26 Април, 2024
0.0269

Ципрас не го убеди Путин за „Преспанскиот договор“

Објавено во: Колумни 14 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Балканскиве лидери од земјите членки на НАТО и ЕУ никако да одработат на изолација на рускиот претседател Владимир Путин. Лани на почетокот на годината со Путин официјално се сретнаа словенечкиот претседател Борут Пахор, а пред нејзиниот крај и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која и годинава беше во „спортска посета“ на Москва. Лани во Москва беше и нашиот Ѓорге Иванов.

Но, многу позначајни беа посетите и средбите со Путин годинава на бугарскиот претседател и премиер, Румен Радев и Бојко Борисов, како и неодамнешната на Алексис Ципрас. Бугарите заминаа на „баци рака“ кај рускиот претседател и добија ветување дека има можност гасоводот „Турски тек“ во Европа да влезе од Бугарија, но за тоа треба да се изборат Бугарите во ЕУ. Русите овој пат бараат гаранција дека нема да се повтори случајот со „Јужен тек“, кога Бугарија под притисок на САД се откажаа од проектот во пет минути до дванаесет, токму од ЕУ.

И пред неполни десет дена во Москва се појави грчкиот премиер Алексис Ципрас. Таа посета и можеше да се очекува со оглед на тоа што годинава се наполнуваат 190 години од дипломатските односи меѓу двете држави. Но, настаните од летоска ги влошија односите меѓу двете држави. Грција протера руски дипломати, наводно се мешале во внатрешните работи на Грција, а конкретно, според грчки медиуми, работеле против Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција. Тоа предизвика дипломатско-политичка криза во руско-грчките односи. Ваквата ситуација, според рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, не задоволувала ниту една од страните, па довела до тоа да се постигне договор за работна посета на Ципрас на Москва.

Ако дипломатско-политичката криза во нивните односи била предизвикана индиректно од Преспанскиот договор, тогаш може да се смета дека токму тој и бил една од точките на разговорот меѓу Путин и Ципрас. Но, рускиот претседател со ниту еден збор, на прес конференцијата по средбата, не даде до знаење дека се зборувало и за тоа прашање. Главно тој зборуваше за економијата. Лани трговската размена меѓу двете земји се зголемила дури за 27 проценти! И тоа при економски санкции од ЕУ и контра санкции од Русија. Годинава до крајот на септември размената е зголемена уште за 11 проценти. Инвестициите на Русите во Грција и на Грците во Русија се околу 700 милиони долари. Грците 50 проценти од гасот го обезбедуваат од Русија и 10 проценти од нафтата. Руска компанија во моментов инвестира околу 400 милиони долари во објекти од туризмот во Грција.

Токму овие последни податоци за Путин беа повод да соопшти дека Русија е подготвена да приклучи грчки компании во инфраструктурни проекти за транспорт на руски гас во Европа по јужниот дел од континентот. А тоа значи Јужна Европа преку Грција да се приклучи на „Турски тек“. Путин смета дека постои голема веројатност тоа да се оствари. Патем, вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го означи официјално почетокот на работите на „Турски тек“ на турското копно. Рускиот претседател смета дека  Трансјадранскиот гасовод(ТАП) кој оди до Италија е речиси готов, а е празен, може да се полни и со руски, а не само азербејџански гас.

За Ципрас ова е прифатливо од причина што сака Грција да биде енергетскиот јазол за Европа за гасот кој би доаѓал од истокот. Нему не му е неприфатлива идејата низ ТАП да тече и руски, покрај азербејџанскиот гас. Што се однесува, пак, до „Турски тек“, Ципрас тврди дека тука Европа има двојни аршини. Од една страна, вели тој, се поттикнува гасоводот, а од друга се прават пречки тој да оди низ Грција и Италија. Но очекува во иднина двојните стандарди да се надминат. Ципрас воопшто не споменува за американскиот притисок врз проектите „Турски тек“ и „Северен поток-2“. И не дава одговор како би се однесувал кога Американците ќе му кажат да не помисли да го прифати „Турски тек“ на своја територија.

Што се однесува до меѓународните проблеми Путин пред новинарите, по средбата со Ципрас; само спомена дека разговарале за перспективите за натамошното градење на односите меѓу Русија и ЕУ, како и за Кипарското прашање. Но затоа Ципрас во овој дел беше по поглаголив. Било разговарано за Сирија за Либија, за вознемиреноста на Грција од вооружувањето на Турција. Според Ципрас, додека е тој премиер, Грција не ја менува позицијата во поглед на Русија под притисок на трети земји. Како пример го посочува  фактот дека Грција не протера руски дипломати околу случајот „Скрипаљ“.

„Грција е членка на ЕУ и НАТО и треба да ги исполнува своите обврски, но сметам дека која било архитектура на безбедноста, која било иницијатива за решавање на меѓународни проблеми не може во себе да не ја вклучи Русија. Тоа е позицијата која што јас ја озвучувам последните три и пол години на сите меѓународни европски форуми на кои учествувам, како пример на Грција“, рече Ципрас, на задоволство на својот домаќин.

Причината за влошување на односите меѓу двете земји летоска не може да се одбегне на вакви средби. Тука Путин му помогна на својот соговорник. За рускиот претседател е важно да се каже дека Русите на почеток не биле согласни со тоа врз која основа се протерани дипломатите. За него глупост е некој да помисли дека Русија прави некакви махинации против Грција. Но ако специјалните служби од двете земји имаат да си постават некое прашање има многу начини, без театарски гестови, смета Путин и се надева дека таа страница во односите е затворена. А треба да се гледа кон соработката на двете земји во економијата. Со ова тој му ја олесни на Ципрас работата, па и тој пред новинарите истакна дека верува дека тоа прашање е решено.

Но, ако тоа е решено не е се’ решено околу Преспанскиот договор. Путин, не кажува ни збор. Но, затоа Ципрас го стави во делот од разговорот за Балканот, регион каде што стабилноста и развојот за Грција имаат првостепена важност. „Господинот Путин ми даде можност да ја објаснам позицијата на грчката страна за особено острото и чувствително прашање за името на земјата на нашите северни соседи. За Грција  и за грчкиот народ, тоа е првостепено прашање, соседната страна да нема уставно име “Македонска Република“, „Република Македонија“, бидејќи за нас тоа име и историјата, која го носи со себе тоа име – тоа е важен дел од нашето историско и културно наследство. Имено, затоа јас сум уверен дека постигнатиот договор го постави врз праведна основа проблемот, за кој беа неопходно многу години да се реши “, соопшти Ципрас.

Дали Ципрас го убедил Путин да ја промени руската позиција кон ова прашање. Засега сигурно не. Затоа вели, грчкиот премиер, дека му била дадена можност да ја објасни грчката позиција за него. Ставот на Русија нам ни е јасен, а уште појасен му станал и на Ципрас. Путин кога го прими претседателот Ѓеорге Иванов ја спомна Македонија како извор на словенската писменост. Тогаш се налутија Бугарите. Грците премолчија. Неодамна руското МНР соопшти дека за нив Македонија секогаш ќе биде „Република Македонија“. Исто така неколку пати посочија дека Преспанската спогодба и да биде усвоена ќе треба да дојде во Советот за безбедност на ОН. Веројатно истово ова Путин му го соопштил на Ципрас. Ако имаше некоја новина-промена во рускиот став, грчкиот премиер ќе ја соопштеше на сет глас. Кога молиш некого не треба да го лутиш. Така е со големите. Независно дали се од Исток или од Запад. Поаѓаат од интересите. Почитувањето на меѓудржавни договори и на меѓународното право е за малите играчи.

Лобирањето на Грците во иднина сите држави да ја викаат Македонија, „Северна Македонија“ нема да престане. Засега тоа како да оди во „мртва“ соба. Нема ни ехо, нема ни чујност. Иако, некои држави, САД на пример, велат ќе го почитуваат таквиот договор.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД