14 Мај, 2024
0.0287

Да бидеме луѓе – пред сѐ и над сѐ!

Објавено во: Колумни 16 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Злокобноста е вчаурена во нашето национално ткиво, да добро читате, злокобност, фрустрација, негативизам и егоизам се длабоко вкоренети во битот и тлеат и го подриваат убавото, милното, доброто, колективното, националното. О Господе, знам дека како верник не треба напразно да го споменувам името твое, но гледајќи ја сета бедотија која деновиве низ слика и прилика имав можност да ја восприемам,  се дрзнувам да се повикам на тебе, како морална икона, како морален деец да му дадеш на народот ум и разум за освестување и отрезнување, за враќање кон исконското, кон доброто, кон позитивното, кон моралното. Кога говорам за бедотија и сиромаштија, не мислам на нив како економска категорија, напротив, беда и сиромаштија на духот, олицетворение на она за што сведоци сме, за ситноста и малициозноста на говорот и дејанието на некои луѓе, за постапките на повиканите, за односот на институциите. И не само денес, сиве овие години полека си ја продаваме душата на ѓаволот Да не бидам погрешно сфатена, но транзицијава, која ја боледуваме повеќе од дваесет години, ни ги откинува дел по дел оние добри мисли и постапки, позитивни емоции и дела кои не ставаа на пиедесталот на рационални суштества кои умеат соодветно да се справуваат на сите ветропири кои ги навјасуваа. И не само денес, сиве овие години полека си ја продаваме душата на ѓаволот, Мефистофел се всадува во секој од нас и како коров ни ја прекрива убоста и добрината со која сме надарени и која ни е исконска. Заборавивме да се смееме, заборавивме да помагаме, заборавивме да подадеме рака на беспомошниот, на послабиот, на оној кој има чиста душа и срце, но се бори секојдневно за парче леб- за себе и своите најмили, заборавивме да љубиме...Та нели сме верници, та нели сме доследни на максимите кои ги прокламира нашата вера, та нели сме родољуби, та нели сме луѓе пред се и над се.... Вербата во доброто и позитивното мора да надвладее Времето си го чини своето, а ова денешново е време-невреме, време кога она што е добро, доблесно и позитивно се поттурнува и маргинализира, а на површина испливува злото, во најсилната и најболна смисла на зборот....Но до кога егоизмот ќе го надвладее алтруизмот, индивидуализмот ќе го надвладее космополитизмот, до кога нормалното полека ќе станува патолошко, а патолошкото ќе станува нормално.... Вербата во човечкото, вербата во умното и паметното, вербата во доброто и позитивното мора да надвладее, бидејќи ако се продолжи по патеката по која сме тргнале, единствениот излез е, простете ми на вулгаризмот, во бестрага. Не сме ни доволно свесни за она што ни се случува, не сме ни доволно свесни дека се оттуѓуваме полека едни од други, се осамуваме, не голта суровото секојдневие кое го битисуваме и така ден по ден стануваме изолирани поединци во ова наше општество.... Ние сме како пиреј, како троскот, колку и да не негираш и корнеш, не се откориваме, издржливи сме и на бури и на невремиња А кои сме ние, а какви сме ние, а што сме ние...о горди родољуби, чесници и добронамерници, патриоти и авангарди, добри луѓе кои со чиста мисла, отворено срце и искрена душа си ги љубат ближните, си ги сакаат луѓето, си ја милуваат државичката во која живеат...е такви сме биле и треба да останеме, треба да се вратиме на корените, треба да се сетиме на сета онаа традиција која не одржувала век вековите и треба да го вратиме она достоинство, пред се човечко, да ја вратиме насмевката и добрината кај обичниот човек. Сите позитивности, сите убости, сите радости, сите емоции кои го оплотуваат и оплеменуваат човекот не се исчезнати и заборавени, само се некаде скриени и тлеат-длабоко во душичката и доволно е искра и миг да бидат распламетени. Великанот Петре М. Андреевски на себесвојствен начин ќе воскликне и истакне дека ние сме како пиреј, како троскот, колку и да не негираш и корнеш, не се откориваме, издржливи сме и на бури и на невремиња, на моменти сме втиснати и немо сведочиме за настани, но пак не има, но на моменти избликнуваме. Бидете патриоти во вистинска смисла на зборот Она што сакам да го порачам е да го вратиме духот и човечноста која нам не ни е туѓа, да се вратиме на нашето-исконско, да се вратиме како вистински добродетели кои умеат со срце да љубат и со душа да милуваат, да ги заборавиме несогласувањата и разликите...нема веќе наши-ваши, нема веќе мои-твои, нема веќе тој таму припаѓа идеолошки а јас спротивно на него...Има нешто многу повозвишено а тоа е националните цели, националното е пред се и над се и она што е највредно е нашето национално богатство. Е тоа е она што не прави горди и што покажува и докажува кои сме, од кај сме и до кај сме, тоа е она што не прави моќни пред другите, тоа е она што ни го храни духот и избиструва разумот. Мили мои родољуби, бидете патриоти во вистинска смисла на зборот и правете се во името на повозвишените цели, само добрите дела се показ и доказ за нашата човечност. П.С.1. Вознемиреноста која ја чуствувам и која се проткајува низ пишаниот збор е уште резултат на сета онаа прашина која се крена за нашето национално богатство-нашата културна и уметничка благодет Вања Лазарова. Едно се запрашував, дали оваа наша национална икона, која ја отпеа ненатпеаната со маки сум се родила во филмот на Милчо Манчевски Пред дождот (добитник на златен лав) треба да конкурира за државна награда за да добие национална пензија? Јад и чемер секој добронамерник го навјаса кога ја слушна приказната за Лазарова, а таа е една од неколкуте кои заслужуваат највисоки државни почести, таа е амбасадорка на културата и нејзините песни се доказ за нашето културно богатство со кое ние треба да се гордееме. Нека биде само пример за идните генерации кои треба да учат на грешките на сегашните, како треба да се третитра национален уметник кој сиот живот творел и битисувал за милата ни државичка. П.С.2. Мој херој на неделата е Огнен Јаневски од ТВ 24 Вести...Малкумина ја имаат таа нит на доблесност и човечност да препознаат вистински вредности и да се однесуваат во склад со нив. За добрината и хуманоста која ја покажа на дело Огнен и кој покрена лавина од реакции секоја чест и за тоа мојата маленкост ти се поклонува. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка