19 Март, 2024
0.0252

Да бидеме сигурни во банкарскиот систем и да се вакцинираме веднаш!

Објавено во: Колумни 06 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Ако се анализира подлабоко, несомнено може да се каже дека јавната потрошувачка оствари најголем позитивен придонес кон промените во годината на БДП. Тоа е така, ако знаеме дека буџетската поддршка е драстично зголемена (во оваа и минатата година) на здравствениот сектор за справување со пандемијата. Дополнително на тоа, позитивен придонес врз јавната потрошувачка имаат бруто-инвестициите во делот на градежната активност. Негативно, пак, како стапка во БДП за јавната потрошувачка се одразува извозот на стоки и услуги. За ваквата негативна тенденција, како главен причинител го наведувам ефектот од состојбите на економските движења на земјите во еврозоната. Имено, таму падот на економијата од 6,8% се забележа во измината година, со тоа што, исти такви тенденции преовладуваа за првиот квартал во 2021 година. Практично, во услови на продолжени рестриктивни мерки, денес, таквата динамика на неповолност на состојбите во економијата се очекува да имаат и во кварталот број 2. Ако се погледне состојбата во Германија, како наш најголем трговски партнер, може да се забележи дека падот на економијата е нешто помал од оној на еврозоната или изнесува 5%, додека за 2021 година, состојбите упатуваат на слични тенденции во економијата, пред сѐ поради рестрикциите кои имаат силни неповолно влијание врз услужниот сектор. Охрабрува податокот за позитивните тенденции во германската економија кои се влечат од индустријата. Таму се забележува раст.

Во 2020 година, официјалните анализи и извештаи за македонската економија предвидуваа (и така се покажа) дека БДП ќе биде на подобро ниво на стапката на негативен раст од земјите од еврозоната. Тоа, подразбира пад на економијата од околу 4,9%. Од стојалиште на денешната перспектива, состојбите може да имаат малку подобрена стапка на домашната економија за 2021 година, иако, сите ние, во декемвриските анализи имавме проекции за раст на економијата во оваа тековна година, со стапка нешто слична на таа од пред кризата во 2019 година (околу 3,9% раст). Но, како што се одвиваат состојбите, а се позасилена е динамиката на новиот т.н. „Британски сој“ на вирусот, кој би рекол „коси“ се пред себе, ваквите анализи ќе се корегираат за сметка на одложувањето за најмалку два квартали, на исцрпувањето на последиците од пандемијата, а во насока на: закрепнување на активноста на капацитетите ориентирани кон извоз, растот на расположливиот доход и зголемената склоност за трошење на домаќинствата, како и приливот на нови странски инвестиции и засилената реализација на јавните инфраструктурни проекти.

Во изминатава недела, еден дел на мои деловни колеги, пријатели и бизнисот претприемачи, познавајќи ме, како активен чинител во полето на организација и имплементација на неформална едукација во банкарството и финансиите (повеќе 6 и пол години преку АБИТ), ми поставија неколку прашања, а во насока на стабилноста и перформансите на банките, со особен осврт на некои од нив, кои се повисоко рангирани во редоследот по силина на пазарот. Според тоа, можев да забележам, кај дел од нив една блага или скриена би рекол, загриженост. Токму, за таа цел, денес, во писаниево сакам да подвлечам неколку силни факти за банките. Имено, да не се разбереме погрешно, јас немам намера да бранам ниту еден приватен правен субјект кој работи за стопански цели. Туку, напротив, имам намера, и тоа силна, еве ако милувате со други зборови, имам патриотска намера (и си ја сакам оваа македонска држава) да ги кажам објективно и гласно фактите, кои, се јасни и силно изразени во официјалните берзански податоци за перформансот на банките, како и извештаите на регулаторните тела. 

Оттука, најпрво би започнал со тоа дека сите ние сме со силен копнеж за ослободување на состојбата со пандемијата. Како што напишав и неодамна, кај сите нас, преовладува едно чувство на „чекање од нешто да се ослободиме“. Но, нема да оди брзо. Имено, после оваа состојба со лошите статистики на починати, зрак надеж е вакцинацијата, и тоа, само со силно почитување и строга дисциплина за време на јазот (гапот) меѓу времето на примањето на првата и втората доза. Тука е грешката на повеќето граѓани во соседството – во пребрзото опуштање после првата доза на вакцина. Како што вели мојот почитуван професор на магистерските студии, Драган Даниловски, ако го добиеме вирусот во телото, негативните ризици за организамот се илјадници пати поголеми и полоши во размер од 1 наспроти 5.000, во споредба со оние, кога ќе ја примиме вакцината, а да се појават несакани појави. Сите познати виролози, па еве ако сакате и германските (Дростен) упатуваат на апели за не-одбивање на вакцините (читај: АстраЗеника). Од стојалиште на економист, кој има грижа за економијата, а првенствено за човечките животи на македонските граѓани, сметам дека сите типови на вакцини се екстремно добри, и нема друга алтернатива, освен - масовна вакцинација на секој човек.

Второ, за банките, нема причина за страв, тука мислам на оние иматели на депозити, па и за сите останати граѓани. Во тој контекст, упатувам силна порака за сите штедачи: бидете сигурни во македонскиот банкарски систем. Тој е стабилен!

Имено, за таквата состојба гарантор е регулаторот и позитивните информации во финансиските извештаи на банките. Банкарската индустрија е една од највеќе регулираните професии во системот наречен „држава“. Ако го потцениме тоа, ќе ја потцениме и државата. Во насока на ова, еве ќе ја земам една од најголемите и најпрофитабилни банки, со доминантен капитал од соседството. Практично, таа банка, веќе низа години наназад има силни и стабилни профити, наталожени како акумулација на добивка и истата, во година на криза, бележи рекорден раст на нето добивката, во износ од 35,4 милиони евра (во 2020 година). Во 2008-та, се сеќавам, за време на должничката криза или ако милувате глобалната финансика криза, нашиот сосед на југот, кој сега ни станува силен стратешки парнер, поминуваше во низа монетарни искушенија, па дури ни тогаш, „мајката банка“ во Атина, немаше, ама баш никакво право да бара повлекување или загрозување на капиталот и перформансите на „ќерката банка“ во Скопје. Според тоа, ако тоа беше стабилно во 2008 година за нас, денес, состојбата е перфектна. За ваквите тези, друг показател е вкупната актива на банката, која изнесува 1,72 милијарди евра и е за 6% повисока од минатата година пред пандемијата (2019). Состојби на пораст има во скоро сите параметри за успешноста и профитабилноста.

Трето, но не и најмалку важно е да не заборавиме, сите ние, па и оние критичарите и пишувачи на лажни вести за состојбите во банкарскиот сектор дека банките беа активно вклучени во низа мерки за економска поддршка во екот на оваа пандемија. Поточно, сите банки беа, и сѐ уште се активни помагатели на најзасегнатите категории на граѓани, со нивно непречено ставање на располагање со целиот сет на банкарските услуги и инфраструктура на филијалите. Да не заборавиме, сите банки се вклучија во сите општествени активности на Владата, како и сите мерки предложени од Народната банка за овозможување на одложување на отплата на кредитите на населението и компаниите. Знаете, има една стара изрека, која вели: „Лузните се тука, за да не потсетат дека нашето минато било вистинско“.

На крајот, уште еднаш, силно апелирам, до сите оние граѓани или правни лица, кои несвесно или свесно, сеедно, и нанесуваат штета на државата со ширеше на лажни вести во индустријата банкарство – упатувам ЗАМОЛНИЦА за внимателност при давање на јавни коментари за банкарскиот сектор, особено во контекст на неговата кондиција. Поточно, би подвлекол дека не смееме да даваме лесно, слободни писанија и јавни коментари за состојбите на депозитите или кредитирањето на банките, а за тоа, претходно, да не сме се повикале на официјалните извори.  

проф.д-рСиниша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?