Добивај вести на Viber
Министерството за транспорт и врски, пушти во собраниска процедура, измени на Законот за внатрешната пловидба. Cо нив се предвидува, во случаи на непридржување на ограничувањата за забрана за пловидба, но и ако со пловниот објект се превезуваат повеќе патници од дозволеното, ако брод се натовари надвор од границите на дозволеното оптоварување, но и ако сопственикот не обезбеди појаси за спасување за лицата што се наоѓаат на пловниот објект или, пак, ако управувањето со чамец го довери на лице што нема уверение за управување со чамец, да може привремено да се одземе пловниот објект.
Како што пишува Дневник, тоа значи дека сопствениците на глисери, чамци, кајчиња, скутери и други пловни објекти кои може да се видат на нашите езера, во иднина, за одделни прекршоци, освен што ќе може да бидат казнети со високи глоби, ќе може привремено да останат и без своите „превозни средства“.
Во измените на Законот се наведува дека инспекторот за безбедност во внатрешната пловидба е должен веднаш да поднесе барање за поведување прекршочна постапка, а најдоцна во рок од 48 часа од денот на одземањето на пловниот објект и да го извести судот за извршеното привремено одземање. Одземените пловни средства ќе се чуваат на места определени од Kапетанијата.
За сите овие случаи се предвидени и високи глоби кои се движат, од 6.000 до 8.000 евра ако сопственик на пловниот објект е домашно правно лице, од 3.000 до 5.000 евра ако сопственик е трговец-поединец и за физичко лице казната е од 800 до 2.000 евра.