоеви од населението, предлагајќи мерки со кои би им се подобрила нивната материјална и социјална положба.  Притоа се открива дека таквите слоеви се бројни: земјоделци (тутунари, винари, градинари и други), социјалци, студенти, вработените со ниски и потпросечни примања, пензионери, администрацијата...  Соодветно на тоа и мерките се бројни и разновидни. Може да се каже дека опфатот на мерките е, досега, невиден и неочекуван, со оглед на определбата за пазарно стопанисување. Невиден, бидејќи и досега имало прилики да се предложат такви мерки, меѓутоа, не се пристапило кон нивно донесување. Ваквата лавина на ветување не може да се објасни поинаку, освен со потребата за привлекување на што повеќе гласачи. А неочекуван, бидејќи се во толкав голем број и со последици кои, од една страна, секако ќе влијаат врз подобрување на позицијата на потенцијалните корисници на бенефитите од мерките, но, од друга страна, за да се оствари ветеното,  ќе  мора  или да се изврши прераспределба во постојната јавна потрошувачка или да се посегне по нови приходи на државата (преку воведување на нови даноци или повисоки стапки од постојните). Во првиот случај, со оглед на нееластичноста на непродуктивната потрошувачка во буџетот, очигледно е дека ќе настрада инвестиционата, а во вториот случај, дополнително ќе се оптовари бизнисот и уште повеќе ќе му се влошат условите за развој. Нема сомнение дека решение е и ако се пристапи кон зголемување на долгот, но, веќе има предупредувања од ММФ дека тој треба да се намалува. Најдобро би било ако се зголеми стапката на раст на БДП, меѓутоа, предвидувањата за неа се’уште се скромни (и поради меѓународното окружување). Оттука, станува се’ поочигледно дека имплементацијата на бројните мерки, доколку се спроведуваат во реални вредности (корегирани за инфлацијата), задира во темелите на развојот, а неговата динамика и досега не беше на задоволително ниво (се одржуваше со пораст на капиталните инвестиции во градежништвото, финансирани од буџетот). Меѓутоа, ако во нив се вклучуваат и ефектите од очекуваната инфлација, тогаш „добродушноста и издашноста“ на политичките елити набрзо ќе се покаже и како лукава измама, бидејќи ветеното номинално може да се оствари, ама ветените бенефити ќе се истопат, како што се случува и во досегашниот период со повисокиот пораст на трошоците за живот отколку на примањата на вработените и на корисниците на социјална заштита. Притоа, треба да се има предвид дека во јавната потрошувачка веќе има проблеми кога  подобрувањето на  положбата на пензионерите со најниски примања се изврши со прераспределба на средствата кои, по закон,  им припаѓаа  на сите пензинери. Сериозноста од јакнењето на популизмот во сферата на економијата произлегува оттаму што ефектот на мерките не смее да ја премине границата после која страда развојот, бидејќи без развој нема ни задоволителна социјала. Во овој контекст не е случајно што „ветувачите“ ретко даваат прецизни податоци за ефектите на предлаганите мерки, а никојпат нема анализа што тие значат во однос на вкупната јавна потрошувачка и на нејзината структура. Фокусот е во привлекувањето на што повеќе гласачи. Притоа, веројатно се калкулира и со, постизборно отстапување од дел од ветувањата, со образложенија кои и во овој момент  не даваат за право да се користат како „мамки“. Уште посериозно е што како мамка се користи и лицитирањето со зголемување на бројот на вработените - и до 100 илјади за четири години, во ситуација кога можностите за вработување во администрацијата се лимитирани, а условите за проширување на домашните бизниси се доста ограничени, меѓу другото, и поради нерешливиот проблем со огромните меѓусебни побарувања и обврски на стопанските субјекти во земјата, од една страна, и неконзистентната развојна стратегија, од друга. Веќе неколку пати имам потенцирано, дека единствен излез од неповолната состојба во која се наоѓа земјата е развојот на извозно производство. Меѓутоа, и тоа е лимитирано со дисторзијата на домашната и странските структури на цените, преку постојниот девизен курс. И не е случајно што за нови капацитети и нови вработувања говориме само кога странци вложуваат во Македонија. Во досегашната кампања не слушнавме планови за развој од страна на домашни бизнисмени. А прашање е дали без нивно мобилизирање можат значително да се подобрат состојбите само со ангажирање на странците, бидејќи тие увезуваат големи количини стоки, па нето извозниот ефект се’уште нема придонесено позначајно за урамнотежување на размената. Се разбира, грешката не е во странците. Грешката е во тоа што кај нас се верува дека тие ќе ни ги решат проблемите во развојот, наместо да се пристапи кон утврдување на сопствена стратегија за развој, во која странските вложувања се само дополнителен фактор. Имајќи го предвид досега реченото одговорот на прашањето поставено во насловот е недвосмислен- во криза побрзо води политиката која е „подарежлива“, односно политиката на „прераспределба“ која е инспирирана за привлекување на повеќе гласачи, а не е во функција на развојот, како планирана и стабилна социјална политика, зависна од развојните остварувања. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД